Како лавот стана статист

20.01.2021 02:18
Како лавот стана статист

Фотографијата од зимата 1928 година го прикажува моментот кога се создава познатото лого за холивудското филмско студио Метро Голдвин Маер (МГМ). Лавот Џеки, како маскота на оваа компанија, имал задача гласно да рика во камерата, а таа снимка, исто како и денес, да му претходи на секој филм и ТВ програма настанати во ова студио.

Впрочем, МГМ во текот на историјата користеше повеќе лавови - иако нивната маскота вообичаено се нарекува Лео Лав, се работи вкупно за осум различни животни. Џеки е роден 1915 година во дивина, во Савана, во земја во која популацијата лавови денес има само околу 300 животни, но животот го помина во Калифорнија.

Џеки беше втора по ред маскота на МГМ, а се појавуваше на почетокот на сите црно-бели филмови снимени помеѓу 1928 и 1956 година, меѓу кои е, на пример, Волшебникот од Оз (1939). Покрај тоа, Џеки глумеше во повеќе од 100 филмови, меѓу кои е и Тарзан, позираше покрај Грета Гарбо и преживеа речиси неверојатни околности, вклучувајќи и два судари на воз, земјотрес и експлозија во студио, а покрај овие неверојатни случувања, преживеа и четири дена среде „недојдија“ во Аризона, за само неколку сендвичи.

Иако звучи како Џеки и неговите колеги да извршувале гламурозна работа во Холивуд, нивната судбина е подеднакво тажна како и судбината на другите лавови во заробеништво.

За помалку од еден човечки век, од времето на Џеки до нашето, бројот лавови опадна од 450 000 на 20 000, колку што има денес во дивината на Азија и Африка - во саваните, шумите, џунглите, на каменестите ридови, па и во пустините. Најголем број од нив живеат во Танзанија. Во 26 африкански држави воопшто ги нема, а проценката е дека без одредени драстични промени во начинот на заштита на лавовите, овие животни би можеле сосема да исчезнат за околу 30 години.

„Го следев графиконот кој ја покажува популацијата на лавовите во последните 50 години и го споредив со графиконот на човечката популација. Резултат: секогаш кога ќе додадеме милијарда луѓе на нашата листа, популацијата на лавовите се преполовува“, наведува Дерек Жубер, автор на мноштво документарни филмови и статии за африканската дивина.

Според студијата објавена во септември 2019 година, околу 70 проценти од лавовите во Јужна Африка живеат во заробеништво. Додека во дивината на оваа земја ги има околу 3 000, во кафези живеат 7 000 (некои проценки говорат дури за 10 000). Оваа бројка ненадејно порасна во последните децении - како што наведува Иан Мичлер, сафари оператор, новинар и конзерватор, таа бројка драматично скокна во последните години: 1999 година во Јужна Африка имаше помеѓу 800 и 1 000 лавови во заробеништво, а веќе во 2005 година помеѓу 3 000 и 3 500.

Половината од овие 7 000-10 000 лавови кои живеат во кафези се користат за да привлечат туристи, а повеќето се одгледуваат за да бидат убиени. Само во оваа земја, наведуваат во организацијата „Four paws“, има повеќе од 300 фарми за лавови, на кои новородените лавови за неколку дена се одвојуваат од мајките за да се навикнуваат на луѓето - туристи. Некои од тие лавови служат за да бидат убиени и да станат трофеи на ловците-туристи.

И најпосле, кога ќе биде убиен ваков лав, кога ќе умре во морничави услови од болест и глад, затоа што е потрошен после безброј парења и одземања на малечките, или затоа што нападнал човек, неговото тело се касапи и неговите коски се вадат, се сушат, а потоа се продаваат.

Имено, трговијата со коски од лав, впрочем, е легална, доколку се работи за лавови од заробеништво, но постои и црн пазар. Тоа е релативно нов и профитабилен бизнис - коските од лав се користат во традиционалната кинеска медицина кога има недостаток на коски од тигар. Имено, виното од коски од тигар најмалку 1 000 години се користи за лекување ревматизам. И други делови од ова животно се употребуваат за подготвување разни напитоци од кои, велат надрилекарите, силата и храброста од мртвите животни се пренесува на човекот.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото