Тропикот на Орхидејата

28.01.2021 13:52
Тропикот на Орхидејата

  Вилкабамба е најзеленото место што сум го видела. Толку е зелено што целата природа личи на измешани пиксели во сите зелени нијанси. Преку ден изгледа како воздухот да е зеленкаст и е превкусен за дишење. При секој здив, му ја чувствував свежината која ми се ширеше сѐ до стапалата. Нешто како во рекламите за Airways мастики, само што ниедна мастика не е ниту приближно продорна како воздухот во Вилкабамба.

Немаше да го посетам тоа место доколку не наидев на една многу интересна информација: некој ми кажа дека очекуваниот животен век на жителите во Вилкабамба е околу 100 години и дека има многу луѓе стари и до 120 години. Јас тоа морав да го утврдам на лице место. Додека патував натаму размислував на кого сѐ ќе му кажам дека постои место каде што можеме да се глупираме 101 година и уште две-три декади плус.

Кога пристигнав ме пречека многу дожд. Тоа не беше така невообичаено бидејќи беше март, периодот на дождови во Еквадор, но беше премногу силен и не можев да се понесам себеси кон авантурата која сигурно се случуваше без мене на некоја од улиците. Трчкајќи од под една стреа до друга, што беше доста исцрпувачки, конечно се довлеков до еден хостел, го фрлив ранецот и правец – еквадорска кафана, во потрага по еликсирот на долговечноста.

На мое големо изненадување, во малиот центар на Вилкабамба имаше барчиња, пицерии, мексикански ресторан и многу млади луѓе. Сето тоа многу беше привлечно, но јас не бев отишла таму за да бидам млада, туку за да дознаам како да станам многу, многу стара. Извршив површинска детективска истрага низ сокаците. Наидов на неколку типични еквадорски кафеанчиња, но беа затворени. Доста сомнително.

Ми преостануваше само пиво во некој од баровите. Секако, имаше и други не-Еквадоријанци наоколу, но кога си во потрага по Ел Дорадо, не сакаш да споделуваш многу информации со други експедиции, па така, разговаравме за сѐ останато, освен за долговечноста.

Кога барот затвори, се разделивме, а јас не бев сигурна по кој пат точно требаше да се вратам. Но, Вилкабамба е мала и не можев многу да се изгубам. Единствената опасност беше тоа што секој раб на селото се граничи со зелената дождовна шума. Тргнав по еден од сокаците и препознав дека тоа не беше патот кон хостелот, туку кон едно од претходно затворените кафеанчиња. Овој пат не беше затворено. Часот беше еден по полноќ.

Внатре немаше никој освен една старица и еден возрасен младич кои седеа и гледаа телевизија без глас, додека тивка музика го исполнуваше остатокот од просторијата. Седнав, а тие без да се изненадат од моето пристигнување продолжија да си гледаат во телевизорот. Старицата ми се приближи љубезно прашувајќи ме што ќе нарачам.

На поплочениот ѕид, кој не беше шанк, но имаше функција да ја одвои кујната од остатокот од просторијата, беа поставени големи тегли со течности во разни бои. Ја прашав што е тоа, а таа одговори дека се ликери. Очите ми светнаа: „Ликери од што?“ – ја прашав. „Манго, маракуја, гуава, туна, лимон и портокал“ – рече.

Штотоку ги имав откриено повеќето од овошјата така што решив да ги дегустирам сите ликери. Можеби ферментирано тропско овошје е напитокот за долговечност?!

Во кафанчето влегоа тројца старци. Расположени и весели, се сместија на една маса. По некое време, влегоа уште луѓе, сите старци и старици. Ги гледав и размислував по колку ли години може да имаат и како воопшто изгледаат луѓе кои имаат 115 години. Сите културно ме поздравуваа, но не ми обрнуваа многу внимание. Разговараа, гласно се кикотеа, а јас и мојата младост седевме збунети со течниот овошен шеќер. Зборуваа на кечуа, јазикот на кој не успеав да научам ни да бројам до пет. Но, сепак ги слушав.


Еден од старците на блиската маса ме замуабети. Ми објасни дека тој, како и сите останати во кафеанчето, се чувари на орхидеите во околната џунгла. На оние што се останати, бидејќи, како што кажа тој, црниот пазар на орхидеи е еден од најраспространетите во регионот.

Според него, орхидеите се како злато - секој сака да ги поседува. Ми раскажуваше за најретките и најчудесните орхидеи кои се појавуваат само во ноќните часови и кои постојат само еден ден. И дека тој е еден од ретките луѓе што видел таква.

- Има луѓе низ светот кои се буквално луди по орхидеи – рече. – И не ги обвинувам, ги разбирам. Орхидеите можат да те маѓепсаат и да полудиш од љубов кон нив. Тоа не се обични цвеќиња. Всушност, понекогаш си мислам дека не се ни растенија. Има нешто вонземско во нивниот изглед. Понекогаш изгледаат како наивни шумски духови, за потоа да се претворат во блудни вештици. Зборуваат без ништо да кажат. Им причинуваат лудило дури и на инсектите кои ги опрашуваат. Да! Толку ги привлекуваат што инсектите мислат дека тоа е партнер за парење и водат љубов со орхидејата.

Бев маѓепсана од сѐ што слушнав. Не бев слушнала нешто поубаво.

- А како изгледа најретката орхидеја што си ја видел? – прашав.

Се насмевна и рече:

- Тоа би било како да бараш да ти опишам бои кои не се од овој свет. Јас луѓето ги делам во две групи: оние кои доживеале да видат таква орхидеја, и остатокот од светот. Тие орхидеи не ни сакаат да бидат видени и вешти се во криењето. Кога се отвораат, целата тропска шума се претвора во ноќен карневал. Кога ќе поминеш доста време во шумата можеш да ги слушнеш, да ги намирисаш, да знаеш дека расцветале, но не и да ги видиш. Целата шума изгледа поинаку од вообичаено.

- А, крадците за кого ги крадат?

- Па, има постојана побарувачка за орхидеи. Има луѓе кои би продале сѐ што поседуваат за да видат ретка орхидеја. Има и многу колекционери кои ги собираат и се опседнати со откривање на нов вид. А овде има многу видови орхидеи кои се ретки, а и такви кои се неоткриени.

- Сакаш да кажеш дека крадците на орхидеи ги крадат и оние ретките кои речиси никој не ги ни видел?

- А не, не. Доколку воопшто и наидат на таква, знаат дека со првиот зрак светлина, орхидејата ќе се исуши, ќе исчезне. Исто така, веруваат дека ако откријат таква орхидеја и ја скинат, таа ќе ги проколне.

- Зошто веруваат така? Се случило некогаш орхидеја да проколне некој од нив?

- Да. Многу одамна, еден човек од едно соседно село имаше многу богат клиент од Англија. Работеше ексклузивно за него. Англичанецот беше опседнат со орхидеи и сето богатство го трошеше само на експедиции во џунглите низ светот за да наоѓа нови. Сакаше да ги има сите видови орхидеи кои постојат. А тоа е невозможно. Иако денес орхидеите успеваат речиси секаде во светот, постојат преку 30 000 различни видови меѓу кои има некои кои се премногу ретки, премногу специфични... премногу магични. Има и такви со форми и бои невидливи за човечкото око. И така, еден ден, човекот кој ги собираше орхидеите за Англичанецот, нашол една од најретките и решил да ја скине. Наредното утро орхидејата се претворила во прашина, а човекот веќе никогаш не можеше да види друга орхидеја. Едноставно, орхидеите престанаа да постојат во неговиот свет.

- А другите видови орхидеи кои не се толку ретки, тие не се лутат што ги кинат и продаваат? Тие не можат да те проколнат?

- Не. Ним не им пречи. Орхидеите сакаат да бидат сакани. Освен некои кои не сакаат да бидат вознемирувани.

- Колку чини најскапата орхидеја?

- Најскапата би била бесценета. Би била повредна од еден цел живот, а да не ни споменуваме валути. Од оние кои се достапни, најскапите се продаваат и за 5000 долари. Пред десетина години, една орхидеја се продаде за 200 000 долари на аукција.

- А крадците на орхидеи, од селово се? – прашав.

- Не, тие се од секаде. Никој од селово не ги краде орхидеите. Ние ги негуваме и чуваме. Затоа сме овде. Никој од нас овде не може да го напушти селово. Неколкумина се обиделе но полуделе. Маѓепсани сме и живееме за да ги гледаме орхидеите. Опседнати сме со нивната убавина. Речиси целото село е опседнато со орхидеи. Ретко разговараме за нив. Но, и немаме кога – целото време го поминуваме во шумата гледајќи ги. Нема ништо поубаво на светот од тоа да сакаш орхидеја.

- А, колку време работиш како чувар на орхидеи? – прашав.

- Не знам - одговори. Многу.

- Па, отрилика? 10? 20? Повеќе-помалку?

- Не се сеќавам на времето пред да чувам орхидеи. А секој нов ден е ист и не знам колку време поминало.

- А колку години имаш?

- Не знам.

- Како не знаеш? Отрилика? На пример 50? 60? 70?

- Ах, многу имам. Повеќе.

- Колку? – настојував – 100? 120? – прашував со ококорени очи, а тој се изнасмеа и рече – Можеби, не знам. Никогаш не сум изброил колку години имам. Никој во Вилкабамба не знае колку години има. Никогаш никој не ни кажал.

-Зарем сакаш да кажеш дека никој од овие луѓе не знае колку години има?

-Па, сите имаат многу. Секогаш кажуваат различно. Можеби денес ќе ти речат 70, утре 120... Не знаат. А и не ги интересира.

Помина уште некое време и сите гости од кафеаната почнаа да се разотидуваат. Ме напушти и старецот кој веројатно ме заборави во истиот момент кога ме поздрави. Бидејќи, нели, не сум орхидеја.
Јас останав да си го допијам ликерот, а келнерката почна да ги расчистува масите.

- Знаеш - ми рече - сите тие се маѓепсани од орхидеја.

- Ах, да, штотуку дознав – одговорив.

- Кутрите. Полудени се. Да те маѓепса орхидеја е како да си ја продадеш душата на ѓаволот. Живееш долго колку што не можеш да изброиш, само за да им се восхитуваш – продолжи таа.

- Како мислиш живееш долго? – ја прашав.

- Маѓепсувајќи те, орхидејата ти дава долговечност. Но, таа долговечност ќе ја потрошиш само на нив. Ти ја даваат за да им се восхитуваш. Обземени се од човековата способност за љубов, обожавање и опсесија. Не се злобни. Само сакаат кога луѓето ги гледаат со тап, заљубен израз – се изнасмеа. Фина беше старицата, а и расположена за шегување. – Не, само ја сакаат возбудата и среќата на луѓето.

- А ти? Ти не си маѓепсана? – ја прашав.

- Кој? Јас? Ма има да ги направам ликер!

Се испративме со смеење.
Си помислив дека сакам да живеам многу, многу долго, ама не само за да им се радувам на орхидеите во џунглата. Не дека е лошо да зјапам во најубавите и најмагичните цвеќиња уште цел еден век, но сакам да се воодушевувам и на други цвеќиња. Не мора да се најубавите. Така што, решив дека нема да се трампам за долг живот.

 

Повеќе од авторката

ОкоБоли главаВицФото