Комитетот за бебешки имиња во Исланд

28.01.2021 15:46
Комитетот за бебешки имиња во Исланд

 
  На Јоханес Бјарни Сигтригсон работа му е да реши дали името Клеопатра е исландско. Свесен е дека тоа е одлука која не треба да ја потцени, и е одлука која не ја носи сам. Тој и уште двајца луѓе го сочинуваат Mannanafnanefnd, односно Комитетот за лични имиња, групата која ја има одговорноста да ја зачува старата традиција за именување на бебињата.

Секој месец до нив стигаат барања од родители. Просечно, од една половина до две третини од имињата ќе бидат одобрени и внесени во официјалниот регистар, кој моментално брои 1888 машки имиња и 1991 женски имиња.

Но, повремено и со родителската креативност „се претерува“. Во тој случај Јоханес мора да го врати барањето, замолувајќи ги да изберат друго име.

Иако политички Исланд е една од најлибералните нации на светот, кога се работи за јазикот, тие се доста конзервативни. Личните имиња – од кои многу датираат стотици години пред Сагите, и се склопови од именки, глаголи и придавки кои говорат за суровите исландски зими (Елдјарн - „огнено железо“; Глобјорт - „силно светло“) – се сметаат за продолжение на националното наследство. Имињата кај Исланѓаните се излистани и надгледувани од страна на овластена комисија, која се именува на секои четири години.

Јоханес докторирал исландска граматика, објавил бројни трудови и, што е најважно, го има најдоброто име. Бил именуван по дедо му, Јоханес Бјарни, како и многу првородени Исланѓани, инаку познат поет, а името на татко му, Сигтригур, е традиционално вклучено во неговото презиме.

Јоханес со сопругата имаат три сина, и исто така ја следеле традицијата на именување. Нивниот најстар син се вика Гудмундур по дедото од мајчина страна; вториот син Сигтригур по татко му на Јоханес, а откако ги потрошиле дедовците, третиот син го нарекле Ејстеин, во чест на Ејстеин Асгримсон, монах од 14 век и поет познат по чистотата на неговиот исландски јазик.


Романтичната идеја за чистиот исландски

Историјата на јазикот во Исланд е долга и комплицирана. Кога академиците фалат нечиј јазик дека е „чист“, под тоа подразбираат исландски јазик неизвалкан од странски зборови, звуци или букви. За да се разбере ваквиот пуризам, треба да погледнеме кон младите автори од раниот 19 век кои пишувале на исландски. Тие имале романтична идеја за минатото на нивниот јазик – за нив, исландскиот бил како „некогаш прекрасна жена покосена од инфекција од ниски германски, латински и дански позајмени зборови“. Особено данскиот кој бил јазик на нивните колонизатори, сметале дека го ослабел исландскиот, и авторите имале за цел да го ревитализираат.

Набрзо, да се однесуваш како Данец значело да го украсуваш говорот и да го свртиш грбот на татковината. На Исланд му требал модерен национален поет – некој исландски Гете или Молиер – а авторите во тоа време го ценеле младиот натуралист Јонас Халгримсон. Никој дотогаш не пишувал толку убаво и вешто за флората и фауната и секојдневниот живот.

Уште повеќе, имал талент за измислување нови зборови без позајмување звуци или значења од Французите или Данците. Aðdráttarafl („магнетна сила“ или буквално „сила на привлекување“),fjaðurmagnaður („еластиечн,” или буквално, „вешт за ратегнување”), hitabelti („Тропик,” буквално, „жежок појас”), and sjónarhorn („перспектива,” буквално, „агол на гледање”) спаѓаат во стотиците создадени зборови.

Во 1918 година, Исланд оствари независност од Данска и последиците од визијата на Халгримсон опстоија. Опсесијата со искоренување на секоја трага на странско влијание во јазикот уште повеќе се ожести. Со развојот на технологијата и смалувањето на светот, напорите на пуристите се интензивираа. Од 1960-ите универзитетите на Исланд редовно прават проценки на промените во јазикот и ги следат медиумите, внимавајќи некој странски збор да не добие предност пред исландска составка.

Преку паметењето на поетот Халгримсон и неговата пасторална визија, Романтичарите создале нов лингвистички стандард. Денес, кога Исланѓаните кои живеат близу главниот град, што е случај со две третини од нив, се уловат себе како користат нешто од американски филм или од британска поп песна, имаат непријатно чувство.


Бизарен судски случај

Насловите како „Мануел и Тоби добиваат зелено светло, но не и Дилја“ или „Ингвелдур е дозволено, но Сванхилди е забрането“, се вообичаени.

Одвреме-навреме Јоханес ќе чуе некој кој сака комитетот да се затвори за Ислаѓаните да можат да си ги именуваат децата како што сакаат. Тогаш ќе се сети на одговорот на неговата колешка Агуста на ваквите коментари: ако тоа се дозволи, ќе завршиме со семејства што на децата им даваат само бројки наместо имиња или називи долги колку седумнаесет имиња.

Над сѐ, Јоханес и колегите се грижат за исландската граматика. Во исландскиот именките имаат род; имињата граматички се однесуваат како именки од соодветниот род.

Во 2012 родителите на тинејџерка поднеле тужба против одлуката на комитетот да го одбие нивниот предлог за име поради непоклопувањето на родот на името. Претставниците на комитетот тврделе дека ги почитувале правилата.

Комитетот сметал дека треба да го отфрли името, и покрај тоа што девојчето било веќе крстено. Тие тврделе дека иако името Блер, кое буквално значи „нежен ветрец“ звучи како женско име, всушност е машко. Машко име за девојче за комитетот е нешто нечуено. Свештеникот кој го крстил детето обидувајќи се да посредува во компромис помеѓу двете страни предложил да се приспособи во Бледис, совршено добро женско име, но родителите не сакале ниту да чујат.

Мајката, Бјорк Еисдотир, ја раскажала својата приказна за судот. Името Блер го нашла во романот од 1957 „Рибите можат да пеат“ од Халдор Лакснес, единствениот исландски добитник на Нобелова награда. Кај Лакснес името Блер е име на женски лик, и Бјорк уште при читањето на книгата решила така да ја крсти ќерка си. По крштевањето во 1997, кога дознала дека комитетот го одбил името, пишувала молби до премиерот и до бискупот. Пет години подоцна кога семејството патувало во САД, на пасошот на девојчето легалното име ѝ гласело Stúlka што значи „девојче“, „женско“. Како во некоја игра. Кога и да била во формална ситуација, името ѝ било Stúlka, но за родителите, пријателите, учителите, била Блер. Сега, на 15 години, девојката требало да почне да размислува за тоа како ќе го пренесе своето име на сопствените деца кога ќе влезе во брак. Затоа мајката и ќерката решиле да поднесат тужба.

Претставникот на комитетот признал дека Блер можеби навистина не звучи толку машки, но сепак, би претставувало „голем чекор“ за судот да пресуди дека името Блер може да припаѓа на дете независно од полот. Обвинителот, пак, тврдел дека веќе постоел преседан за користењето на името Блер како женско име (во националниот регистар постоела извесна Блер Гудмундстдотир, родена во 1973). Дополнително, го убедувал комитетот дека постојат соодветни женски деклинации за името (во исландскиот јазик личните имиња ги менуваат формите).

На крајот судот се согласил. Во јануари 2013, судијата пресудил дека името Блер може да се користи како женско име.

Општествата, сепак, се менуваат. Пред сто години децата родени вонбрачно биле реткост во Исланд, но денес ситуацијата е обратна. Денес не се стигматизираат мајките кои самите ги одгледуваат своите деца. Од таа причина, помеѓу другото, сѐ повеќе синови го вклучуваат името на своите мајки во презимето. Можеби неколку децении од сега, некој младич кој се шета по фјордовите ќе се вика Антониус Клеопотрунос.

Извор: ideas.ted.com
Илустрации: Anna Ring

ОкоБоли главаВицФото