Мизогинија

01.02.2021 11:48
Мизогинија

Во врска со Милена (Радуловиќ), особено ме разочара мојот, до неодамна омилен Аца Станковиќ со агресивната тирада кон Салма Хајек на „Недељом у 2“, што ја видов дури минатата недела. Не знаев дека тој одличен новинар бил исто толку „одличен“ мизогинист.

Сфатив колку е згрешено некаде. Или секаде.

Секој човек има сопствен интегритет кој треба да е неповредлив. Никој нема право да му го наруши без негова воља. Има едем момент на „потреба за другиот“ поради која човекот во одредена мера се откажува од своите потреби и слободи, за да биде дел од НИЕ. Некогаш е среќен поради тие компромиси, некогаш ги преиспитува. Тоа е дел од животот и тој вечен антагонизам, се раѓаме сами, но сме биолошки предиспонирани на интеракција со другите. Тоа е вечна дилема колку треба да дадам право на ЈАС, а колку на НИЕ. Дали да бидам свој и да ја штитам својата автентичност или да се модифицирам и прилагодам на потребите на „групата“? До каде сум јас, а од каде почнува ние? Со тек на созревање, човек успева помалку или повеќе да исцрта сопствени граници и да знае што прави за себе, што за потребата да биде прифатен од другите и што за другите од алтруистички причини..

Исто така секој има различни аспекти од себе. Социјални улоги. Јас сум жена, но во исто време мајка, професионалец, пријател, ќерка на пр. Некој најмногу црпи самодоверба од својата улога на професионалец, некој на родител или на жена. Некој на сек..ално битие и има право да ја истакнува својата женственост, да ужива во своето тело. Никој нема право да му наметнува некому што да прави со своето тело, како да изгледа или како да постапува. Навидум личи како да секој човек е свесен за тоа, но не е така. Тоа е исто така како да го осудите маж што оди во теретана за да ги оформи мускулите на сопственото тело затоа што така се чувствува подобро. Негово тело, негова одлука. Или за жените е поинаку?!?

Во машко-доминантните општества од кои не сме излегле ниту во 21 век, за жените е навистина поинаку. И многу потешко.

А тешко е да се каже како се чувствуваш кога нешто ќе ти се случи затоа што во поголема мера ги учиме децата како да се однесуваат, одошто да препознаат како се чувствуваат и кои се нивните потреби. Ги учиме да станат дел од НИЕ, а да запостават кој сум ЈАС? Ги учиме децата да исполнуваат критериуми на социјални наметнати модели за да бидат прифатени во околината макар се отуѓиле од себе и после се чудиме што немале храброст да „кажат порано“?
Сите Милени и Ани на светот имаат право да уживаат во себе, да се чувствуваат секси, да комуницираат преку своето тело на начин кој самите го одбрале. И никој не смее тоа право да им го одземе. Кога некој од позиција на моќ наруши нечиј интегритет, нема дилеми кој е насилникот. И нема простор за други аргументи.

Исто и во случај со груба злоупотреба на приватност и агресија и напад, кој не е помалку опасен и трауматски ако е виртуелен. Проговорувањето за такви трауматски случки подоцна е токму поради комплексноста на таа трауматска случка и она што го предизвикува. Прво во шок фазата и не знаат точно што им се случило, а потоа стапува на сцена срамот, чувство на вина, страв од осуда, жигосување, стигматизација. Дали да кажам што е со мене или да го потиснам за да исполнам некаква социјална потреба да бидам прифатен/а во заедницата. Во машко-доминантната заедница огромна храброст треба за да се победи стравот од жигосување и срамот и да се дојде до себе и своите чувства и потреби. И место простор за чувства и емпатија, за едно огромно БРАВО на храброста и БЛАГОДАРАМ за поттикнување дискусија кон промени кон поеднакво и похумано општество, ние сме уште заглавено во предрасуди и стреотипи.

Дали некоја сака да го слика своето тело, да ужива во него, да ужива во својата сензуалност и женственост, да комуницира со своето тело е личен начин на однесување и комуницирање. ЛИЧЕН, што значи нема некој право таа приватност да ја става во Јавна соба, да ја унаказува, „силува“ и да манипулира со неа.

Нема ништо поубаво од тоа да се чувствуваш ОК во своето тело и со своето тело. И тоа не значи дека некој-а „си го бара“, туку тоа значи дека има право да „го бара она што го сака“. Зошто некој не може да ужива во своето „сек…лно јас, без да добива „ептитети“ дека е „неверна“, „ си го бара“и слични примитивизми. Ако на очигледно „силување“ на виртуелна сцена, државата или МВР по сведоштво на девојката, и кажува дека не може да ја заштити затоа што било полнолетна, ние сите со под патронство на државата ќе продолжиме да се препелкаме во барата и тињата на примитивизмот. Треба да се отвори тема во општеството како ние ги воспитуваме децата од мали. Дали ние и во 21 век ќе воспитуваме дека по „мажачка“ жената треба да го прешкрта своето сек…лно ЈАС за „по надвор“, да не „иритира“ со изглед?!? Токму тој начин на воспитување поттикнува мизогинија. Тоа наметнува начин на однесување во кој жените треба да се откажат од многу битен дел од себе. Каде е пожелно да се ограничиме на улоги на мајка и сопруга на пример?!? И тоа „примерна“ мајка и сопруга, што и да значи тоа.

А можеме наместо тоа сите да бидеме повеќе ЛУЃЕ.

 Слика: Andrea Ucini

ОкоБоли главаВицФото