Покличот на единството сега ја дели Франција

22.01.2021 01:29
Покличот на единството сега ја дели Франција

Неколку часови по исламистичкиот терористички напад на редакцијата на францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ во 2015 година, се појави слоган со кој им се оддаваше почит на жртвите и се бранеше слободата на говорот. Тој како магија се прошири низ Франција, а потоа и на целата планета.

„Je suis Charlie“.

Фотографиите од слоганот, „Јас сум Шарли“ – бели и светлосиви букви на црна позадина – инспирираа милиони кои маршираа низ Франција, а им се придружија светските лидери и од западниот и муслиманскиот свет. Сите стоеја обединети, како Шарли, против терористите кои веруваа дека списанието го навредило исламот со карикатурите на пророкот Мухамед.

Но слоганот кој ја обединуваше земјата сега стана линија за поделби во Франција и рамка за комплицирани дебати во секојдневните разговори и популарната култура, на социјалните мрежи, па дури и во училиштата.

„Јас сум Шарли“ доведе и до „Јас не сум Шарли“, а тоа значеше дека луѓето мораат да се определат: дали си Шарли или не си? Одговорот ве категоризира во еден од двата француски ровови, ископани околу прашањата како што се слободата на говорот, секуларизмот, расата, националниот идентитет, и секако, исламот.

Метаморфозата на слоганот ја соголи поларизацијата на политичкиот дискурс во Франција, уште повеќе продлабочена после декапитацијата на еден наставник од средно училиште и двата неодамнешни исламистички напади кои следеа откако „Шарли Ебдо“ повторно објави карикатури со пророкот Мухамед. Но кога слоганот го почна сопствениот живот, ги заостри поделбите во Франција.

„Би сакал никој веќе да не го користи слоганот. Зашто во оваа форма, тој само ги продлабочува поделбите“, вели Жоаким Ронсан, графички дизајнер кој ги осмисли плакатите. „’Je suis Charlie’ требаше да значи – сите сме заедно во ова.“

Денес, некој што е Шарли, веројатно е бела личност и го поддржува објавувањето на карикатурите. Во екстремни случаи, таквите луѓе своите исламистички ставови ги кријат зад строгиот секуларизам. Некој што не е „Шарли“, вообичаено не е белец и се противи на објавувањето на карикатурите. Таа личност дури може и да го оправдува исламскиот тероризам и да сака забрана на секоја критика на религијата.

Некогаш беше слоган кој ја надминуваше дневната политика, но „Je Suis Charlie“ сега ѝ стана омилен на десницата, додека кај левицата предизвикува нови поделби.

Жером Трик, социолог од Националниот центар за научни истражувања, вели дека слоганот со текот на времето стануваше оружје и дел од „политичката борба која сака да создаде нови поделби, да го подели светот на оние кои се со нас и оние кои се против нас.“

Слоганот само „долеа масло на огнот“ кој одамна тлееше во Франција, вели Трик, зборувајќи за прашањата кои не ги реши земјата во последните пет години, како што се исламизмот, слободата на говорот и улогата и местото на религијата во општеството.

Неговата потенцијална експлозивност беше видлива и за време на неодамнешното интервју кое претседателот Емануел Макрон го даде за сајтот кој главно го читаат младите, „Брут“. Еден читател со арапско име, Карим, го праша: „Јас сум Французин и ја сакам оваа земја. Но јас не сум Шарли. Дали тоа ми е дозволено?“

Макрон одговори дека му е дозволено, но потоа додаде: „Мислам дека треба да се оттргнеме од тој слоган.“

На 16 декември, судот во Париз прогласи за виновни 14 лица за помагање за време на нападите на редакцијата на „Шарли Ебдо“ и на една еврејска продавница, во кои настрадаа 17 луѓе.

Но иако случајот е правно затворен, последиците од карикатурите по француското општество сè уште се чувствуваат.

Кристоф Ноден (45) го преживеа нападот во концертната сала Батаклан во 2015 година, кога беа убиени 90 луѓе, така што се криел во подрумот два часа.

Ноден е наставник по историја во едно средно училиште и неодамна ја објави книгата „Дневникот на преживеаниот од Батаклан“.

„Слоганот ‘Јас сум Шарли’ само понатаму ја турка Франција во две екстреми“, наведе Ноден.

А потоа додаде:

„Ми се чини дека дојдовме до точка од која нема враќање. Дека нијансираниот и аргументиран говор веќе никој не го слуша.“

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report