Сериозни жестоки пијалаци без алкохол

29.01.2021 01:05
Сериозни жестоки пијалаци без алкохол

Антиалкохоличарите кои последниве неколку месеци ги поминаа на забави и состаноци на Зум не си поминаа баш најдобро. Многумина се изморија гледајќи како нивните пријатели пивнуваат виски, додека пред нив има само чаша со минерална вода. Потоа полека се повлекуваат и се исклучуваат.

Но, што ако постојат безалкохолни пијалаци кои треба да се пробаат? Оној вид кој заслужува да се задржи во устата и да се почувствува под јазикот, оние после кои се задржува чувството, не само во ждрелото? Нешто предизвикувачко. Нешто горко.

Творците на новата серија безалкохолни пијалаци сакаат да произведат нешто токму такво.

„Не треба да има само една или две ноти“, вели Џон Вајзмен, кој во 2017 ја основаше дестилеријата за безалкохолни пијалаци „Кјуриус Еликсирс“. „Мора да има барем три, за консументот да се обиде да ги препознае.“

Вајзмен почнал да си поигрува со рецептот за „Негрони“ без малиган во својата кујна во Хадсон Вели во Њујорк. Причината била едноставна: „Премногу пиев“, признава. Но не бил задоволен од понудата сирупести сокчиња кои ги нарачувал во њујоршките барови и рестораните. „Сакав нешто што би ме натерало да забавам и да го ценам она што го пијам, а не нешто што само наеднаш ќе го испијам.“

Онаа пауза што мора да ја направите заради жестокоста? „Тоа е она што пијалаците ги прави сериозни“, рече.

За трезвените кои сакаат да излегуваат, зборот „сериозен“ е клучен. Затоа Бен Бренсон го создаде „Сидлип“, линија безалкохолни ракии кои се произведуваат во Англија така што секоја поединечна состојка ја дестилира во бакарни казани пред да ги помеша.

„Бев на вечера со вереницата, која нарача преубава чаша бордо, а кога побарав нешто безалкохолно, келнерот ми донесе лажен коктел, розеникав и овошен“, зборува за инспирацијата и првите чекори во 2015 година. „Се почувствував како вистински идиот. Тој пијалак не беше соодветен со храната, ни со амбиентот и се прашував како е можно рестораните да им излезат во пресрет на сите клиенти со разни алергии, но една возрасна личност не може да добие пристоен безалкохолен пијалак?“

Минатиот август, британскиот конгломерат „Диагео“ купи мнозински пакет акции од неговата компанија.

„Сидлип“ користи растенија како што се грашакот и лимонската трева, но „Curious Elixirs“ и поновите брендови како што се „For Bitter For Worse“, „Ghia“ и „Gnista“ се движат поодлучно кон најважниот вкус: горчината.

Растението со најголема горчина, чиј назив гордо стои на налепниците на повеќето нови пијалаци, е сенфот, кој некаде го нарекуваат енцијан. „Gnista“, линија шведски безалкохолни ракии, користи пелин, кој вообичаено ни паѓа на ум кога зборуваме за апсинт и вермут.

„Постои цел спектар горчина, од ренот до сенфот“, вели Џенифер Меклаган, авторка на книгата „Горко: Вкусот со најопасна арома, со рецепти“.

Повеќето безалкохолни пијалаци страдаат токму од тоа, вели Алисон Сент Пјер, поранешна барменка во „Кинг“ во Њујорк. Еден од нејзините фаворити е газираниот битер кој се добива со карамелизирање на цитрусно овошје во рерна со коријандер, рузмарин, црн бибер и цимет.

Шели Елкович, основачка на „For Bitter For Worse“, која започна во јануари, наведува дека сѐ е во името („Во горкото и во лошото“).

Таа го покажува писмото кое го добила од еден клиент, жена која, после повеќегодишна битка со алкохолизмот, успеала да биде трезна четири месеци. „За првпат после долго време се видов со пријателите и не ми пречеше кога сите пиеја“, напиша таа во писмото.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото