Евгенија Трајковска ја доби првата награда на третиот „Лифт“ конкурс за стрип

25.01.2021 16:46
Евгенија Трајковска ја доби првата награда на третиот „Лифт“ конкурс за стрип

На третиот годишен конкурс за стрип наградата Лифт пристигнаа петнаесет стрипови од 17 автор(к)и.

Главната награда, за 2020 година, ја доби Евгенија Трајковска со стрипот „Назад во 2019-та“. Нејзината графичка приказна се издвои од сите други, и во нејзиниот случај жирито имаше сосема унисони ставови.

Околу другите награди работата не беше толку едноставна, така што второто место го делат три стрипа: „Можност“ на Климентина Соколовска, „Воена песна“ на Анастасија Зафировска и „Promise“ на Иван Коминовски.

Меѓу најдобрите се издвоија уште три стрипа, кои за нијанса не добија награди: „Зошто јас, Јан?!“ од Христијан Нашуловски, „Издржи“ од Кристина Ѓорѓиоска и „Она девојче онаму“ од Ева Дејановска.

 Образложение

„Назад во 2019-та“ е најкомплетен стрип, меѓу пристигнатите, дело со динамична и духовита приказна, и со одличен цртеж. Важно е да се нагласат и неговата  релевантност и актуелност.

Стрипот „Можност“ е одлично нацртан, со вешто користење на туш. Приказната е интригантна и има простор за понатамошно развивање.

„Воена песна“ е необичен стрип, без зборови, свртен кон областа на фолклорот. Иако е исклучително тешко да се раскажува приказна без зборови, овој стрип успешно го прави тоа.

„Promise“ е „најкласичен“ стрип, меѓу пристигнатите, со добар цртеж и прецизно кадрирање. Во однос на приказната, жирито го охрабрува авторот за попрецизна разработка.

Прворангираната авторка ќе добие книги и стрипови во противвредност од 250 евра. Другите тројца автор(к)и ќе ја поделат предвидената сума за второто и третото место - вкупно 250 евра.

Наградниот фонд, во висина од 500 евра, го обезбедија издавачите „Темплум“ и „Бункер“.

Еве ги кратките образложенија и за уште три добро оценети стрипа (да потсетиме, жирито го сочинуваа Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Битољану):

Стрипот „Зошто јас, Јан?!“ заслужува пофалби заради трогателната, храбра и важна квир приказна која е новост во македонскиот стрип. Жирито го охрабрува авторот за понатамошен развој во цртачкиот и типографскиот сегмент.

„Издржи“ е исто така мошне неконвенционален и храбар стрип. Градењето на таблите е оригинално, при што се преплетуваат текстуалните дневнички записи со оние ликовните. Стрипот претставува важен стилски исчекор, но жирито сугерира попрецизна разработка на концептот и на наративното течение.

„Она девојче онаму“ е сјаен детски стрип, мошне жив, разигран и колоритен. Жирито се надева дека оваа млада авторка ќе продоложи да создава во овој медиум.

Радува фактот што на конкурсот учествуваа неколку талентирани адолесцент(к)и и во оваа пригода ги охрабруваме најмладите учесници на конкурсот да продолжат да работат стрипови и да учествуваат на следните конкурси за наградата Лифт.

Радува и доминацијата на авторките (учествуваа 13 авторки и само 4 автори) во медиум кој до неодамна се сметаше речиси исклучиво за машки.

Се разбира, ги охрабруваме сите креативни цртач(к)и и раскажувач(к)и, машки и женски, млади и возрасни, да учествуваат на „Лифт“ конкурсот, со што ќе ја збогатат и засилат македонската стрип сцена.

Обврска ни е да укажеме и на не толку добрите работи; на пример, нивото на македонскиот јазик е зачудувачки ниско кај повеќето автор(к)и; тоа придонесува за недоволната убедливост и веродостојност на приказните. Јазикот е многу важен дел на стрип уметноста; притоа мислиме и на говорниот јазик (јазикот на дијалозите) и на раскажувачкиот јазик со кој обично се служи „неутралниот раскажувач“. Ликовниот јазик е посебна приказна, и жирито се обидува да ги наградува автор(к)ите кои креативно го користат и ликовниот јазик, кој е можеби клучен за стрип уметноста.

Сега ни претстои печатење на третата Лифт книга со сите 15 стрипови направени и испратени во 2020 година. Се надеваме дека ќе можеме да направиме и свечена промоција, ако дозволат епидемиолошките услови. Но, за тоа, почитувани учеснички / учесници на конкурсот и почитувани читател(к)и на Окно, ќе ве известиме накнадно.

Честитки за наградените!

Благодарност до сите учеснички и учесници!

Илустрациите во прилогов се земени од најдобро оценетиот стрип „Назад во 2019-та“ од Евгенија Трајковска.