1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Македонската академија на науките и уметностите е во голема нужда. Мора да одговори, смета претседателот Љупчо Коцарев, на клучното прашање за опстанокот на државата: „Како гледаат на Спогодбата од Преспа научниците денес?“ МАНУ веќе организираше една дебата за „Преспанскиот“, ама изгледа ниту учесниците, ниту заклучоците не биле „вистинските“. Генералната оценка тогаш, во 2018 година, беше дека со Договорот од Преспа не е загрозен ниту суверенитетот на државата, ниту македонскиот јазик, ниту идентитетот на Македонците. Новата расправа се организира со образложение дека оттогаш има суштински промени. Не дека првите се премислиле, туку затоа што само вториве ја знаат и вистината и лагата со Спогодбата. Може да се претпостави дека најважната промена зошто се прави оваа ревизија сепак се случи во раководството на МАНУ: Коцарев стана претседател на местото на Камбовски, учесник на првата дебата.
На 53-годишнината од основањето на Академијата Коцарев праша: „Ако за некои мислители не е спорен македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, дали Спогодбата (веќе) доведе до истребување на македонската националност? Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава“? И нагласи дека има уште прашања на кои Академијата мора да понуди научна и аргументирана анализа.
За среќа, Коцарев нè спаси од неизвесното чекање на резултатите од тестот на Спогодбата, што ќе се прави во лабораторијата на МАНУ. Тој веќе ја шокираше јавноста со катастрофичните одговори: „Спогодбата укажува дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион, Македонија, за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок. Двата договори се недостоинствени за граѓаните на Македонија. Македонија, конечно, во 2020, стана центар на регионалната дестабилизација. Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Впечатокот на многумина, вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија полека, но сигурно сè повеќе тоне. За моралниот избор на секој поединец, граѓанин, академик, оставам тој сам да реши“. Таква е новата технологија: претстојната анализа сега само треба да ги потврди донесените заклучоците, како што пописот мора да ги потврди објавените бројки.
Изгорени од млекото, мора да дуваме на маштеницата. Иако е џабе – во случајов МАНУ е млекото – има прашања кои заслужуваат да бидат поставени. На пример: Што значи изразот „истребување на македонската националност“ и каде е таа (веќе) истребена? Под чие прашање е доведен суверенитетот на државата? Дали МАНУ станува центар за дестабилизација, не само на Македонија, туку и на регионот и дали дестабилизацијата се гледа во дивеењата што се случуваат токму во врвот на таа институција? Што правиме со впечатокот на многумина („вклучувајќи ме и мене“) дека бродот наречен МАНУ забрзано и сигурно тоне? Дали ќе учествува научникот Ѓорге Иванов (во дебатата, не во цветниот аранжман), чија кандидатура за шеф на државата ја потпиша Коцарев, а Хорхе не го потпиша Законот за ратификација на спогодбата? Дали сознанијата од дебатата ќе бидат ставови на МАНУ – злоупотреба што Коцарев ја направи со „Македонскиот манифест“ и за која е обвинет од член на претседателството – или на одредена група? Кој плаќа за МАНУ-фактурата што (ќе) ја испорача Коцарев? Конечно, какви се шансите собирот да се одржи под мотото: Никогаш дестабилизирана Северна, секогаш стабилна ПЈРМ?
Фотографии: Marc Sommer