Што мора да направи Бајден

26.01.2021 12:32
Што мора да направи Бајден

Четири илјади Американци секојдневно умираат од Ковид-19 заради неуспехот на администрацијата ефикасно да го организира производството и дистрибуцијата на вакцините, како и процедурите за тестирање и следење. Додека беснее најголемата пандемија на веко, повеќе од 900 милиони Американци немаат здравствено осигурување или имаат само ограничена здравствена заштита. Ако се разболат, тие не можат да сметаат на помош од лекар. Изолацијата и стравовите кои ги донесе пандемијата доведоа до зголемување на бројот на случаи на ментални заболувања.

Повеќе од половината американски работници живее од плата до плата, вклучувајќи ги и есенцијално важните работници кои секојдневно го ризикуваат животот. Повеќе од 24 милиони Американци се невработени или само делумно вработени, ако сосема не се откажале од потрага по работа, а гладта загрозува повеќе луѓе од кога било во последните неколку децении.

Заради недоволните примања, приближно 40 милиони Американци се соочуваат со можноста да завршат на улица. Могу од нив должат илјадници долари за заостанати станарини. Тоа не ги вклучува и оние 500 илјади кои веќе се исфрлени на улица.

Во меѓувреме, најбогатите луѓе во државата стануваат сè побогати, а нееднаквоста според приходот и имотот ги рушат историските рекорди. Неверојатно е што 650 амеркански милијардери за време на пандемијата успеале да го зголемат своето богатство за цел трилион долари.

Поради пандемијата образованието во државата е во хаос, од предучилишните установи до универзитетите. Образованието на голем број млади луѓе е практично прекинато и веројатно стотици колеџи ќе престанат да работат.

Климатските промени ја уништуваат планетата и донесуваат незапамтен број шумски пожари и временска катаклизма. Научниците ни кажуваат дека се останати уште многу малку години пред штетата да стане непоправлива.

Згора на сето ова, на удар се најдоа и темелите на американската демократија. Имавме претседател кој правеше сè што е во негова моќ да ги поткопа нашите демократски институции и предизвика насилство против државата и уставот, на чијашто одбрана се обврза со заклетва. Наспроти бројните очигледни докази, десетици милиони Амерканци уште веруваат во лагата на Трамп дека убедливо победил на изборите и дека победата му е украдена, нему и на неговите истомисленици. Ширум земјата се организираат вооружени десничарски милиции кои го поддржуваат Трамп.

На оваа досега незапаметена криза, Конгресот и Бајден мора да одговорат со незапаметени мерки. Нема веќе продолжување по старо. Нема веќе враќање на старото.

Демократите кои сега ја контролираат Белата куќа, Сенатот и Претставничкиот дом мора да соберат храброст да му покажат на американскиот народ дека државата е способна брзо и ефикасно да реагира на нивните страдања и стравувања. Како претседател на Буџетскиот одбор во новиот Сенат, намерата ми е токму тоа да го направам.

Што значи тоа за просечниот Американец?

Тоа значи дека агресивно ќе ја сузбиваме пандемијата за да им овозможиме на Американците да се вратат на своите работни места и во училиштата. За тоа ни е потребна програма за федерална помош за да произведеме доволна количина вакцини и ефикасно да ги дистрибуираме.

Тоа значи дека во овој период на големи економски потешкотии мора да обезбедиме сите Американци да имаат на располагање доволни финансиски ресурси за достоинствен живот. Износот од 600 долари директна помош која им се исплаќа на сите работници и на секое дете мора да се зголеми на 2.000 долари. Исто така, минималната цена на трудот мора да се подигне на 15 долари за час, со воведување на дополнителни мерки на заштита на невработените, стопирање на принудните иселувања и стопирање на натамошниот пораст на бројот на бездомници и гладни.

Тоа значи дека на сите мора да им овозможиме здравствена заштита додека трае оваа погубна пандемија. Исто така, мора да престанеме да се срамотиме пред светот како единствената помеѓу водечките држави која на работниците не им дава платени отсуства за боледување и семејни обврски.

Тоа значи дека здравствената заштита мора да ја воведеме во секоја градинка и да му ја овозможиме на секое семејство во Америка.

Наспроти сето она што досега ви го кажуваа, ништо не нè спречува сето тоа и да го направиме. Преку механизмот на ребаланс на буџетот, за кој во Сенатот е доволно просто мнозинство, можеме да делуваме брзо и веднаш да ги усвоиме итните мерки.

Но и тоа нема да биде доволно. Оваа година мора да направиме уште еден ребаланс заради спроведувањето на големите структурни промени кои се неопходни во нашата држава. Конечно, мора да го реѓиме проблемот на гротескно високото ниво на нееднаквоста според имот и доход и конечно да направиме држава која работи во корист на своите жители, а не само во корист на неколкумина.

Тоа значи дека и вториот ребаланс би бил искористен за да се создадат милиони добро платени работни места, да се обнови застарената инфраструктура и да се изгради достапен санбен фонд, да се модернизираат училиштата, да се спречат натамошните климатски промени и да се направат големи вложувања во енергетската ефикасност и енергија од обновливи извори.

Тоа значи дека државните колеџи, универзитетите и историски црните колеџи и универзитети ќе бидат бесплатни. Исто така, мора да го отвориме прашањето на застрашувачките студентски долгови и работничките семејства.

Тоа значи дека и најбогатите Американци и најпрофитабилните компании ќе мора да го платат својот дел на даночните обврски според фер начела. Не можеме да допуштиме профитабилните корпорации како што е Амазон да остваруваат приход од милијарди долари и да не плаќаат ништо на име на федералниот данок на нето добивка. Не можеме да дозволиме милијардерите да плаќаат помалку данок отколку работничка Америка. Потребна ни е темелна даночна реформа.

Ништо не го спречува Бајден да потпише два важни нови закони со кои поголемиот дел од наведените цели би моел да ги оствари во првите 100 дена од работата на новиот состав на Конгресот. Не можеме да дозволиме Мич МекКонел и републиканското водство ги саботираат законите кои би подобриле животите на милиони американски работници и кои веќе имаат најширока поддршка.

Да не заборавиме, кога републиканците го контролираа Сенатот го искористија ребалансот на буџетот за да одобрат трилиони долари на даночни олеснувања, пред сè на тој еден процент на најбогати и на мултинационалните корпорации. Исто така, за кратко време во Врховниот суд поставија тројца судии наклонети кон десницата. Сето ова благодарение на тоа што имаа просто мнозинство во Сенатот.

Републиканците го користеа мнозинството да ги штитат богатите и моќните. Ние ќе го искористиме да ги заштитиме работничките семејства, болните, старите, загрозените и сиромашните.

Илустрации: Nate Kitch

Извор: The Guardian