Медиумски циркус

15.12.2010 13:32
Медиумски циркус

Македонија - земја која постојано попушта
а никако да испадне попаметна.


Медиумите ни се циркус, а нивните газди само ни ги продаваат картите за него. А ние, иако вечни мрчатори и скептици, го гледаме тој циркус одново и одново, и со својот дистанциран и пасивен сеирџизам учествуваме во неговата репродукција. Фасцинирани од нискоста и вулгарноста на домашните медиумски шоуа, подлегнуваме на пецкањето на нашите ниски страсти, на скокоткањето на нашите предрасуди, табуа, стравови и скриени похоти и уживаме во процесот на свое лично претворање од јавност во маса. Маса која мрази, ама сепак маса. За да заборави масата дека е маса, таа мора да биде наелектризирана и надрнкана, антагонизирана и поделена, та низ тоа да заборави на „крупниот кадар“ и жалната вистина дека сепак е дрвена маса. Со лезет насмевка на лицето, што ете ни угодиле на нашиот колективен Ид, а сепак ние „не сме се извалкале“ и чувствуваме дека не сме дел од нивните валкани игри. Се разбира, не очекувам некој да ми каже фала за ова, вистините се болни: ако на пример на мажот му кажете дека жена му го мами, не очекувајте да ви каже: „Ох, драги мој господине, многу ви благодарам што со вашата добронамерност ме соочивте со вистината“. О не, не, не, не, напротив, гледајте да не попиете некој бокс, „шамарчина“, клоца и сличито, оти фазата на одрекување е првото нешто со што секој потенцијален гласник на вистината мора да се соочи. Одрекувањето и бесот се поврзани во спрега која е автоматска и има тенденција да се манифестира веднаш врз оној кој ги индуцира. Депресијата и апатијата се следните фази, а ние одамна сме заглавени во тој барабан на цикличен бес и апатија. Се менуваат фаците, скандалите, нашата шокираност и потоа се од ново, само нови форми на нашите реформи на колективниот кретенизам.

Да се правеше храната по „стандардите“ по кои се прават медиумските програми и содржини во Македонија, ние сите од поодамна ќе испоцркавме до последен. Па, тоа не се издржува! Нема „јогурт“ кој може да ве оправи од тој мрснотилак на вулгаризмот, од тој дигестивен заеб и токсички упад во вашиот ментален систем. А ние и понатаму, дајте ни „100 евра леб“ и медиумски игри. Се разбира, тие игри се легитимни во својата системска поставеност, слободниот пазар на идеи, информации и содржини треба да го развива „системот на плурализмот“, дијалогот и разноликоста.

Ама пази, што се случува, еден ќе се одважи ќе ти ја донесе Шехерезада, друг ќе ти возврати со Ѓумуш, третиот ќе те замава со дуото Халил и Менексе, па потоа следи се тоа исто ама во „појачана“ форма Џеврие Али Риза Кенан Ламие Ферхунде Ананди Баирон Фират Ејлул Ѓулу Ќемал Санту Дарам Раџ...Ало бе луѓе, кај се тука мојот плурализам и разновидноста? Очигледно изгубени во тезгаџиската борба да се шитне што повеќе, а што поефтино, задушени од ураџиско напред кон западните евроатлантски интеграции преку источњачки индископацифички дезинтеграции. Следното е претпоставуваме нешто Made in China? Е, тогаш ќе биде крајот на краевите, циркузот над циркузите кој тешко дека ќе го преживеееме.

Нашите медиуми се шоу во кое ние во директен пренос, 24/7, можеме да гледаме како се губи нашиот идентитет. Се губи идентитетот на нацијата токму во тие пара-медиумски перални на мозоци, се гази по нашата интелигенција, разумот и честа. Има ли поголема загуба на идентитетот ако системот преку медиумите те прави дебил, те множи со нула и потоа ти бара пари да платиш за сето тоа? Те третира како објект со ментален капацитет на амеба, и ти сервира „храна за умот и душата“ која те труе?

Кога ќе ви направат неправда а вие ќе премолчите, за „да не ја правите големата“, го губите идентитетот. Кога претпоставениот ќе ве обесправи а вие ќе наведнете глава, го губите идентитетот. Кога ќе ви кажат како да мислите, а вие тоа го прифаќате беспоговорно, го губите идентитетот. Кога неприродното ќе го прифатите за природно вие го губите идентитетот... сè така чекор по чекор, отстапка до отстапка од нормалноста и личната чест, ве неповратот на безразумноста. Попуштањето е само нема согласност да бидеме дел од циркусот во кој за нас се работи, а не за главните циркузанти, тие си го наплатуваат сето шоу, најмалку двократно.

А ние, ете, сме страната која треба да глуми нормалност и да биде нема жртва на дивите социјални експерименти и инженеринзи, макар и по цена да не нема? Или каква е тоа драги мои слобода на говор која се сведува на слобода на тропањето? Лимениот трубаџиски оркестар на нашите медиумски ороводци.

И гледам, ги прашуваат децата, на истите тие медиуми, деца, деца, што сакате да станете кога ќе пораснете, а дечињава, срцулиња, прифаќаат да ја играат играта на возрасните, па им враќаат со доктори, пилоти, фудбалери, пеачки...Деца драги, прити плиз, кога ќе пораснете не мора да станете ништо специјално, ни пилоти, ни возачи на формула 1, ни манекенки во Париз, само останете нормални, тоа е најголемиот успех кој треба да го постигнете.

Илустрација: Џастин Брајан Нелсон

ОкоБоли главаВицФото