Какви се симптомите на британскиот сој на коронавирусот

29.01.2021 11:04
Какви се симптомите на британскиот сој на коронавирусот

Според британската Служба за национална статистика, симптомите кај новиот сој на коронавирусот, кој најпрво беше откриен во Британија, малку се разликуваат од досега познатите. Почесто се појавуваат симптоми како кашлица, болки во грло, замор и болки во крајници, додека загубата на сетилото за мирис и вкус- сметана за карактеристична за нормалната варијанта- е поретка.

Истражување, спроведено меѓу 6.000 случајно избрани Британци со позитивен тест на коронавирус, заклучува дека новата мутација до истиот степен ги предизвикала истите симптоми како главоболка, отежнато дишење, вознемиреност и повраќање.

Новиот сој е многу позаразен

Д-р Кристоф Шпехт, лекар и медицински автор, коментирајќи ги резултатите од тоа истражување вели дека обичен човек нема да може сам да заклучи дали е заразен од новиот или од стариот сој.

„Доколку го загуби чувството за мирис, тоа со голема веројатност би значело дека се заразил со познатата варијанта на вирусот. Но не е исклучена можноста дека можеби е носител и новата варијанта. Како и обратно. Разликите се многу мали“, вели д-р Шпехт.

Мутациите на вирусот се должат на промени кои се случуваат во неговиот генетски код. Некои од тие промени го прават вирусот поопасен, забрзувајќи ја неговата трансмисија од носител до носител. Новиот сој, откриен во Велика Британија, кој се води со ознаката В.117 се пренесува со 30 до 70% побрзо од досега познатите.

Во однос на смртноста, иако се уште нема детални студии, проценките на експертите се дека и во тој сегмент оваа мутација може да биде поопасна.

Извор: Дојче веле