Во Ливерпул фудбалот е како реторта за обликување на идентитетот

27.01.2021 01:29
Во Ливерпул фудбалот е како реторта за обликување на идентитетот

Шампион на Европа во 2019 година и во јуни 2020 година, првпат после 30 години, победник на првенството на Англија, е клубот кој не престанува да се повикува на Бил Шенкли, својот некогашен славен менаџер (помеѓу 1959 и 1974 година), чија статуа се наоѓа на влезот во стадионот Енфилд1. Тој е познат по својата позната изјава: „Фудбалот не е прашање на живот или смрт. Тој е многу поважен од тоа.“ Шенкли им ја изложи својата визија за фудбалот на играчите: „Сите да работат на постигнување на заедничката цел и сите да го споделат успехот ако тој се постигне: таков е социјализмот во кој верувам јас. Јас така ги гледам и фудбалот и животот.“

Речиси педесет години подоцна, претседателот и главен извршен директор на клубот, Питер Мур, во колумна за шпанскиот дневен весник Ел Паис, ја испрати истата порака: „Успехот на Ливерпул се темели на социјализмот2.“

Дали се работи за искреност или опортунизам на претставниците на ФСГ, која според Форбс е трета компанија по големина во светскиот спортски бизнис, конгломерат кој остварува 6,6 милијарди долари приход (од кои 2,2 милијарди само за Ф.К Ливерпул)? Истото прашање се поставува и кога станува збор за Јирген Клоп, чија годишна плата достигнува 11,3 милиони евра и кој ја потврдува својата приврзаност кон „левите“ вредности заколнувајќи се дека тој „никогаш“ нема да гласа „за десницата“.

За да ја сфатиме особеноста на Ф.К Ливерпул, мораме да го истражиме „скаусовското срце кое бие во вечерите кога се играат натпреварите од Лигата на шампионите“, како што ни објасни Џо Блот, водачот на најголемата навивачка група на овој тим Spirit of Shankly (Духот на Шенкли). Ливерпул има бурна историја. Градот се збогати за два века благодарение на ропството („За жал така е, но ние го признаваме тоа“), вели Блот; моќното пристаниште му донесе напредок на градот. Скаус, благотворната чорба (со компир, моркови и динстано месо) по примерот на норвешкиот лапскоус, ја донеле скандинавските морнари кон крајот на 18 век.

Членовите на посадите тогаш биле нарекувани скаусерси, со што е поставен темелот на локалниот идентитет. За Питер Милвард, социолог кој живее во овој град во кој се родени Битлси, Ливерпул се наоѓа на половина пат помеѓу британската островска култура и многубројните влијанија кои ги донесе движењето на населението. Градот стана космополитски“. Тој зборува за ирската имиграција која го направи градот католичко упориште во земјата која главно е англиканска но и за онаа велшката и скандинавската, итн. Акцентот скаус, кој им ги пара ушите на новајлиите, е создаден со мешање на овие бројни влијанија.

Ливерпул беше силно погоден од економската криза во седумдесеттите и осумдесеттите. „Еден извештај од 1981 година кој е објавен 18 години подоцна, наведува дека цел на владата на Маргарет Тачер (премиерката) беше да го препушти да умре“, потсетува социологот3. Деиндустријализацијата предизвикува зголемување на невработеноста и сиромаштијата. Но сѐ уште постојат Црвените (Ф.К Ливепрул), еден од двата клуба заедно со Сините од Ф.К Евертон. „Бевме најдобри во Европа. Фудбалот беше единствениот сегмент кој владата на Тачер не можеше да нѐ натера да го следиме“, се присетува иконата на одбраната Џејмс (Џејми) Карагер. Клубот тогаш го доживуваше најславниот период во својата историја, освојувајќи 11 титули прваци на Англија и 4 европски купови под управата на Џон Смит, неговиот претседател од 1973 до 1990 година.

Бил Шенкли

„Фудбалскиот клуб Ливерпул нѐ спаси од депресијата“, тврди историчарот Френк Карлајл во книгата на Даниел Филдсенд, истражувач специјализиран за фудбал, која им е посветена на клубот и градот4. Книгата исто така го цитира продуцентот и писател Дејв Кирби, кој во 1977 година рече: „Клубот го претставува она што сме ние, нашите надежи, нашите соништа. На повеќето од нас ни овозможува да ги пребродиме викендите, да заборавиме на невработеноста, фабриката, секојдневните срања. Ние постоиме за него и тој постои за нас“. Дваесет години подоцна, во сеќавање ќе остане и исклучителниот гест на еден играч. Во 1977 година, кога докерите штрајкуваа и се бореа за опстанок, Роби Фаулер кој тогаш имаше само 21 година, го славеше својот 13-ти погодок; го крена дресот и под него ја откри маицата со натпис: „Поддршка за петстотините докери од Ливерпул отпуштени од септември 1995 година.“ Неговата постапка ќе помогне во медиумите да се пишува за овие борби; заради тој гест сѐ уште го обожаваат Фаулер.

Драмата на Хилсбороу во 1989 година

Покрај економската криза, жителите на градот ги поврзува една трагедија. На 15 април 1989 година, во полуфиналето на Купот на Англија, Ливерпул го порази Нотингем Форест на стадионот Хилсбороу во Шефилд. Кога натпреварот веќе беше започнат, илјадници гледачи кои задоцнија влетаа во стадионот. Деведесет и шест од нив, вклучувајќи и деца, умреа зашто беа згмечени на решетките или прегазени. Четири години претходно, Ф.К Ливерпул веќе беше вмешан во смртоносно стампедо во Хајсел, Белгија, на 29 мај 1985 година, за време на финалето на Купот на шампионите на европските клубови, кој играше со Јувентус од Торино: 39 мртви и 450 ранети. Овојпат клубот повторно се најде на обвинителна клупа. Неколку дена подоцна, дневниот весник Сан објавува текст со наслов: „Вистината“ и преземајќи ја полициската верзија, ги обвинува навивачите како единствено одговорни за она што се случи. Весниците исто така изнесуваат три обвиненија кои ќе се покажат неточни: „Навивачите (на Ливерпул) уринираа на храбрите полицајци (кои се обидуваа да ги оживеат повредените)“, „Навивачите ги ограбуваа жртвите“, „Навивачите ги спречија итните служби на жртвите да им дадат дишење уста на уста“.

Кога се одвојуваше поштата за жртвите од Хилсбороу на Енфилд 2009 година, додека претставникот Ендру Барнам, државен секретар за клутура, медиуми и спорт, држеше говор во име на лабуристичката влада на премиерот Гордон Браун, околу 28 000 гледачи спонтано станаа скандирајќи: „Правда за 96-мина!“ Независната истрага која беше покрената потоа ќе ги ослободи виновниците од Ф.К Ливерпул во 2012 година и ќе укаже на голема одговорност на полицијата, која меѓу другото е особено виновна заради заклучувањето на вратите, како и на големите лаги кои ги објавија Сан, другите медиуми и личностите од светот на политиката.

Драмата на Хилсбороу ќе помогне особеноста на градот во кој ториевците не владееле уште од 1972 година да стане уште поизразена. Последниве години, од трибините одекнуваа песни за поддршка на поранешниот лидер на Лабуристичката партија Џереми Корбин. „Нив не ги покренуваше ниедна навивачка група. Тие го правеа тоа спонтано“, уверува Блот. „Нас нѐ обликуваше неправдата. Некои граѓани на Ливерпул дури го гледаат својот град како независна енклава во рамки на Обединетото Кралство. Мораме да се сетиме дека големиот штрајк на работниците на доковите во 1911 година, веќе нѐ обедини“, потсетува Иан Бирн, загрижен навивач на клубот, пратеник од соседната изборна единица Вест Дерби од 2019 година. „Ние не сме Англичани; ние сме скауси“, објавуваат во правилни интервали со знамиња и тифо натписи5 од трибините на стадионот. „Ливерпул е нашата мала република“, додава Филдсенд.

Значи, Ф.К Ливерпул е шампион на една земја чии навивачи ги мразат водачите, кои ги обвинуваат дека учествувале во пропаѓањето на градот. Во август 2019 година, од трибините на Црвените ја исвиркуваа химната God Save the Queen. „Има многу навивачи кои сакаат националниот тим да изгуби“, потврдува наставникот (и навивач) Џоел Роквуд.

Двајцата американски инвеститори оптоварени со дологовите, Џорџ Џилет и Том Хикс, во 2007 година го откупија клубот од бизнисменот и филантроп Питер Морз, кој беше негов сопственик од 1991 година. Како одговор на тоа, навивачите ја оформија групата „Духот на Шенкли“. Последица на нивната мобилизација беше заминувањето на сомнителните сопственици на клубот и продавањето на клубот на компанијата ФСГ. По угледот на другите екипи, како што е вечниот ривал Манчестер јунајтед или лондонската тројка Челси, Арсенал и Тотенхем, Ливерпул се обиде на стадионот да донесе уште повеќе странски туристи, привлечени од неговата аура. Цените на билетите пораснаа; местата на стадионот ги запоседнаа припадници на повисоката средна класа6. На 6 февруари 2016 година Ливерпул водеше два нула против Сандерленд. Во 77 минута, околу 10 000 навивачи го напуштија стадионот во истиот момент. Причина? Клубот ја зголеми цената на билетите на 77 фунти (85 евра). Растот на цената беше помал од оние на неговите ривали, но навивачите беа лути. Многу од нив работат со скратено работно време или нивниот работен статус е сосема несигурен: таквото зголемување е неприфатливо за нив. „Духот на Шенкли“ поттикна мобилизација и таа продолжи и се прошири на другите британски клубови. Цената на влезниците за мечови кои се играат на туѓ терен ќе биде поставена на 30 фунти, додека во Ливерпул стотици влезници по меч на домашен терен ќе се продаваат по цена од 10 фунти за навивачите ширум регионот.

Меѓутоа, навивачите признаваат дека парите се неопходни за победа. „Фановите ги сакаат најдобрите играчи. За жал, економијата на фудбалот е таква што мора да се плати. Во 2010 година бевме блиску до испаѓање од лигата. Од доаѓањето на ФСГ победивме во сѐ“, забележува Бирн. Од своја страна, челниците на Ливерпул направија неколку отстапки, зашто го сфатија интересот да се сочува скаусовското срце, а тоа се локалните навивачи кои потекнуваат од исклучителна атмосфера која се создава во вечерите кога се играат големи мечови. Тоа е многу добра реклама за продажба на влезници во странство, но и други услуги како што се: сместување во голем хотел, прошетка низ градот со придружба на градски водич, итн. Во соработка со клубот, компаниите како што е Вирџин, за 95 фунти (околу 105 евра) нудат пакет активности кој вклучува комплетна тура на Енфилд, одмор во ложата на стадионот, средба на која се разговара и фотографира со старите славни играчи на Црвените, итн.

Друг жесток конфликт: во 2019 година, сопствениците на клубот планираат на пазарот да го пласираат брендот „Ливерпул“ и да ги присвојат правата на одредени популарни песни. Заводот за интелектуална сопственост (ИПО), на кој без сомнеж влијаеше мобилизацијата на оние што се противеа на оваа иницијатива, стави вето. Според мислењето на Блот, принудниот брак помеѓу капитализмот и „социјалистичкиот дух“ на клубот и неговата публика ќе потрае: „Сопствениците на ФСГ секогаш ќе бидат капиталисти кои ќе остваруваат профит. А навивачите секогаш ќе се обидуваат да ги спречат во тоа или да се уверат дека тие го прават тоа на најдобар можен начин. Фановите се чувари на храмот.“

Мохамед Салах

Како Мохамед Салах го намалува расизмот

И покрај својата единственост Ливерпул не е имун на тензиите кои го притискаат Обединетото Кралство. Во 2016 година градот со 58 проценти гласаше за останување во Европската унија, но градската четврт Енфлид, која важи за една од најсиромашните во Англија, со 52 проценти гласаше за Брегзит. Покрај тоа, последниве години актите на антимуслимански расизам се во пораст во Ливерпул, каде живеат околу 25 000 муслимани (од 500 000 жители) како и во остатокот од земјата. Меѓутоа, од доаѓањето на ефикасниот египетски стрелец Мохамед Салах, овој вид деликти опаднаа за 18,9 проценти во градот и во регионот Мерсисајд, како што покажа една студија објавена 2019 година7. Истражувачите исто така прегледаа 15 милиони твитови и забележаа дека бројот на навивачи на Ливерпул кои се непријателски настроени кон муслиманите е намален за половина во однос на другите англиски клубови. На овој играч дури му е посветена една песна: „Ако постигне уште неколку голови, тогаш и јас ќе станам муслиман“. Бирн уште во 2015 година почна да соработува со иницијативата „Fenz suporting fudbanks“ која пред мечовите организира големи собири за собирање храна за луѓето што се во неволја од неколку џамии во градот. Во 2018 година, по повод Светскиот куп, мечот помеѓу Русија и Египет, Мохамед Салах го пренесуваа во џамијата Абдула-Килијам. „Многумина таму дојдоа за првпат, се присетува избраниот претставник. Дочекот беше мошне топол. За нас фудбалот е средство за интеграција. Ова беше нашиот најдобар потег и начин сосема да се разбијат погрешните претстави кои се шират во медиумите на радикалната десница“.

Квентин Гијон е новинар.
_____________________________________________

(1) За да дознаете малку повеќе за историјата на клубот и неодамнешните случувања, Специјално издание „In Red with Liverpool“, France Football, бр. 3833, Boulogne-Billancourt, 5 ноември 2019.
(2) Diego Torres, „Peter Moore: ’El exito del Liverpool se basa en ei socialismo’“, El Pais, Madrid, 9 октомври 2019.
(3) „Regional Policy. Inner city policy: Creation of urban development corporations to assist in regeneration of Liverpool and London Docklands“, 30 јули 1979 - 7 август 1981, hyyps://discovery.nationalarchives.gov.uk. Cf. исто така Симон Паркер и Роуланд Аткинсон, „Disorderly cities and the policy-making field: The 1981 English riots and the management of urban decline“, British Politics, vol. 15, бр, 2, Лондон, јуни 2020.
(4) Daniel Fildsend, Local: A Club and its City: Liverpool's Social History, 2019.
(5) Визуелна забава која ја приредуваат навивачите на еден тим.
(6) Прочитајте: Olivier Pironet, „Les pauvres chasses des stades“, dans “Royaume-Uni, de l'Empire au Brexit“, Maniere de voir, бр. 153, јуни-јули 2017.
(7) Cf. Ala Alrababah, William Marble, Salma Mousa et Alexandra Siegel, „Can exposure to celebrities reduce prejudice? The effect of Mohamed Salah on islamophobic behaviors and attitudes“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Le Monde diplomatique