АДАМС

20.01.2021 17:42
АДАМС

 

  Никогаш не сум можел да го сварам Адамс, и, еден ден, ете ти го ‒ по гаќи ми стои во кујна. И тоа свртен накај собата на децата! Така, го бапнав по тилот и оп, падна. И ете, стана, пак го бапнав и пак падна. Го стркалав по скалите и надвор во пролетната кал му реков, Те видам ли уште еднаш ‒ жими мајка, не знам ни што да ти кажам, ти ебам гнасата.

Карен се врати дома. Ја тргнав на страна. На кратко: Заклучи сé, а ако е он дома, децата не излегуваат.

Ама после вечера, ми дојде некоја мисла: Човеков си доаѓа по боксерки, а јас тука седам и го трпам ова? Љубов ли е? Љубов кон моите деца? Пошто што ако? Што ако кикснеме? Што ако некое дете излезе, или он влезе? Не, не, не, нема шанси, нема теорија.

Па отидов кај нив и реков, Кај е овој бе?

А Лин ми рече, Горе, зошто?

Се качив и ете ти го стои пред огледало, уште во тие мочани гаќи, ама сега со маица, и дур се сврти го бапнав. Пак тресна и ете го проба да се извлечка од собата, ама го згазив врз грб.

Само уште еднаш да те видам, реков, абе само уште еднаш.

Сега сме квит, рече. Ти влегов дома и ти ми влезе мене.

Само што јас носам панталони, кажав, и малце го подбапнав по главата.

Епа таков сум си, рече.

Е тоа ја прели чашата! Ми призна бе! Пак му ја удрив уште една, како што Лин влезе, почна да вика, Немој бе, Роџер, бе. Роџер бев јас. И тогаш тој стана. Тоа ме уби! Тој да станува? Против мене? И пак ќе го бапнев, ама таа рипна, божем ќе нé двои. За да го удрам морав да ја избуткам буквално, и ко за беља таа се лизна, падна, и еве ја лежи, со крената сукња – а овој па лут. Мене лут! Он по гаќи, гледаше кон собата на моите деца, и он мене лут? Многу ноќи сум слушал секакви бапкања и тапкања од куќата на Адамс, а таа без воздух, Франк, Исусе, Жена сум, ме повредуваш, а и децава гледаат, и така натаму.

Пошто си е таков човекот.

Пак ја бапнав и оваа се тетерави накај мене и ми цвили, Те молам, те молам, и сега, требаше пак да ја бутнам доле, не онака грубијански, туку само за да седи мирна, и како што сум баксуз баш тогаш децата влегоа со трчање – овие деца Адамс, баш се глумци, цело време си прават мјзикли во двор, и што сé не. Драматични се, знаете. Мамичка, Татичко! И, океј, беше малку жално, па пробав да си одам, ама застанаа на врата, целите такви, Не знаеме кај да се свртиме, во шок сме. Па се избуткав некако до надвор, полека, не бев груб – ми падна жал за нив, повеќе пати го имав слушнато Адамс како им се сили и – ама едното дете клекна на колено, помогнав да стане, а таа проба да ме гризне! Како да не знаеше што прави, ме заболе, ме налути, па отидов кај Адамс кој тогаш стануваше и го треснав во замена за тоа што оваа ме гризна.

Мавни ми ги од тука, му реков. Мавни си ги дечиштава подалеку ‒

Ми требаше воздух, па свртев крукче, ама пак нешто не ми штимаше. Допрва почнува, знаете? Адамс онаму се нервираше, јадеше трици за мене пред децана, што со оглед на тоа што го видоа (мавањето) и тоа што не го видоа (него како гледа кон собата на моите деца, по боксерки), сигурно веруваа во секакви глупости, па си реков, Супер, сега ме мразат и јас сум лошиот чичко во приказнава, и цело лето ќе си играат мајтап, ќе ми го скинат цревото, ќе ми стават сируп во резервоарот, или ќе ми го ‘рчкаат кучето.

Земав искуцав онакви флаери, и напишав, Само да знаете, татко ви ми стоеше гол во кујна, свртен накај собата на децата. Едно им залепив внатре на мрежата за сигурно да го видат кога ќе одат на софтбол после, па земав испопикав едно девет флаери во сандачето, а на останатите го шкртнав „татко ви“, напишав „Франк Адамс“ и ги поделив по сандачињата низ маало.

Цела вечер ми ѕвонеа комшиите, ми викаа, во стил, Барај ги цајканите, Адамс треба да се лечи, чукнат си е, од секад го мразев, можда треба неколку души да му отидеме, дај да ти помогнеме, искулирај. Во тие црти. Мислам, сѐ тоа супер, ама отидов на цигара негде на полноќ, и го видов, си реков, во што се ѕвери, цел таков лут? Во нивните куќи? Не ме заебавај. Гледаше во мојата куќа, со таков притаен поглед, си реков, Кај си зјапнал бе?

Таков сум си, ми рече.

Копиле едно, му реков и тргнав да го бапнам, ама ми избега внатре.

А кога сме кај цајканите, си реков: Што, да чекам да ми влезе пак дома, да викнам цајкани и да се молам дека ќе зјапа во собата на децата, по гаќи, додека да стигнат?
Како не, тоа не е мој стил.

Утредента моето Брајанче, стоеше на задната врата со змајот во рака, а јас ја повлеков вратата и ја затворив, му реков, Не, не, не, знаеш и зошто не може, лавче мое.

Ете ми го сиротото дете, си седи цело попладне со змајчето во скут, и гледа некојси дебилен уметник на телевија, како дрнда, Сенчењето е Еден Начин Да се Создаде Длабочина, Ајде Да Пробаме Да го Примениме Тоа На Трупецот Тука?

После, во понеделник го видов Адамс како оди накај колата и пак ми го даде оној напизденион поглед! Никад никој не ме погледнал со толку омраза. Па уште ми покажа среден прст! Како он да беше во право! Истрчав да го бапнам пак, ама он влезе во колата и тргна.

Цел ден ми се вртеше тој поглед во глава, тој поглед со омраза.

И си мислев што ќе направев јас да бев на негово место? Толку да мразев некого? Епа веројатно, ќе си го држам тоа во себе, и ќе си го собирам и собирам, додека некоја вечер не ми пукне филмот, па ќе му влезам на душманот дома и ќе го заколам сосе цела фамилија додека спијат. Или пиштолот во глава. Стварно така би направил. И вие исто. Такви сме си ние луѓето. Кој ни е крив.

Си мислев, морам да си ја пазам фамилијата, инаку ќе ги носам на душа.

Па се вратив дома порано и отидов во куќата на Адамс кога знаев дека ќе биде празна и им го собрав сето оружје од подрумот и сите мали и големи кујнски ножеви што можат да се наострат, како и острилото за ножеви, отварачот за писма и едно тешко ѓуленце за хартија. Да бев на негово место и да ми ги снемаше сите пушки и ножеви, имаше на душманот да му ја дупнам главата во сон, а и на неговите дома.

Таа вечер спиев подобро сé додека не се разбудив препотен и се прашував што би направил, ако некој влезе, и откако ги бапнал жената и едно од децата, ми ги украл сите пушки, ножеви, острачот, како и ѓуленцето за хартија. Па, си одговорив: Што би направил, би барал како некој луд низ куќата да најдам нешто опасно, на пример боја, разредувач, хемикалии, и после или ќе ѕвонам дома на душманот со отровите и ќе ги запалам или ќе ги истурам во базенот на душманот, што (1) би ја ‘рѓосало лаѓата на базенот и (2) би ги разболело децата на душманот кога ќе се бањаат.

Си ги погледнав децата како спијат, и леле, нема послатки деца од моите, и така во пижами помислив на Адамс како стои по гаќи, па си ги замислив децата како се гушат и повраќаат додека се мачат да излезат од базенот и си помислив, не, не, нема шанси. Не, нема шанси, вака не се живее.
Па, се мушнав низ прозорецот како и попладнето и им ги собрав сите хемикалии што ги имаа по дома, и верувајте ми имаше еден куп, повеќе од што имам јас, повеќе од што му се потребни, разредувач, боја, избелувач, гас, растворувач итн. Собрав сѐ во девет црни кеси и само што земав да ја влечам првата надолу по скалите, еве ти ја цела фамилија, пред мене, дури и децата, ме удираа со закачалки и ме шамараа со книги, ми прскаа спреј за коса во очи, кучето ме гризеше, и како што се стркалав надолу по скалите кон подрумот, си помислив, овие сакаат да ме убијат. Си ја акнав главата од бетонот и видов ѕвезди, и си реков, Не бе, овие стварно ќе ме убијат, и ако ме убијат, нема веќе јадење пуканки со Мелани од иста чинија, нема веќе гледање како Брајан ми се мршти кога си кажуваме лоши шали, нема веќе лежење со Карен да си лежиме, гледање низ прозор, зборење за иднината дури пилињата со жолти клунови леткаат од бандера на бандера. Едвај се исправив и си мислев, Заеби како дојдов овде, веќе сум тука, и треба да излезам, да преживеам. И почнав да мавам каде стигнам, и како што испопаѓаа доле, Адамс и тинејџерот се свиткаа врз најмалото дете, кое, за жал, излета подоста далеку ради една клоцичка што ѝ удрив. Го извадив упаљачот и ја запалив кесата, кесата со хемикалии, и фатив штрафта накај светлото кај скалите горе, кајшто знаев дека е вратата, ноќта, мојата слобода, и мојот дом.



Превод: Ана Илиева, Емилија Кузмановска, Лара Тасковска и Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска

„Адамс“ од современиот американски автор Џорџ Сондерс е сатиричен расказ првпат објавен во списанието Њујоркер во 2004 година. Раскажан во прво лице од нестабилен наратор кој работите ги претставува во своја светлина, а и со тоа ги искривува, тој ја исмејува војната меѓу САД и Ирак, како и барањето оружје за масовно уништување во Ирак од страна на американската влада и заробувањето на Садам Хусеин. Оттаму, „Адамс“ е всушност анаграм на „Садам“. Покрај конкретните случувања кои ги сатиризира Сондерс, овој расказ општо ги тематизира национализмот и нерационалниот страв како причина за агресија и војна.
- Румена Бужаровска

Фотографиите се од краткиот филм „Адамс“ на режисерот Tom Stern

ОкоБоли главаВицФото