Сексуалното образование може да ги научи децата да препознаваат злоставување

21.01.2021 01:29
Сексуалното образование може да ги научи децата да препознаваат злоставување

 Да се вратиме на веста за педагогот-злоставувач. Неговите ученици-жртви биле неми од повеќе причини. Наместо напаѓачот да се срами и да занеми, од срам занемеле тие. Но, срамот не настанал одеднаш. Тие биле вовлечени во однос кој не знаеле како да го именуваат. Педагогот ги злоупотребувал довербата и авторитетот за да им направи нешта кои тие не знаеле да ги именуваат. Кога на крајот се случило најстрашното, тие за жал не се чувствувале како жртви, туку како соучеснички. Оваа поделба на вината која инаку мора да падне само на злоставувачот, е неподнослива за жртвата. Под таа тежина, жртвата останува нема. За да проговори, мора да пронајде зборови. Каде да се побараат тие зборови и на што се однесуваат тие? И дали треба да се случи најстрашното за жртвата да започне да бара начини да опише што се случило?

Напаѓачот ќе го стигне заслужена казна, во тоа не се сомневам. На него се сруши и оправданиот гнев на јавноста. Кога лавината гнев ќе се смири а судскиот процес ќе тргне по својот тек, можеме да се обидеме да осмислиме и да артикулираме зборови за сите девојчиња (и момчиња).

Овде главно со гнасење се отфрла секој предлог за сексуално образование во училиштата. Сексуалното образование главно се заговара како превенција од несакана бременост и како мера за спречување на ширење на полово преносливи болести. Сега гледаме, сексуалното образование би можело да ги научи децата и што е тоа сексуален однос и што значи давањето согласност на тоа – би била една важна тема на сексуалното образование.

Понатаму, во рамки на сексуалното образование би можело да се објасни и што значи чувањето на интегритетот на сопственото и на туѓото тело. На кои се’ начини тој интегритет може да биде нарушен и како може личноста од тоа да се брани. Со такво знаење, девојчињата (и момчињата) би умееле да препознаат и да именуваат во почетните фази она што се опишува како сексуално вознемирување, и без срам да говорат за тоа, бидејќи – зошто би се срамеле од знаење стекнато на училиште. Општо место е дека има изразито компетитивни дисциплини – како спорт, глума или балет, да речеме – каде девојчињата се посебно изложени на сексуално вознемирување. Зарем тогаш не би било добро секој клуб, драмска или балетска школа да има обврска на своите млади членови да им објасни се’ што е неопходно за интегритетот на нивните тела? За основните, средни и високи школи тоа се подразбира.


Во нашите школи и на факултетите, телото и сексот се под табу. Во извесна смисла е воодушевувачка вештината на нашите креатори на курикулумите, и големиот број наставници и професори да избегнуваат да говорат за телото и за сексот дури и кога и едното и другото експлицитно се опишува, да речеме, во книжевните дела. „Сатирикон“ и „Декамерон“, на пример, се во програмите за книжевност, но на часовите и на испитите во врска со тие дела се говори баш за се’, но не и за она што во самите дела експлицитно стои. Слично е и со прочуените монолози на крајот од „Улис“. Студенти и студентките ќе чујат се’ што треба и што не треба за наративната техника на внатрешниот монолог, само не и за што навистина блудничат мислите на прославениот јунак на Џејмс Џојс. Ако телото и сексот се под такви табуа, ако сексот е прогонет од училиштата, тогаш каде младите да научат да кажат што им се случува, особено кога им се случуваат грди нешта?

Тоа знаење, засега, им стои на располагање само во презрените жанрови на популарната култура (како реалити програмите, на пример). Оттаму не чуди што девојчињата (и момчињата) не само што не умеат, туку и кога умеат, се воздржуваат да зборуваат за тоа. Оснажување е и кога потенцијалните (млади) жртви се оспособени да препознаат напаѓачи и навреме ефикасно да реагираат. Не гледам дека училиштата би можеле да имаат многу поважни задачи од тоа да ги оспособат девојчињата (и момчињата) да препознаат и да именуваат злоставување и злоставувачи.

Ако сега се вратиме на прашањето од почетокот: очигледно е дека можеме да аправиме промени и да имаме образовни инструменти барем нешто да направиме и да осуетиме барем некои од идните злоставувачи. Прашањето не е дали можеме да направиме промени туку дали сакаме. Ако избереме дека не сакаме, тогаш и натаму можеме да се прашуваме каква е нашата улога во практично системското злоставување на девојчиња и на млади жени – кои сме ние во таа грда приказна?

Извор: Pescanik