Која е Аманда Горман што „го украде шоуто“ на инаугурацијата на Бајден?

23.01.2021 11:58
Која е Аманда  Горман што „го украде шоуто“ на инаугурацијата на Бајден?

Помеѓу највпечатливите моменти од денот на инаугурацијата на новиот американски претседател Џозеф Бајден беше изведбата на младата поетеса Аманда Горман, која во својот моќен и енергичен настап, повика на единство и заедништво. По нејзиниот настап Аманда стана супер-ѕвезда во САД, но и ширум светот. Вели дека самата еден ден ќе стане претседателка на САД.

Таа во свој посебен стил ја изведе нејзината песна „Ридот по кој се искачуваме“ (The Hill We Climb) на истото место каде пред две недели ијладници поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп насилно влегоа во Конгресот на САД. Горман својата поема ја пишувала токму за време на нередите во Капитол хил.

Таа на 22 години стана најмладата поетеса која некогаш настапила на претседателска инаугурација, придружувајќи им се на поети како Роберт Фрост и Маја Ангелоу.

Горман својата поема ја започнува со прашањето: „Кога ќе дојде денот, каде можеме да најдеме светлина во оваа бесконечна сенка?“, по што како одговор ја користи и сопствената животна приказна.

Таа при рецитирањето се опишува како „слабо црномуресто девојче кое потекнува од робови, израснато од самохрана мајка, кое може да сонува за да стане претседател, само за да се најде себеси како рецитира за еден“.

„Научивме дека тишината не секогаш значи мир… Видовме сила што ќе ја разбие нашата нација наместо да ја сподели, што ќе ја уништи нашата земја ако тоа значеше одложување на демократијата“, вели Горман во поемата, осврнувајќи се кон немирите во Капитол од пред две недели, а потоа продолжува: „Но, демократијата може да биде периодично одложена, никогаш не може да биде трајно победена“.

Инаугуративниот тим на новиот американски претседател Џо Бајден ја контактирал Горман кон крајот на минатиот месец за да напише и изведе поема за единството во САД. Горман за американските медиуми изјавила дека се измачила да ја напише поемата, но случувањата при немирите од 6 јануари ја поттикнале да ја заврши.

Аманда Горман е родена во Лос Анџелес во 1998 година и како мала имала пречки во говорот, па затоа почнала да пишува.

Иако е млада, таа веќе има неколку признанија и награди за своите поеми. На свои 16 години добила признание за млад поет-лауреат на Лос Анџелес, а три години подоцна, за време на нејзините студии по социологија на Харвард станала прв лауреат на наградата за Национален млад поет.

Во 2015 година ја објавила својата прва книга насловена „Оној за кого храната не е доволна“ (The One for Whom Food Is Not Enough), која само неколку часа по изведбата на инаугурацијата станала бестселер на „Амазон“, заедно со втората книга која Горман ја најави за подоцна годинава.

Изведбата на „Ридот по кој се искачуваме“ поттикна многу реакции и емоции, а помеѓу оние што ја пофалија беа и Опра Винфри, Мишел Обама и Хилари Клинтон.

Извор: Мета

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото