Кинотека објави дигитализирана едиција на „Кинотечните месечници“

25.01.2021 13:49
Кинотека објави дигитализирана едиција на „Кинотечните месечници“

На веб-страницата на Кинотеката на Северна Македонија објавени се дигиталните верзии на изданијата „Кинотечен месечник“, кои излегуваа од 1977 до 1987 година. 

„Кинотечните месечници” се еден вид претходници на кинотечните изданија од кои понатаму се издвојуваат месечните кинотечни филмски програми и ‘Kинопис’ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. Потребата за издавањето на ‘Кинотечни месечници’ се појавила како потреба за вреднување и анализирање на филмското творештво“, се вели во соопштението на Кинотеката.

Во објавата на уредништвото од првиот број на „Кинотечен месечник“, се посочува дека тој се појавува во моментот кога „решавањето на потребата за вреднување и анализирањето на филмското творештво кај нас стана неизбежно, и кога недостигот од континуирано стручно следење на кинематографската проблематика се заканува да забави некои од највиталните процеси во создавањето на филмското дело и филмската мисла“.

„Затоа очекуваме неговото појавување да биде прифатено и оценето – не само како институционално регистрирање на активностите на Кинотеката на Македонија, туку и како можност да се поттикне една – колку нова, толку неизбежна публицистичка дејност во нашето кинематографско искуство“, стоело во објавата на првиот „Кинотечен месечник“.

Во првата редакција на месечниците, како што посочуваат од Кинотеката, кои воедно биле и автори на поголемиот дел од написите, се вбројуваат: Илинденка Петрушева, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Мартин Панчевски и Дубравка Рубен. Во подоцнежните броеви пак, во редакцијата се приклучуваат и звучни имиња од домашната културна и филмска сцена како Илија Пенушлиски, Љубиша Георгиевски, Томислав Османли, Милан Ѓурчинов, Владимир Георгиевски и многу други.

„Содржината на месечниците ја сочинуваа неколку рубрики поврзани со историјата на филмот и киноприкажувањето, теоријата и естетиката на филмот, но и преводи на текстови, рецензии за кинотечни филмски циклуси, интервјуа, излагања од симпозиуми, фестивали и одбележани јубилеи, а подолго време преку рубриката Кинотечен информатор, со јавноста беа споделувани актуелни информации од работата на Кинотеката (набавка на нови публикации, филмски материјали, фондови, архивска граѓа, филмски проекции, изложби, итн.)“, соопштуваат од Кинотеката.

Изданијата може да се погледнат на следниот линк.