Неонацистите влегоа во германската полиција

25.01.2021 01:26
Неонацистите влегоа во германската полиција

Седа Басај-Јилдиз била на службен пат, далеку од дома, кога во хотелот ѝ пристигнал одвратен факс: „Валкана турска свињо“, пишувало. „Ќе ти ја заколеме ќерката“.

Како правничка со турско потекло која често се занимава со случаи на исламски тероризам, Седа Басај-Јилдиз е навикната да добива закани од радикалната десница. Но оваа, која ја видела доцна вечерта во август 2018 година, била поинаква.

Потпишана со иницијали на поранешна неонацистичка терористичка група, ја содржела и нејзината домашна адреса, која не ѝ е достапна на јавноста. Кој и да ја испратил, морал да има пристап до државната база со податоци.

„Ми беше јасно дека ова мора да го сфатам сериозно – ја имаа нашата адреса, знаеја каде живее ќерка ми“, се присетува таа во едно интервју. „Првпат во животот навистина повикав полиција.“

Истрагата покажа дека испраќачите ја добиле информацијата од еден полициски компјутер.

Десничарскиот екстремизам повторно јакне во Германија, земја која се гордееше со својот чесен однос кон мрачното минато. Во декември, двегодишната истрага на парламентарната комисија заклучи дека мрежите на радикалната десница пенетрирале во германските безбедносни служби, вклучувајќи ги и елитните специјални единици.

Но сè повеќе во прв план доаѓа германската полиција, децентрализирана сила со многу помалку услови за прием од војската – и со многу поголемо директно влијание на безбедноста и благосостојбата на граѓаните.

После Втората светска војна, САД, нивните сојузници, но и самите Германци, беа преокупирани со замислата дека полициската сила веќе никогаш не смее да биде само пион во рацете на авторитарната држава, како што беше Гестапо.

Полицијата во Западна Германија е поставена на сосема нови основи после војната, а на кадетите без завивање им се изнесува историјата на полицијата за време на нацизмот.

Седа Басај-Јилдиз

Па сепак, Германија е преплавена со откритија дека многу полицајци основаат свои десничарски групи и дека се приклонуваат кон оваа идеологија.

„Се надевав дека станува збор за индивидуални случаи, но сега едноставно ги има премногу“, вели Херберт Ројл, министер за внатрешни работи во најмногубројната држава во Германија, Северна Рајна-Вестфалија, каде 203 полицајци се под истрага заради десничарски инциденти.

Во септември алармот дефинитивно се вклучи и за Ројл, кога беше утврдено дека најмалку 31 полицаец споделувал насилна неонацистичка пропаганда на социјалните мрежи.

„Тоа е речиси цел одред полицајци – а за сето тоа дознавме сосема случајно“, вели тој.

„Имаме проблем со десничарскиот екстремизам“, вели тој. „Не знам колку високо оди тоа во институциите. Но знам дека ако не се пресметаме со него, само ќе расте.“

Во октомври, една расистичка група за допишување со 25 полицајци е откриена во полицијата во Берлин, откако еден полицаец призна сè. Шест кадети беа исфрлени од полициската академија во Берлин заради негирање на Холокаустот и споделување кукасти крстови во чет група која имала 26 други членови.

Во ноември, една полициска станица во западниот град Есен беше предмет на рација, откако во четот на WhatsApp беа откриени фотографии со оружје, но и клупи поставени во форма на свастика.

Неодамна беше откриен и разговор на четири полицајци од северните градови Кил и Нојминстер. Во нивните домови беше пронајдена нацистичка меморабилија, но и муниција за која немаа дозвола.

Сега фокусот е на државата Хесен, од каде доаѓа и госпоѓата Басај-Јилдиз. Таа и неколку други мети на неонацистички закани живеат во Франкфурт.

Седа Басај-Јилдиз стана позната кога на едно судење претставуваше семејство на продавач на цвеќиња со турско потекло, кој беше застрелан на својот штанд на улица. Тој беше првата жртва на Националсоцијалистичкото подземје познато како НСУ, неонацистичка терористичка група која помеѓу 2000 и 2007 година усмрти десет луѓе, од кои деветмина беа мигранти.

Судењето траеше пет години, а во јули 2018 година нејзините клиенти добија скромна отштета, но не ги добија и одговорите на кои се надеваа. „Колку голема беше оваа мрежа? Што знаеја државните институции?“, прашуваше Седа Басај-Јилдиз. „После 438 денови во судница и натаму не ги знаеме овие нешта.“

Херберт Ројл

Јакнењето на екстремната десница предизвикува страв во целата земја

Три недели откако заврши судењето ја добила првата закана преку факс. Оттогаш заканите не престануваат.

Кога истражителите сфатиле дека нејзините лични информации потекнуваат од компјутер во првата полициска станица во Франкфурт и дека се доставени речиси час и половина пред да стигне првата закана, полицаецот кој работел на логовите е суспендиран. Полициската станица е претресена, истражени се компјутерите и мобилните телефони, што доведе до суспензија на уште пет полицајци. Малку подоцна, бројката порасна на 38.

„Ако зборуваме за 38 лица, зборуваме за структурални проблеми“, вели Седа Басај-Јилдиз. „А ако не го сфатиме тоа, ништо нема да се промени.“

Како и на припадниците на армијата, и на членовите на полицијата им се додворува десничарската партија Алтернатива за Германија, позната по кратенката АфД, основана 2013 година. Четири од нивните 88 пратеници во федералниот парламент се поранешни полицајци – речиси пет проценти, што е многу повеќе од двата проценти колку што имаат сите други партии заедно.

Влегувањето во државните институции, особено оние со вооружена сила, е дел од стратегијата на оваа партија.

Бјерн Хеке, жесток политичар кој ја води АфД во државата Тиргинија, од полицајците и разузнавачките агенти бараше да им се спротивстават на сите наредби на владата, која ја нарекува „вистински непријател на демократијата и слободата“.

После првите закани, Седа Басај-Јилдиз со семејството се пресели во друг дел од градот. Нејзината адреса е уште позаштитена од претходната.

А потоа, на 11 ноември минатата година доби уште една закана. На врвот на писмото пишувало „Хајл Хитлер!“, а на дното „Поздравете ја ќерката“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report