1003 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:03
Нов прилог со малечки но храбри книжевни осврти, пристигнати на конкурсот за куса-куса критика на крајот од декември 2020 година.
Билјана Ѓонеска
Кон стрипот „Улица“ на Матеј Богдановски според истоимената повест од Славко Јаневски
Првата „Улица“ од патеката на македонскиот роман ја пробил писателот Славко Јаневски, а новите делници за промоција на македонски дела ги проширува сликарот Матеј Богдановски.
Во истоимениот стрип, улиците живнуваат од зборот на писателот и зборуваат низ живописните бои на сликарот. Се отвараат пред новите читатели да раскажат стара повест. За некогашниот маалски живот во големиот град. Детство на отворено во предвоено Скопје. Кога улицата била прва училница и животна пресвртница. Таму средбите биле насилни, пресметките редовно брутални, а спомените потоа кристални. Се врежувале во колективното помнење со подвлечени црти и потсилени бои.
Како на сон, како во стрип.
Кон збирката раскази „Скопје: Изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов
Има град каде заитаните минувачи не се судираат или безуспешно разминуваат. Тие премолчено танцуваат. И луѓето по улици не се олеснуваат, ниту мачките по нив заскитуваат. Едните патот си го обележуваат, друите нови мапи означуваат, и сите присуството врз градот си го потпишуваат. Автомобилите со расипани фарови ведро намигнуваат, оние со расипани мотори спокојно мируваат и патничките спомени ги зачувуваат. Во тој град уличните продавачи се галериски изложувачи, весникарите и нивните читатели се летачи, таксистите и развезувачите се опејувачи и оплакувачи, децата и старците – мудреци и надмудрувани. А, што е Шопов, вештиот градски растајнувач? Едноставно: тој е најголемиот скопски сонувач!
Јована Матевска Атанасова
Кон „Совршената дадилка“ од Лејла Слимани
Дали разум се губи поради притисокот да се стигне до престижната симетричност покрстена меѓу луѓето како совршенство?
Книгите во кои се начнува една анатомија на пластичноста и едновремено бронхоскопски се продира до нивно расчленување секогаш ги бранувале читателските маси.
Слимани уредно го дисекцира современото, помодарско „нуклеарно”западно-европско семејство кое го поседува најсовршениот “ уред “, некогаш познат за домаќинството- дадилка. Иглично навлегува во сржта на ликовите, ги дроби и ги гради, од јагленот на своите зборови. Неретка психологија на татко и мајка, чии улоги на заколнати воркохолици и новопечени родители наоѓаат еден пресек: Дадилка.
Кон „Кукларот“ од Јустејн Гордер
Опасно надреалистична авантура со елементи на апсурд, на претерано навлегување во јадрото на најдлабокото животно прашање: Kолку навистина се плашиме од смртта, а колку живееме пред да умреме?
Лингивстички патепис на еден осаменик. Оваа расказност најдобро ја прикажува интерпункцијата на романот. Книгата е одлична можност да профилирате ликови и анализирате ситуации.
Пеле е алтер егото на Јакоп, копнежот по нов идентитет, неговата манијакална потреба да се поврзе со семејство, да биде склопен дел во најважната двоклеточна апаратура... А тука се и погребите, неговата фиксација кон нив, една метафора за модерното општество, погребано од туморот на својот развој.
Кон „Свеќите горат до крајот“ од Шандор Мараи
Не е роман кој се чита во еден здив, зашто зборовите тежат накитени со вештината да се пренесе во целост интроспективноста на два карактера. Како ренесасен скулптор ја клиса надворешноста на ликот без притоа млаката внатрешност да ја истопи. Потребна е неверојатна концентрација да се разбистри главата со прекрасните плетки, со луцидно избраните епитети и глаголи, кои шетаат од устата на генералот низ страниците кои вашите очи ќе ги изминат.
За крај, без да откривам многу, зашто ова е книга во која ќе се откриете и вие самите, што ни останува во срцето, како што наивно го прашува Конрад генералот?
Андреј Лазаревски
Кон „(Бес)конечни модели на расказот“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска
Кратки, слатки и разиграни - книгата нуди (бес)конечен број модели на раскази кои корелирани со „банални“ примери му нудат можност на читателот да ги спознае најразличните креативни начини за пишување раскази. Нетипична и дефинитивно нестереотипна читанка. Ова книже е за сите кои сакаат и да се насмеат и литературно да се воздигнат, за сите оние кои сакаат да се запознаат со формата на расказот како еден од видовите литературни форми - да, ова книже е токму за тоа.
Кон „Вистинска приказна“ од Лукијан
Философски проникливо, јазички вешто испишано, возбудливо и на моменти поттик за целосно влевање во нереалната реалност опишана во делото. Исклучителната Лукијанова имагинација е мотивот кој ја „овистинува“ оваа приказна. Еден од најзначајните класични списи кои се останати на човештвото, можеби првиот sci-fi роман и култен момент за сите оние кои уживаат во старите антички ракописи.
Лидија Димковска
Кон „Од личен агол“ од Елизабета Шелева
Книга за книжевноста во сите нејзини облици и релации со останатите уметности во контекстот од социолошки, филозофски, општествени, психолошки, имаголошки, културолошки, компаративистички и интердисциплинарни матрици, напишана со многу луцидност, синергетско и интердисциплинарно знаење, со мултидимензионалност и хуманистичка страст. Миграциите, (пое)етиката на книжевноста, границата како метафора, новите геополитички митологии, Другоста како иманентост на човекот, историските прекршени огледала на уметноста, идеолошките буништа на времето, егзилот како хронотоп, референциите на светските и македонските автор(к)и, теоретичари, филозофи, претставата за женското писмо како жестоко писмо итн., се интерпретирани на толку привлечен начин што книгата напишана „од личен агол“ нуди огромно задоволство од читањето.
Кон „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков
Фикција и реалност, базирана на документи, исечок од една подзаборавена историја, колективна, а секој со својот личен дел и живот во неа. Колку и да е автобиографски, овој роман е и на секој читател одделно, го извлекува на видело она што сме го подзаборавиле или потиснале, она за што не се зборувало „пред деца“, она минато што и ден-денес предлага „да се смени темата“. Болка, болест, соочување, сеќавања и настани што се случиле одамна, не толку одамна и неодамна, што ги носиме во себе, стануваат дел од нас. Роман – сведоштво, роман-документ кој се чита во еден здив.
Кон „Шрапнел“ од Игор Анѓелков
Приказна за меѓучовечките односи што ја отсликува и сегашноста и југословенското минато преку аномалиите на секојдневието, корупцијата на системот, распаѓањето на вредностите, нетолерантноста кон другоста, но исто така ги овековечува и дострелите на уметничката и популарната култура, а цитатите од разни книжевни, музички и филмски остварувања се во дослух со духот на ликовите кои секогаш одново го бараат своето место под сонцето пред се во својата непосредна околина. Емотивните врски, и партнерски и крвни, и економското и политичкото опкружување кое ги детерминира и обележува, предизвикуваат идентификација на индивидуалниот со колективниот идентитет. Шрапнел е Ахиловата пета на сите засегнати во приказната.
Габриела Стојаноска-Станоеска
Песна-раскази
(кон „Влегување во песната“ од Сузана Ѓорѓиевска)
Во збирката раскази „Влегување во песната“ на Сузана Ѓорѓиевска влегоа и двата наградени на конкурсот „Живко Чинго“. Чинго, како и Конески, би биле горди и на другите во збирката. Восхитува лиризацијата на наративниот текст. Песната ги осветлува како новогодишна нитка атрактивните, затемнети, фигуративно богати, отежнати, возбудливи, емотивни приказни за луѓето, приказни неспуштени на тврдото тло на реалноста, обвиени со меките, разнобојни, разномирисни, вкусни, топли и еротски ткива на метафората.
Јазикот и лексиката, ах, мили мои, песна недоискажлива... Утија, врвеж, лиот, софралак, пизма, нарисано, вомјази, дуздисај, опкрш, опул, смраморува... отворени музејски касели во кои трепери живиот сјај на старата реч.
Срц-дијалогот и енигмата
(кон „Ти, моја безмилосна една!“ од Цветанка Колева)
„Ти, моја безмилосна една!“ на Цветанка Колева безмилосно го/ја остава читателот/ката без здив и кога е облечена во слободен стих и кога носи куса лирска проза. Медитативна, урамнотежена, напати растреперена, исповедна, меланхолична, напати екстатична, страствена, џиш, напати остра, бурна, безмилосна каква што е во насловот, можеби, вилата за авторката или жената на која така ѝ се обраќа мажот, или поезијата воопшто. Секогаш грчевита, борбена, драматична ко живеењето... Секогаш полна, содржајна, фигуративно и јазично избрусена... Смела, силна и во срц-дијалог и кога ачик го подава в раце срцето и кога прави ребус од него, енигма обвиена во свила.
Сродни статии:
Куси-куси книжевни критики (2)
Куси-куси критики (избор)
Наградените куси-куси критики
Илустрации: Од анимираниот филм The Borrower Arrietty (2010)