Картел ТикТок и како насилството станува забавно

21.01.2021 15:34
Гламурот на „нарко маркетингот“ и како насилството станува забавно

Мали тигри и полуавтоматско оружје. Купишта пари и оклопни автомобили. Полиња афион кои се наводнуваат со звуци на балади кои ја величаат културата на мексиканските нарко картели.

Ова е светот на Картел ТикТок – жанр на видео снимки кои ги прикажуваат бандите за криумчарење дрога и сите нивни активности, снимки кои имаат стотици илјади прегледи на популарната социјална мрежа „ТикТок“.

Но зад нарко сјајот и членовите на бандите кои танцуваат се крие грозоморна реалност. Мексико и минатата година ги сруши сите рекорди по број на убиства, а експертите тврдат дека „Cartel TikTok” е само последната во редицата пропагандни кампањи кои треба да го замаскираат крвопролевањето и со ветувања за баснословни богатстава да привлечат нови млади регрути, ново топовско месо.

„Тоа е марко маркетинг“, вели Алехандра Леон Олвера, антрополог од Универзитетот „Мурсија“ во Шпанија, која го проучува онлајн присуството на мексиканските организирани криминални банди. „Картелите ги користат социјалните мрежи како платформи за добивање публицитет, се разбира, хедонистички публицитет“.

Оваа содржина кружи по мексиканските социјални мрежи, но дури од неодамна почна да ги затрупува ѕидовите на „ТикТок“ во Соединетите држави и остатокот на светот, отакако снимка со брканица со глисери стана вирална на платформата.

Американските тинејџери ја виделе оваа снимка на страницата што се вика „For You” и на корисниците гледаат препорачани клипови. Милиони ставиле допаѓање и ја споделиле снимката. Нивните кликови само придонеле за успешноста на видеата во алгоритмот кој одлучува што ќе се понуди на страницата „За тебе“. А кога ќе го погледнете видеото, алгоритмот самиот ви нуди цел куп слични видеа кои изгледа дека снимени во Мексико.

„Штом им ставив допаѓање на глисерите, следеа снимки од егзотични домашни миленици и скапоцени автомобили“, вели Рикардо Анхелес, корисник на ТикТок од Калифорнија, којшто особено го интересира картел културата. „Фасцинантно е, како да гледаш филм“, додава тој.

И некои други набрзо го забележале зголемувањето на популарноста на картел видеата и ги објавија своите реакции на поплавата од пиштоли и луксузни автомобили на своите страници.

Дали картелите штотуку ни ја претставија својата ТикТок маркетинг стратегија? се прашува еден вџашен корисник на мрежата, коментирајќи го видеото што го виделе 490 илјади луѓе. „Да не ви влијаеше коронавирусот врз продажбата?“

На прашањето за официјалниот став на ТикТок во врска со клиповите, портпаролката изјави дека компанијата е „посветена на соработка со агенциите за спроведување на законот во борбата против организираните криминални активности“ и дека компанијата ги отстранила „содржините и профилите што промовираат незаконски активности“. Примерите за картел клипови испратени до ТикТок кога ги прашавме за коментар, наскоро беа избришани од платформата.

Картел содржината можеби е нова за повеќето тинејџери кои користат ТикТок, но Џоан Грило, автор на книгата „ El Narco: Inside Mexico’s Criminal Insurgency“, вели дека сè за нарко културата може да се најде на Интернет веќе цела деценија, кога мексиканската држава им објави крвава војна на картелите.

На почетокот повеќето снимки беа грозоморни и насилни – слики на сечење глави кои може да се најдат и на каналот Јутјуб, со намера да се заплашат ривалските банди и да им покажат на владините сили со колку окрутен противник си имаат работа.

Но како еволуираа социјаните мрежи и како што картелите стануваа дигитално поумешни, така и содржините стануваа пософистицирани. Минатата година, по социјалните мрежи се ширеше снимка на која членовите на бруталниот картел „Нова генерација“ од Халиск држеле висококалибарско оружје и извикувале поддршка за својот водач, додека тој ги разгледувал оклопните возила со брендирани иницијали на картелот на шпански C. J. N. G.

Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој во кампањата вети дека ќе се справи со криминалот „со прегратки, а не со куршуми“, досега не успеа да го намали раширеното насилство во земјата. Само во 2019 година биле евидентирани 34.582 убиства.

Некои клипови сè уште се снимаат за да всадат страв, но повеќето имаат поинаква порака: тие треба да им покажат на младите од руралното Мексико колку може да им биде добро ако се приклучат на картел: пари - колку што сакате пари, скапи автомобили, убави жени, егзотични животни. „Сето тоа е прашање на соништа“, вели Ед Калдерон, советник за безбедност и поранешен полицаец во Мексико. „Тие продаваат соништа“.

Вакви снимки кружат на Инстаграм и Фејсбук со години, но ТикТок му даде на жанрот картел сосема нова димензија. „Пораката треба да биде брза, мора да ве привлече, мора да биде вирална. Така насилството станува забавно“.

Извор: The New York Times