Гувеејќи среде пандемиските злостори

29.01.2021 16:34
Гувеејќи среде пандемиските злостори

 

Практично од самиот нејзин почеток ова време мината година, па сè побрутално како се размавнуваше по планетава, пандемијата на ковид-19 сосем ја разголи психопатската природа на глобалниот либерален капитализам. Оваа предаторска био-идеологија што себеси скромно се нарекува „начин на производство“, додека политички се претставува како „либерална демократија“, успеа да потфрли не само во остварувањето на вредностите што никогаш не и’ биле силна страна – како што се солидарноста, хуманоста, сочувството, социјалната грижа, еднаквоста или емпатијата – туку покажа дека и својствата коишто отсекогаш ги присвојуваше како дистинктивни – како што се организацијата, ефикасноста, слободниот пазар и претприемништвото – во пандемијата се разоткрија само како безвредни флоскули некогаш корисно употребени во пропагандни цели во времето на Студената војна. Оваа глобална мизерија на глобалниот капитализам го достигна своето крешендо во недостојната и во секој поглед неморална и одвратна – но не помалку смртоносна – хорор сапунска опера, која ја предизвикаа анти-ковид вакцините и дистопиското (не)вакцинирање на човештвото.

Морална вертикала

И додека во златните три децении од повоениот модернизам и јакнењето на свеста за планетарното единство на народите и основните човекови права – практично единствените 30 години од повеќевековното постоење на капитализмот, кога тој ги покажа срамежливите црти на својот „човечки лик“ – беше можно, па дури и нормално, пронаоѓачот на една од полио вакцините, славниот Џонас Салк, да се откаже од каква било заштита или патентирање на вакцината сметајќи ја за општо добро, на денешните истражувачи и на фармацевтските гиганти таквиот анахронизам им е незамислив. Тие вакцините против пандемиската чума ги гледаат само и единствено од аспект на профитот, без оглед колку милиони луѓе ќе починат од грда смрт и колку други милиони ќе останат трајно оштетени и инвалидизирани од болеста.

Иронијата да биде поголема, токму „адмиралските бродови“ на либералниот капитализам – Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство – со индигнација го одбија барањето на Индија и Јужна Африка фармацевтските гиганти да се откажат од правата на интелектуална сопственост и технологијата на производство на вакцините да ја направат општочовечко добро кое ќе му стане веднаш достапно на целиот свет.


Зошто во ова нечовечко, буквално рептилско однесување на САД и ОК има смртна иронија? Па овие две супер развиени капиталистички империи покажаа најнизок општествен капацитет да се носат со модерната чума: во Америка се бројат веќе над 400.000 жртви, додека во Британија се повеќе од 100.000. Ќе рече човек дека токму во овие тешко погодени земји ќе се разбуди свеста за размерата на страдањата на луѓето од пандемијата, што понатаму ќе ја обезбеди неоходната морална вертикала за еден општочовечки хуманизам…

Но, не, одговорот на знаменосците на капитализмот беше само уште едно лажно пропагандно просерување: патентните права ги обезбедуваат неопходните истражувања и иновативност, без коишто – разбира се – животот и не може да се замисли. Како и обично, оваа рационализација на рептилската алчност на фармацевтските гиганти и на нивните империјални влади е обична лага: најголемиот дел од парите за истражувања водат потекло од државни фондови и грантови, а конкретните вакцини и технологија за нивното производство беа и обилно финансирани од јавните пари исплатени за огромните количини на однапред купените и непроизведени вакцини.

Така што, да може човек сликовито да си го претстави моралниот и хуманиот лик и состојбата на свест на „првенците на светскиот капитализам“ и најстарите и „најсофистицирани демократии“ на планетава, во светлото на нивниот перформанс со причините за (не)вакцинирањето на човечкиот вид од овој нов смртоносен вирус, би требало веројатно да си помогне со снимки од комодо гуштерот и дамарите на неговиот рептилски мозок, заедно со трагите од неговите отровни лиги што везден му претекуваат од гнасната му челуст.

Свет без идеологија

Навистина, „дечките“ не утнаа ниту во една фаза од пандемијата. Првин го дестимулираа барањето на стари и евтини лекови што можат со мали измени и нови протоколи да спасат стотици илјади животи, и ја фокусираа надежта – и парите – за најпрофитниот и најскапиот спас – вакцината. Потоа ја врзаа трката за пронаоѓање на вакцината со националистичките чувства и идеолошки анимозитети што им прилегаа на најжестоките натпревари од Студената војна. Па ги впрегнаа своите империи однапред да вршат притисок на владите од заедницата на светски држави и државички, својата геополитичка и идеолошка „лојалност“ да ја искажуваат преку слепото определување само за нивната вакцина. Потем, го употребија тивкиот пропаганден инструментариум да се озлогласат кинеските и руските вакцини, во битката за светски монопол на најскапата и најкомплицираната за администрирање вакцина, и нежно ги дестимулираа владините тела да пројавуваат вишок на ентузијазам кога се работи за одобрување на кинеските и руските вакцини. Со што, се разбира, не обезбедија повеќе профит за себе, туку само помалку вакцинирани луѓе во светот и последично повеќе заразени и мртви. И очекувани 30 милијарди долари профит оваа година. И ништо повеќе.

Деновиве му сведочиме и на неподносливо брзиот слом на монополистичкиот договор на најбогатите земји за приоритетно испорачување на вакцините на најбогатите, зашто се покажа дека дури и меѓу нив нема еднаквост – што ги одвојува од сите помалку еднакви – па испадна дека „Фајзер“ и „Астра-Зенека“ не можат да им ги испорачаат ветените и платените вакцини поради огромните привилегирани нарачки на САД и Обединетото кралство, кои ги засркнаа производните линии на монополистите. Трпеливото молчење на остатокот на светот, на сите нас од дното на листата на чекање, и не е веќе тема што заслужува коментар.

Она што заслужува коментар е непостоењето на конзистентна идеологија во светот, што може да го претвори ова зло во конструктивна мисла која ќе го мобилизира човештвото да дејствува во согласност со егалитаристичките начела и вредности. По глобалната пропаст на социјализмот, пролетерскиот интернационализам и социјалдемократијата пред четири децении, на планетава за жал не е пронајден морален еквивалент на овие идеологии. Можеме само пасивно да ја набљудуваме „невидливата рака на пазарот“ – како ја нарече Адам Смит – како не само што не ги решава проблемите на нееднаквоста и сиромаштијата во светот, туку како ги зголемува до пароксизам. Гледаме и како буквално го краде човештвото, ја пустоши планетата, а еве – среде пандемијата – гледаме и како му го краде здравјето и како убива. Гледаме и гувееме.


Фотографиите се од филмот Dogville (Ларс фон Трир, 2003)
Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Свет / Живот
Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото