1008 hPa
83 %
18 °C
Скопје - Пет, 13.09.2024 03:03
Владимир Дворниковиќ (1888-1956), хрватскиот и југословенски философ и психолог, во својот magnum opus – Карактерологија на Југословените (1939) наведува дека народите, според нивната улога во историјата, може да се поделат на народи на просторот и народи на времето. Оние на просторот во поглед на својот бит, културен лик, општествено-политички институции, како и во во поглед на делувањето, речиси во целост се обликувани од природното, културното и геополитичко опкружување. Народите, пак, на времето, ослободени од надреденоста на опкружувањето, се потврдуваат себеси во историјата како свесен субјект низ самостојно обликувани идеи, институции и дејствување.
Народите што ја сочинуваат Југославија, поединечно земени, сите се народи на просторот, но само заедно како Југославија стануваат народ на времето, кој отсега е дејствувачко лице на светската историја! Поедноставено, ако си ја замислиме историјата како реченица, Југославија е нејзин подмет, којшто самиот ја испишува понатамошната содржина. Од друга страна, раздвоени – Македонија, Србија, Хрватска, Словенија итн…, се предмет на реченицата, чија содржина ја напишал друг.
Во Белград на баци рака
Јасно, во мислата на Дворниковиќ го препознавте Хегел пресаден на наше тло. Да ја оставиме сега хегелијанската философија на историјата на страна, но од дистанцата што ја даваат триесет години се виде дека тезата на Дворниковиќ била точна. Ретко кој би спорел со тоа дека Југославија претставуваше субјект на светската историја, држава која и навнатре умееше да создаде и спроведе оригинална идеја – работничкото самоуправување во контекст на рамнотежата помеѓу пазарот и социјалната справедливост, исто како и нанадвор – начелото на неврзаноста. Да не се потсмеваме со наводната „застареност“ на овие идеи. Што се однесува до самоуправувањето, јас не знам за похуман обид да се разреши противречноста помеѓу трудот и капиталот. Уште нешто, запознаени ли сте со тоа дека денес над 70% од жителите на Сингапур живеат во општествени станови, идеја за првпат остварена од страна на Југославија? Не сум сигурен дали Ли Куан Ју (1923-2015) во ова непосредно се инспирирал од Југославија, што не би ме изненадило, како што не ме изненадува и Дѐнг ‘Шја̌о‘пи́нг (1904-1997) да ги обмислил своите реформи во правец на градење пазарно социјалистичко стопанство, кои ја направија Кина економска суперсила, токму загледувајќи се во примерот на Југославија.
На надворешно поле, условниот рефлекс на коленичење пред „посилниот“ зарем е морално поиздржан од неврзувањето како принцип? Сетете се, Југославија беше еден од најжестоките осудувачи на американската воена интервенција во Виетнам, но едновремено и најгласен критичар на советската интервенција во Чехословачка во 1968 година. Токму поради ваквата принципиелност Југославија ја почитуваа и САД и СССР! Подлизурковците никој не ги почитува, најмалку оној кому му се подлизуруваат. Американски претседател како Џими Картер не се двоумел во 1978 да го испрати во Белград на „баци рака“ својот геополитички стратег Збигњев Бжежински (1928-2017) за да побара совет од Југославија во врска со регулирањето на арапско-израелскиот конфликт, а „државнициве“ ни на „независните“ остатоци од остатоците на Југославија имаш впечаток дека се плашат да појдат (простете ми на натурализмот) и по мала нужда без претходно да побараат дозвола од некоја „евро-атлантска инстанца“.
Југословенските народи како заедница дишеа со полни гради и беа свесни дека самите му даваат облик на времето, во кое живеат. Одраз на ова наоѓаме во оној говор на Тито во Сплит од 1962 год., кога вели: „Ниедна од нашите републики не би била никој и ништо да не сме сите заедно, а ние мораме да создаваме своја историја“. Во срж! Истото што го пишува и Дворниковиќ, но „понародски“ срочено. Артикулација на ова самочувствување наоѓаме и во популарната култура. Рок групата со не баш оригинално име – „Југословени“ во својата истоимена песна запејува автоиронично (го задржувам изворниот српскохрватски заради римата):
„Ко у радно време стане,
Скочи мало до кафане?
Југословени, Југословени!“
За по неколку строфи во ист стил, да дојдеме до суштината:
„Ко је крвљу стеко све,
48-ме реко – ,не!‘,
Политику своју тера,
Без Руса и Амера?“
Одговорот е во рефренот:
„Југословени, Југословени!“
Да ве видам сега да терате политика без овие вториве… А останавме ли денес со некоја идеја водилка што самите сме си ја извајале, некаква заедничка смисла, какво било „-умие“, „логос“...? Аман, што и да е, сал нека е подлабоко, пошироко и поживо од приспивниот ритам на тотализирачката (нека ме извини ваишнавската заедница) махамантра: „Харе НАТО, Харе ЕУ; НАТО, ЕУ, Харе, Харе!“
Човек, сепак, не живее само од евра, туку и од смисли. Југославија беше во состојба да создава смисли, во чие обликување учествуваше и Македонија како нејзин составен дел. На втора мисла, наместо „дел“, мислам дека поумесно е да речеме дека Македонија, всушност, беше Југославија, а цела Југославија – Македонија, онака како што Хрватска беше Југославија, а цела Југославија – Хрватска, или Србија, или Босна и Херцеговина итн… Членството во федерацијата не само што не предизвикуваше Македонецот да биде помалку Македонец, Словенецот помалку Словенец итн., туку напротив на сите народи им овозможуваше да го расцутат својот национален потенцијал на секое поле. Не греши Мирослав Крлежа кога за југословенската федерација вели дека е „нешто што се поклопува со максималните можности на политичките остварувања на сите наши народи“. Изразено со троа перипатетика, Југославија е ентелехија на народите што ја сочинуваа(т).
Тука ќе се осмелам да го дополнам Дворниковиќ, кој останува недоречен околу тоа зошто само во заедница нашите народи стануваат субјект на историјата. Зборуваме за етнографско-јазично многу блиски или речиси истоветни популации, но меѓу коишто делуваат различни културни вектори. Македонија и голем дел од Србија имаат силен византиски културен печат, приморјето со Далмација се обележани од латинско-медитеранската култура, Војводина и Славонија се со средноевропско-унгарски културен белег, а Словенија и северозападна Хрватска со средноевропско-германски, појасот од Црна Гора преку Херцеговина до Лика се одликува со една патријархална „хомерска“ култура, додека на потегот од Босна до Македонија присутна е и класичната исламска култура со силна суфиска обоеност. Токму дијалектиката на (етнографско-јазичното) единство во (културната) различност е изворот на енергијата што заедно нè прави субјект на историјата, онака како што разликата во напон е предуслов за да потече електрицитет, или кога разни хемиски супстанци, кои засебно се инертни, но споени стануваат активни.
Овде мора да нагласам дека мојот поим за Југославија ја опфаќа и Бугарија. Таква евентуална Бугарија, која воедно е и Југославија, и по тело и по дух би била поширока од секоја санстефанска фантазмагорија, наоѓајќи излез од геополитичкото скитање по „беспаќата на историската стварност“ (полезен израз позајмен од не баш симпатична персона), што век ипол ја водеа од скутот на еден патрон до друг, час да е тоа Берлин, Москва или Брисел…
Во продолжение, не ми се зборува, како што често се прави, за тоа со кои економски потенцијали располагаше Македонија како Југославија, дека in illo tempore ние произведувавме речиси сè, од автобуси преку бела техника до компјутери. Не би ги набројувал ни институциите сите создадени тогаш, ниту социјалните гаранции итн…
Ќе фрлам поглед само на она што во моментов ме боли – јазикот и поезијата. Споредете, дали во она време имаше повеќе лекторати по македонски јазик во странство или во ова „независново“, „сувереново“? Дали тогаш Струшките вечери на поезијата пречекуваа повеќе поети или сега? Нејсе, еден спомен да ставам на вагата, доволен ќе е за да ја натежне во корист на тоа време. Имено, помнам како дете, кога мајка ми ќе ме земеше со неа до продавница или слично, често ја оставаше вратата од станот незаклучена, иако немаше никој дома. Па сега, кажете самите во какво општество претпочитате да живеете, таму каде не се плашиш да оставиш незаклучен дом или овде, каде секој на секого му припишува задни намери?
Чуди ли тоа што и денес во скоро секоја област Југославија е земана како репер? Се вели – Југославија поинаку ќе се справеше со епидемијата, а не сега како ние, или тогаш ова беше подобро организирано за разлика од денес итн… Никако да излеземе од сенката на таа Југославија. Од под нечија сенка се излегува само ако го надвишиш оној, кој ја фрла сенката. Многу говори за сите нас, а и за Југославија, тоа што и по три децении не успеавме во ниедна сфера да ја надраснеме.
Експедиција на Марс
Да, ќе речат – „југоносталгија“. Извинете, човек чувствува носталгија по она што го памети по добро. А носталгијата по Југославија ја создадовте вие – децениските узурпатори на нашата стварност! Вашата неспособност, апашлук и безобразие прави југословенското време во споредба со ова „вашево“ да изгледа како златен хесиодовски век. Свесен сум дека тоа донекаде е оптичка илузија, но за илузијата не сме одговорни ние, туку вие. И без трикови ве молам, божем носталгијата е по младоста, а не по државата и општеството, во кое таа младост се одвивала. Простете, но јас бев млад и во славните транзициски дни, и мили ми се спомените сврзани со младоста, но не жалам по стварноста, во која таа младост беше принудена да живее, како што нема да жалам и по оваа сега.
Има такви, кои нема да ги негираат постигнувањата на Југославија, но цинично ќе забележат дека тие не се должеле на волјата и креативноста на нејзините народи, туку на митските „странски кредити“. Ова се вика со свој камен по глава! Знаете ли дека во овој миг вкупниот надворешен долг на земјите наследнички на федерацијата е седумкратно поголем од оној на Југославија? Ако сè она остварено од Југославија било плод божем на задолжување, тогаш испаѓа дека со олкаво многуратно поголемо кредитирање сегашниве републики досега требаа да испратат вселенски експедиции на Марс.
Југославија е обвинувана и дека била „вештачка творба“. Чекајте, што е природно, а што вештачко? Природно е сè она, кое човек не го создал, а вештачко е тоа што излегло под човечки раце. Природни се соѕвездието Орион, кањонот на Матка и сибирскиот тигар, а сите држави и нации се нужно „вештачки“, бидејќи ги создале луѓе. Не мислевме ние на тоа – ќе речат -, Југославија ја правеа вештачка различностите меѓу нејзините народи. Извинете, ако погледнете објективно, од етнографска и јазична гледна точка, поголеми разлики има меѓу составните заедници на она што го знаеме како Франција, Германија или Италија. Добро, не станува збор за такви разлики – пак ќе приговорат -, зар може заедно да живеат луѓе од разни вери? Германија при Триесетгодишната војна (1618-1648) помеѓу католиците и протестантите си извршува своевиден авто-геноцид, во кој умира над една третина од нејзиното население. И сега Германија е една држава. А познато ли ви е дека во Швајцарија досега се воделе пет граѓански војни на верска основа (повторно помеѓу гореспоменатите), од кои последната во 1847? Албанија е една нација и покрај тоа што нејзин составен дел се и муслимани, и католици, и православни. Значи, се можело кога се сака!
Секојпат штом чујам за наводно непремостивите „различности“, ми текнува на мојот омилен латиноамерикански писател Ернесто Сабато (1911-2011), кој во едно свое дело од шетачка перспектива си го опишува родниот Буенос Ајрес кон средината на минатиот век, притоа наведува како во некое улично бистро седат во разговор Срби, до нив пијат Хрвати, а заклучокот му е: „Во старата татковина богзнае поради што се колат, а овде, кој да ги разликува?“ Не гледа некоја особена разлика ни Игор Мандиќ, хрватскиот писател и публицист, за кого Хрватите и Србите се „две племиња на ист народ“. Ни на симболичко рамниште нема бегање од испреплетеноста. Па земете го Белград, чиј естетски лик во голема мера е создаден од вајарството на двајца Хрвати: Иван Мештровиќ – „пророкот на југословенството“ (1883-1962), и Тома Росандиќ (1878-1958). Дали знаете дека композитор на хрватската химна – Лијепа наша е еден Србин – Јосиф Руњанин (1821-1878)? Додуша, денес меѓу едните ќе се најдат такви, кои во творештвото на Мештровиќ изнаоѓаат некаква „окултна“ анти-српска симболика, а меѓу другите – онакви што тврдат дека Руњанин не е од српска народност, туку бил Влав (јасно, нека е и Хотентот, само не Србин).
За очекување е и забелешката – да, Југослaвија беше добра идеја, меѓутоа треба да се сосредоточиме сега на ЕУ, зашто таа е заснована врз слични принципи. Не се заблудувајте, Европската Унија е само пародија на Југославија, патетичен симулакрум на југословенската федерација. Југославија беше отелотворување на идеја, во неа чукаше срце, а во ЕУ веќе ни призрак не се гледа од некоја идеја или срченост, барем не од кога е умрен Шарл де Гол (†1970). Оттогаш коските на мртвите идеи ги имаат исползувано како постамент за Златното теле, околу коешто дузина сатири уморни од животот играат баханалиски танц сè дури ноќта не се смилува да им каже – фајронт! А фамозната европска „солидарност“ ја знаеме добро. Се виде „солидарноста“ лани кога Италија, соочена со првиот удар на пандемијата од ковид 19, ја оставија на цедило. Се гледа и сега со распределувањето на вакцините. Југославија лекции може да им држи по солидарност, на пример, каква молскавичност во солидарната реакција беше пројавена при скопскиот земјотрес од 1963, или при епидемијата на вариола вера во 1972. Од македонска гледна точка, единствена солидарност што досега сме ја виделе од Европската Унија е нејзиното редовно солидаризирање со уценувачот.
Крвавата кошула на паланката
Па ако Југославија била толку добра, зошто тогаш пропадна? Најкус одговор би бил насловот на онаа книга од Ерих Фром – Бегство од слободата. Небаре во еден миг сите ние се уплашивме од слободата што ја имавме, поточно, од одговорноста што доаѓа со неа, па полесно ни беше да поверуваме во бајката дека треба само да се откажеме од сопствената субјектност како Југославија, за веднаш отаде зајдисонцето да ни дојде некој Дедо Мраз, кој ќе мисли наместо нас, ќе ни кажува што да правиме, а за возврат ќе нè дарува со сето она што сме го фантазирале, а ни било страв да кажеме. Како Исав, заради една каша од дембелски фантазии си го продадовме првородството! И додека фантазиравме секој за себе, не забележавме како се смежуруваме до состојба на ларва, чија тесна крута кокона е она што го нарекуваме – национализам. Ларвите тежнеат да ријат во почвата, каде се глодаат една со друга, опиени од вкусот на сопствената и туѓата крв. А тебе наеднаш те фаќа с’клет и ти доаѓа заедно со Тин Уевиќ (1891-1955) да крикнеш:
„…žudim samo plavet, Vasiona Njedra,
i ja vičem: Krila! – krila, krila!“
Интересна оцена за типот на национализам присутен на овие простори ни дава Крлежа: „Облиците на национална свест што кај нас беа развивани во XIX век се рудименти на една паланечка средина, кога нашите градови беа од по дванаесетина илјади жители.“ Јас би отишол подалеку, па би се запрашал дали воопшто станува збор за национализам. Какви говорења најлесно распалуваат маси на ова подрачје? – „Усташите, четниците… (додете кого сакате) тогаш нам ни заклале толку и толку луѓе, и затоа денес ние… ослободени сме од морална одговорност ако на тие другите им го направиме ова или она.“ Вечен круг на крвна одмазда, при што на историјата ѝ е доделена неблагодарната улога да биде „крвава кошула“. Не на нациите, ами на родово-племенското уредување својствена му е крвната одмазда како појава. Односно, „национализмот“ што ја убиваше, черечеше и силуваше Југославија е, всушност, трибализам (од латинското – tribus: „племе“). И затоа не чуди што крајните резултати на тој процес толку многу напомнуваат на племенски резервати.
Згора, во нашиот дел од светот владее култот на она што во недостиг на повообичаен израз ќе го наречам – картографската сотериологија. Што значи ова? Веруваме дека единствената причина зошто сме несреќни е тоа што живееме меѓу „неправилни“ граници. Треба само државиците да ни се здобијат со „точните“ граници, и глеј, политичарите за час ќе ни станат чесни, услужливи и убави, чиниш глумци од реклами за машки парфеми, нас пак пред врата ќе нè чека родниот мерцедес или бе-ем-ве, а весниците продавани по Москва, Пекинг и Вашингтон ќе бидат полни со статии за нашата прекрасност и величие, во кои ќе се тврди како цел свет треба ни е благодарен за вакво или онакво цивилизациско достигнување. Тогаш повелете, Македонци, Бугари, Хрвати, Срби, Албанци, Словенци, Босанци итн…! Отворете географски атлас на страницата каде се наоѓа нашето заедничко парче свет. Исцртајте ги сега еден по друг врз картата „правилните“ граници на вашите „велики“, „големи“, „повијесни“, „интегрални“, „автохтони“ држави. Што добивте? – кланица, во која сечилата на камите што колат се тенките линии на сонуваните граници испреплетени во нерешлив јазол!
Секогаш стоиме пред истото распаќе чиј еден крак води во психопатија, а другиот упатува кон… Југославија (или Балканска федерација, зошто да не).
Ова го увиде Димитрие Туцовиќ (1881-1914) среде еуфоријата на Балканските војни (1912-1913), кога кажа: „Сите сакаат пристаништа, сите сакаат достаточно територии, сите го сакаат Солун, сите – Вардарската долина, затоа што сè е толку важно – а не гледаат дека сето тоа може да го имаат само во заедница!“ А наместо заедницата, ја одбравме психопатијата.
Еве и кој психопат најдобро ја илустрира нашата судбина. Неговото име е Чжа̄нг ‘Шјѐнчжо̄нг (1606-1647), попознат како „Жолтиот тигар“. Овој разбојнички арамбаша во хаосот при пропаста на династијата Ми́нг (1368-1644) завладеал со област во југозападна Кина. Според легендата, дотаму уживал во убивањето што го масакрирал целото население на тој крај, па кога снемало луѓе за колење, наредил неговите сопствени војници да се борат до смрт, сè додека последните двајца од потчинетите взаемно не се усмртиле. И замислете, сите му биле послушни до крај... - исто како и ние.
Ганди уште не умрел?
Обично, крајното оружје, по кое посегнуваат југославофобите, е секако „ликот и делото“ на Тито. Историскиот актер се оценува во контекст на времето, во коешто дејствувал, и споредено со неговите современици. Јосип Броз Тито ја споделува историската сцена со личности како Черчил, Рузвелт, Де Гол… Ви се морализира?
Да го земеме Черчил. Неговиот расизам е пословичен. Чујте што вели за најголемиот од народите под негова власт: „Јас ги мразам Индијците, тие се скотски народ со скотска религија!“ Логично, животите на оние, кои ги сметаш за скотови губат на важност. Така, во 1943 год. Бенгал, меѓу останатото, како последица на британската колонијална економска политика, е погоден од глад, којшто покосил околу 4 милиони луѓе. На вестите за оваа трагедија што се одвивала во Индија, Черчил ќе забележи дека гладните „сами си се виновни“, бидејќи „се котат како зајци.“ Но сепак, сер Винстон се надминал себеси во цинизмот кога, добивајќи известувања од колонијалните службеници за тоа колку луѓе веќе умреле од глад во Бенгал, им го испратил прашањето: „А како тоа Ганди уште не умрел?“ Вицкаст е, нема што…
За сето тоа време, жито од Индија се носело во Англија, а пристаништето во Калкута, главниот град на Бенгал, служело како транзитна постојка за поморските транспорти на жито, коишто од Австралија биле упатувани за Британија да бидат складирани таму како државни резерви. Колонијалната администрација праќала депеши до Черчил со барања оваа храна да биде пренаменета за спасување на животи во Бенгал. Винстон Черчил елегантно ги одбил, со предумисла осудувајќи милиони, за нас – луѓе, а за него „скотови“ и „зајци“, на смрт во најнезамисливи маки.
Спомнете си и дека една од архетипските институции на XX век – концентрациониот логор, воопшто ја нема смислено оној пропаднат австриски сликар со идиотски мустаќи, туку фините Англичани за време на Втората бурска војна (1899—1902) во Јужна Африка, да, токму оние кои секое попладне точно во пет часот си пиеле филџан чај со млекце, притоа внимавајќи малото прсте под прав агол да им штрчи во однос на дланката.
Отаде Атлантикот, Френклин Д. Рузвелт просто со извршна наредба без никому да дава отчет во Февруари 1942 ги осудил сите Американци од јапонско потекло (а дефиницијата за тоа била – минимум 1/16 „јапонска крв“) да бидат лишени од слобода, та со вагони за добиток биле пренесени до логори во пустинските предели на американскиот запад. Некои никогаш не се вратиле дома. Токму како Евреите во Германија. Процесот бил ист – сопствени граѓани само врз основа на нивното етничко / расно потекло првин се лишени од граѓанските права, од правото на ползување со својот имот, а сетне лишени и од физичката слобода. Единствена разлика е тоа што во американските логори немало гасни комори.
Најголемата „дамка“ во југословенската историја е т.н. „информбировски период“ од 1948-1953 со Голи Оток. Ексцесите се за осуда! Сепак, лишените од слобода тогаш сите биле возрасни луѓе по претходно донесена судска одлука. Јасно, процедурите биле исполитизирани и избрзани, а напати и неправични. Но во САД цела една популација, од старци преку жени до бебиња, само врз основа на „крвно потекло“, била лишена од слобода и напикана по логори, вон секаква правна процедура! Со кое мерило ја мерите Југославија, мерете ја и Америка, па бидете чесни и кажете што било морално полошо.
Патем, и САД имаат доживеано свое „информбировско време“ од 1947 до 1954 год. Тоа е епохата на т.н. „макартизам“ (според името на сенаторот Џозеф Макарти; 1908-1957), кога неброени животи и кариери, особено во науката и културата, се уништени при параноичната хајка по „црвени“, со илјадници по илјадници апсења поради политички убедувања, а и погубувања, како она на брачниот пар Јулиус и Етел Розенберг во 1953, за чии животи безуспешно се застапувале и Сартр и римскиот папа. Тогаш насекаде владеело кодошењето и взаемното сомничење, а некои сојузни држави, како Тенеси во 1951, пропишале и смртна казна за „повикување да се собори уставниот поредок“; внимавајте – „повикување“, а не физичко дејство. Значи, смртна казна за вербален деликт!
Без оправдување на „информбировштината“ во Југославија, но донекаде може да се разбере тогашната состојба на страв. Земјата реално имала од што да се плаши, кога на границите налегнала советската армија, кога југословенски граничари секојдневно гинеле од снајперски оган, кога во Москва јавно се објавувале списоци со имиња на југословенското раководство предвидени за отстранување (а претполагате како Сталин „отстранува“). Среде таа психоза несомнено се правеле грешки. Но со што да ја оправдаме паранојата во Америка? Во 1947 економијата на САД е поголема од онаа на целиот останат свет, со најмоќна армија, која единствено поседува нуклеарно оружје, плус географска заштита од два океана, и пак…
Сè на сè, Черчил и Рузвелт лично, а и Британија и САД историски имаат многу повеќе работи „на душа“ отколку Тито или Југославија како држава.
Ретки се оние личности во историјата, за кои без двоумење би кажале дека биле „амбасадори на пеколот“. Меѓутоа, за секој друг човек, кој одбележал одредена епоха, прашањето дали бил „само добар“ или „само лош“ лишено е од смисла. Тито, политичкиот творец на втората Југославија, бил противречна личност. Бил, како што бил контроверзен и Александар I Караѓорѓевиќ, политичкиот создавач на првата Југославија, какви што не помалку (ако не и повеќе) биле и Вашингтон, и Бизмарк, и Де Гол, и Пилсудски, и Нехру, и Че Гевара и… јас и ти ако некој ден бидеме сметани за историски личности. Тоа е нужно така, зашто самата логика на историскиот процес е противречна. Неконтроверзен живот е само малограѓанскиот, чиј пејсмејкер пулсира со систолите од пораки на Твитер и дијастолите од клипови на Јутјуб. Сакате во историјата? Во неа се влегува неизоставно низ портите на противречноста.
За крај, прошетајте по престолнината на нашата колективна фантазија – Брисел, полн со статуите на кралот Леополд II (1865-1909), кој онака „европски“ на почетокот од XX век го „намалил“ населението на Конго за десетина милиони луѓе, при што не стаписува само бројката на убиените, туку и она што го доживеале пред да умрат.
Сепак, на Западот сè му простуваме, зашто е „демократски“. Изненадувачки ли е ако кажам дека од одредена перспектива Југославија се покажа подемократична? На ум го имам… самоуправувањето. За нас „демократија“ е ако еднаш на четири години ни е пружено задоволството што трае секундичка, да заокружиме нечие име откако претходно нè шашардисале со огномет од дебело платени лаги (т.е. „пи-ар“). Притоа, забораваме дека човек барем осум часа секој Божји ден живее на работно место, каде ѝ е роб на „невидливата рака“, која во секој миг може да му ја ускрати егзистенцијата. Така е кај нас, така е и во „светот“. Никој не зборува за демократија во работните односи? Достигнување на Југославија е што се нафати да воспостави демократски односи на работното место, со цел вработениот да се почувствува слободен и да стекне моќ над сопствената материјална егзистенција. Некој дури би рекол дека ова претставува посуштествена демократија од спомнатата „секундичка на задоволство“.
На Томос до Кумаси
Не само што во нашето југословенско минато имаме малку повод за срам, туку напротив, Југославија е таа која го обели образот на Европа. Во Југославија народите на она што потценувачки го нарекуваме „трет свет“ за првпат во своите истории запознаа една друга Европа, Европа, којашто не ги гледа од висина, која не е предатор, ниту е измамник, југословенска Европа што нив ги третира најсетне како луѓе, која умее да сострадува и да им укажува помош без задни намери. И да знаете, тоа се цени… до ден денес!
Пред нешто повеќе од една година учествував во Дизелдорф, Германија, на синолошка конференција. На враќање се возев во такси до тамошниот аеродром, а возачот на лик ми се виде како да потекнува од некоја братска неврзана земја. Разврзавме муабет. Дознав дека тој доаѓа од Гана, но самиот имаше мака да разбере јас од каде сум. Не чул за Македонија, па „северна“ била таа или не знам каква. Во тие околности, прибегнувајќи кон последното географско оружје на располагање, му предочив: „Види, тоа некогаш беше Југославија“. Штом го чу тој збор, лицето му се озари, па продолжи: „Југославија беше голем пријател на Гана и на цела Африка! Знаеш што, јас сум роден во Кумаси (град во централна Гана), и таму Југославија на времето ни изгради фабрика за Томос мотори. Мене татко ми кога бев мал секој ден ме носеше на училиште качен на Томос…“ Само за појаснување, овој такси возач од око ми се виде дека е на одвај триесетина години, ако беа и толку, што значи тој лично не можел да се сеќава на Југославија. Односно, Југославија за него е предание, кое му е пренесено од родителите.
Тажи и радува сознанието дека, додека ние се забораваме себеси, таму некаде меѓу егзотичните контури на Африка, сеуште се сеќаваат на нас. Во пределите на некогашното кралство на златото Ашанти легендата за Југославија живее… А којзнае, можеби таа легенда им ја раскажуваат на децата почнувајќи со финалните зборови на филмот Подземје (1995) од Кустурица: „Си беше еднаш една
земја…“
Фотографиите се од филмот Underground (1995, Емир Кустурица)
Извор за текстот: Плус инфо