„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во конкуренција за наградата „Балканика“

22.01.2021 14:35
„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во конкуренција за наградата „Балканика“

На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2020“, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа следните 8 книги:

1. Луан Старова – „Генералот и пеперутката“

2. Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите“

3. Жарко Кујунџиски – „Сфинга на гневот“

4. Владимир Јанковски – „Скриени желби, немирни патувања“

5. Србо Ивановски – „Изодениот пат“

6. Филип Клетников – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“

7. Влада Урошевиќ – „Безразборна лабораторија“

8. Владо Јаневски – „Чудо зад аголот“

Комисијата за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа книжевна награда, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член, во најтесен избор ги избра следните две дела: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, и „Сфинга на гневот“ од Влада Урошевиќ. И со мнозинство гласови ја избра книгата „Скриени желби, немирни патувања“.

„Наративната поетика на ова дело останува доследна и препознатлива, по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, "аскетизмот", кондензацијата, суптилно поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури.

Секојдневните средби на луѓето, во низа од различни простори, нивните непресушни (и крајно непредвидливи) разминувања и созвучја, во ова дело се прикажани како темелен наратив, генерички именител на самиот животот/и постоењето, како синџир од (наизменични) средби, траења и разделби“ се вели меѓу другото во образложението на жири комисијата.

Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претседател на жирито е Ендрју Вахтел од САД.

Доделувањето на меѓународната книжевна награда „Балканика“ поради глобалната пандемија, ќе се одржи кон крајот на 2021, при што ќе бидат доделени награди за две години во рамки на една манифестација.