Детската игра е сложен и сериозен изум

19.01.2021 14:23
Детската игра е сложен и сериозен изум

 


„Денешните деца не знаат да си играат, по цел ден седат на компјутер и играат видео-игри“, гласи една од најчестите забелешки на возрасните за начинот на живот на најмладите. „Тоа и е и не е точно. Компјутерските игри се игри на денешните деца. Проблемот е во тоа што таквите игри не го развиваат оној вид на физички и ментални способности кои ги развиваат традиционалните игри“, вели Љубица Сикимиќ. Таа вели и дека „не се децата виновни што не играат ластик, криенка, народна и слични игри, туку нивните најблиски се виновни, затоа што не им покажале. Неволјата е во тоа што и нивните родители не се сеќаваат.“

Љубица Сикимиќ е педагог, писателка за деца но пред се’ е собирачка на детски игри. Она што Вук Караџиќ го направил за српската народна книжевност, тоа Љубица Сикимиќ го направила за детската игра. Објавила четири богати збирки: „Детските игри некогаш и сега“, „Детските игри вчера, денес, утре“ „Игрите мои и твои“, а пред неколку месеци и „32 игри за секе дете“, во издание на Кретивниот центар.

Подобри луѓе

Детската игри Симикиќ ја дефинира како „сложен изум, кој децата го создаваат по своја желба и потреба за низ него да ги испробуваат и развиваат своите психофизички потенцијали. Секоја, па и наједноставната игра чии содржини и алатки можат да и користат и најмладите деца, може стимулативно и благотворно да делува врз целокупниот психофизички и емоционален развој и децата на најдобар начиин да ги воведе во процесот на социјализација. Може да се рече дека револуционерниот пресврт во растењето на детето е времето околу завршувањето на четвртата година, кога од егоцентрично битие, кон кое е свртено целото внимание на возрасните, започнува се’ повеќе да бара игри и дружење со врсниците. Затоа велиме дека играта на најдобар начин му овозможува на детето да се поврзе со животната околина и да стане учесник во неа. Децата кои си играат низ играта стануваат подобри луѓе, а ние возрасните кои се дружиме со деца стануваме потолерантни и подобри, бидејќи го примаме нивниот отимизам и полесно решаваме некои важни животни задачи.“


Што е традиционална игра? Сикимиќ вели дека тоа се „сите оние игри кои децата со векови пред нас ги создавале и ги пренесувале усно од генерација во генерација, па така стигнале зачувани до нашето време.“ Како една од најстарите, од времето пред игрите забележани од Вук Караџиќ, го наведува фрлањето камен од рамо. „Прво се израмнува теренот, земјен а не бетонски, и се обележува линија за старт. Потоа се избира камен кој може да го подигнат и да го фрлат сите играчи. Со изговарање бројалица се одредува редоследот на фрлачите. Во главниот дел од играта се одредува фрлање со камен со една или со двете раце, од залет или од местото на стоење. Искусните играчи ги усложнуваат задачите така што во далечината поставуваат мета до која треба да лета каменот и да ја погоди. Прекршителите на правилата се казнуваат со исфрлање од играта. На крајот се прогласуваат најуспешните играчи и со цел смирување на сите играчи започнува да се пее заедничка песна.“

Од старите игри, во неизменет облик, биле сочувани игри или групи игри како криенка, пипни-стој (или шуга), трула кобила, челик, крајцарица (не сум сигурна дали во Македонија сме ја играле играва - заб. прев.)... Сикимириќ вели дека децата на училишна возраст и денес ги играат овие игри, а помалите од нив ги играат „ринге ринге раја“, „иде маца поред тебе“, „царе царе говедаре“ и други.

Повеќето игри ги создале деца, но не ги знаеме имињата на тие мали автори, вели Сикимиќ. „Детските игри никогаш не познавале граници, освен некои кои се специфични според местото на изведување, средствата кои се користат во играта, или говорните изрази врзани за некое географско подрачје, па можеме да им одредиме место на настанување.“Пренесувајќи ги усмено, тие се менувале. „Обично била проширувана содржината и задачите биле прилагодувани на секоја нова генерација деца, но ниту една од овие промени не ја намалувале убавината и вредноста на некои стари игри. Така на пример, старата игра „леден чичко“, каде чичкото имал задача да го допре и „заледи“ секој од останатите играчи во позата во која во тој момент се нашол, била заменета од играта „ледена кралица“. Во неа еден играч зема за рака еден по еден од останатите, го врти околу себе и нагло го пушта, а тој играч мора да остане во онаа положба на телото која ја имал во моментот на запирањето. На краjoт децата помеѓу себе ја бирале најубавата, најинтересната или најкомплицираната заледена фигура.“

Како добар пример како се надградуваат игрите, Симикиќ ја наведува играта „царе, царе, говедаре, колку е часот?“, која веќе во својот назив носи духовита алузија својствена на децата. Во неа секој од играчите, покрај основното прашање до царот, додава и нешто свое како следните зборови: „Царице, царице, најубава и најмила господарке, со цвет во косата и круна на главата, кажи ми колку е часот?“ Тогаш царот и царицата ги наградуваат оние кои ги прашуваат со големи, мали, глувчешки или слоновски чекор, со кои побрзо или побавно се стига до целта, т.е. до местото на престолот.


Џамлии

Сикимиќ собира детски игри од 1985 година, кога, како што вели таа, професорот Иван Ивиќ од Институтот за психологија при Универзитетот во Белград ги повикал воспитувачите, подагозите и психолозите од градинките од цела Србија во рамки на Светската организација за предучилишно воспитување да работат на собирање традиционални игри. „И, јас се посветив на таа работа. Требаше да тргнам во сите краеви на нашата земја и од децата и возрасните да ги забележам нивните омилени игри. Многу средби завршија неуспешно. Една жена од село покрај Бања Врујца беше желна да се сети на игрите од своето детство, но само повторуваше: „Да, имаше полно игри, имаше игри...“ Многу игри имам забележано и сочувано под интересни околности. На пример, во разговор со една постaрa селанкa коja ja сретнав на падините на планината Јавор тешко дојдов до играта, бидејќи на почетокот од нашата средба говореше дека тешко ќе се сети на своите омилени игри од детството бидејќи играта е ‘палава’. Ја чекав и правев паузи во запишувањето на секоја игра кога ќе заминеше во стадото да врати понекоја немирна овца. Дури кога на планинската патека се појави поштарот од тој крај, заедно успеавме да ја приведеме кон крај целата игра.

Ја молев Десанка Јечменица, помошна работничка во една кафеана на падините на Златибор да ми каже која игра ја сакала во детството. Жената раскажуваше работејќи си ја работата, а јас трчкав по неа од кафанскиот подрум до кујната водејќи сметка да не ја прекинувам во работата и така од неа ја добив целата игра. Од својата тераса гледав и слушав една баба во Белград како им покажува на внуките и на децата од соседството една игра. Таа игра на некој начин ја украдов. Се случуваше некој од луѓето во ТВ репортажите заедно со темата земјоделство спонтано да си споменат за своето детство и некоја детска игра од тоа време и таа игра да ми се допадне, па да ја запишам за денешните деца! Со задоволство се сеќавам на господинот Егон Штајнер, кој како момче преживеал логор во Дахау и знаеше многу игри со џамлии, и госпоѓата Ема Матиќ, музички педагог, кој ми помогна со ноти да запишам неколку стари детски игри со пеење и движење. И денес се прашувам зошто игрите со џамлии биле само за момчиња кога им се допаѓале и на девојчињата.“


Мислењето дека денешните деца не се заинтересирани за традиционални игри и дека не смислуваат нови, според Сикимиќ, не е точно. „Во емисијата ‘Фамилиологија’ на Првата програма на Радио Белград, Весна Чоровиќ Бутриќ наведе називи на две детски игри кои јас ги немам запишано. Тоа значи дека децата и денес создаваат игри и, уште поважно, децата си играат. Потоа, група деца од една белградска градинка која од понудените игри во збирката ‘32 Игри за секое дете’ веднаш одигра три игри, а повеќето веќе ја знаеја стара игра ‘царе, царе, говедаре’... Сигурна сум дека денешните деца би ги обожавале традиционалните игри. Џамлии, на пример, во разни бои и големини. И сега децата би можеле да ги светнат тие чудесни топчиња, со кои некогаш беа полни детските џебови. Треба само некој да им покаже.“

Извор: Vreme

 

ОкоБоли главаВицФото