1021 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 20:59
„Ако ние не го истражуваме и регистрираме минатото, ако ние не ја напишеме, никој нема да ни ја напише историјата на нашата кинематографија“
Борис Ноневски
Кинотеката на Република Северна Македонија изразува длабоко жалење и искрено сочувство до семејството заради загубата на многупочитуваниот Борис Ноневски, истраен истражувач, посветен филмолошки работник, голем вљубеник во филмот и во својата земја, неверојатен соговорник, врвен интелектуалец, човек кој со своето дело остави трајна трага во македонската култура, а особено ја задолжи Кинотеката на Македонија, како нејзин долгогодишен директор.
Борис Ноневски беше роден во 1948 година во Претор. По завршувањето на основното и средното образование, дипломира на Факултетот за политички науки во Белград, за да се вработи во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Од 1976-та година повторно е во Белград, сега како уредник во ренимираното и престижно теориско списание „Социјализам“, во кое свои текстови објавува интелектуалната елита на тогашна Југославија. И самиот Ноневски често пати е автор на текстови што предизвикуваат внимание и полемики во тогашната југословенска и македонска општествено-политичка и културна јавност.
Во 1987 година се враќа во Македонија, каде што е избран за директор на Кинотеката на Македонија, основана во претходната деценија. Ноневски беше директор на Кинотеката во два наврата, во повеќе мандати, во периодот од 1987-1998 година и од 2002-2007 година, сè на сè – повеќе од шеснаесет години.
Под негово раководство, Кинотеката ја оформи својата организациска поставеност, односно беа формирани два оддела: Одделение за прибирање, заштита, обработка и чување на аудиовизуелни дела, односно Филмскиот архив и Одделение за јавна, научно-истражувачка и издавачка дејност, потоа оддел за пишувана и фотографска документација и одделот за чување и презентација на музејски експонати. Исто така, во негово време беше воведена и систематска и аналитичка филмолошка обработка и каталогизација на филмовите, одделно за документарните, анимираните, аматерските и краткометражните и долгометражните играни филмови од македонската продукција, а беа воспоставени и принципите на обработка, систематизирање, каталогизирање, организирање на фототеката и на оделот за музејски експонати.
Особено е значајно што со доаѓањето на Ноневски на чело на Кинотеката, оваа национална институција многу се ангажираше во прибирањето на филмови и други филмски материјали и пишувана документација од интерес за историјата и културата на Република Македонија, како од соседните балкански филмски архиви, така и од странските кинотеки со кои соработуваше. Филмски материјали, но и друга придружна граѓа (фото архиви, пишувана документација, интервјуа итн.) беа прибирани и од речиси сите значајни македонски филмски работници.
Со своето доаѓање во Кинотеката, Борис Ноневски особено се посвети на она што беше негов примарен професионален интерес, особено ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност, преку организација на симпозиуми, со учество на ренимирани гости од земјава и странство и публикација на трудови, така што, дејноста на Кинотеката во тој поглед ја издигна на рамниште на своевиден филмски институт.
Борис Ноневски беше најзаслужен и за покренувањето на до денес единственото списание за филм во Македонија, списанието за историјата, теоријата и културата на филмот и другите уметности – „Кинопис“, на чии страници во изминативе триесетина години свои текстови оставиле најзначајните филмски историчари, критичари, теоретичари и аналитичари од земјава и од странство.
Не смее да се заборави дека под негово раководство започнаа и првите сериозни проекти за заштита на македонската филмска историја преку изработка на нови филмски копии, меѓу кои особено се истакнува заштитата на севкупниот филмски фонд на браќата Манаки. Под негово раководство беа започнати и завршени бројни други проекти, а Ноневски, како директор на Кинотеката – во 1993 година го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола (дотогаш: Фестивал на југословенската камера „Милтон Манаки“, а претходно манифестација „Манакиеви средби“).
Во 2006 година, Кинотеката го прослави својот триесетгодишен јубилеј со вселување во нови простории во библиотеката „Другарче“, со професионално опремена киносала, видеотека и специјализирана филмска библиотека, постојана музејска изложба, изложбена галерија, фототека итн. По комплетното реновирање и опремување со 35 мм филмски проектори, „сараунд“ аудио-систем и 136 седишта – на 10 октомври 2006 година започна редовната филмска програма во Кинотечното кино. Во годините што следуваа во Кинотеката се одржуваа проекции на голем број циклуси на реномирани автори, режисери и директори на фотографија, беа претставени голем број национални кинематографии, како и фестивали, премиери и промоции.
Борис Ноневски и Н.Е. Бернар Валеро
Во 2009 година, Владата на Република Франција на Ноневски му додели високо одликување. Имено, тогашниот француски амбасадор во земјава, Бернар Валеро, му го предаде одликувањето „Витез во редот на уметностите и литературата“. Во таа пригода, Ноневски даде и едно од неговите ретки интервјуа, каде, меѓу другото, изјави: „Кинематографските релации меѓу Франција и Македонија се врсници со филмот како појава бидејќи, само година и половина по првата јавна проекција на браќата Лимиер во Париз (28 декември 1895 година), со која започна светската историја на филмот, првите живи слики на платно што ги виде македонската публика (во Битола, некаде во периодот 1896-1905 година), беа од француска продукција…“
Сумирајќи, пак, дел од активностите на Кинотеката во тој период, Ноневски ќе ги наброи најважните достигнувања: „И во оваа прилика сакам да искажам почит и признание кон Ацо Петровски, основачот и првиот директор на Кинотеката и кон луѓето кои ја покренаа и поддржаа иницијативата за нејзиното основање. Надградувајќи ја нивната замисла, Кинотеката бележеше подем и разгранување во својата дејност. Во соработка со колегите и во зависност од материјалната и финансиската поддршка на Министерството за култура, како и со повремени донации од домашни и странски фондации, настојував да ги поттикнувам и да одржувам избалансиран однос на традиционалните кинотечни дејности (истражувањето, прибирањето, заштитата, обработката и презентирањето на филмовите и филмските материјали). Како резултат на таквиот ангажман, во Филмскиот архив на Кинотеката се собрани и депонирани над 15.000 копии на играни, документарни и анимирани филмови, филмски журнали и други видови на аудио-визуелни материјали од домашната и светската продукција. Заштитено е, обработено и јавно презентирано домашното и голем дел од светското филмско наследство. Во Одделението за пишувана документација се систематизирани над 70.000 документи од личните фондови на творци и збирки на документи од кинематографските институции, а во Фототеката се прибрани и обработени 38.185 филмски фотографии, како и над 30.500 филмски плакати, афиши, каталози и други видови пропаганден филмски материјал. Формиран е и Кинотечен музеј со збирка од околу 500 експонати, а дел од нив се изложени во постојаната поставка. Врз основа на постигнатите резултати, Кинотеката на Македонија во 1997 година е примена за редовен член на ФИАФ (Меѓународна федерација на филмските архиви) и сега соработува со 132 кинотеки и филмски архиви во светот. Кинотеката, во 2005 година, дефинитивно доби свој дом – и со поддршка на Министерството за култура го адаптира објектот за оптимално одвивање на своите дејности…“ – посочи тогаш Ноневски.
Во таа пригода, Ноневски направи и своевиден портрет на Кинотеката: „Кинотеката се издвојува меѓу сродните институции со истражувачката дејност. Кинотеката се профилира и како институт за филм. На колегите и на надворешните соработници постојано им велев: ако ние не го истражуваме и регистрираме минатото, ако ние не ја напишеме, никој нема да ни ја напише историјата на нашата кинематографија. Постојана преокупација ми беше да ја институционализираме филмолошката наука во Македонија и врз нашата продукција да обликуваме сопствена кинестетска свест. Во таа смисла, иницирав краткорочни истражувања (во домашните и странските архиви) и долгорочни интердисциплинарни проекти. На трагата на таквата замисла во Кинотеката се одржаа над дваесет симпозиуми со учесници од разни научни дисциплини од земјата и странство. Од тие екипни истражувања произлезе едицијата ‘Филмолошки студии за македонската играна продукција’ во која досега се објавени посебни книги за седум играни остварувања со прилози од стотина автори. Ние сме меѓу ретките земји во светот во кој е изготвена и објавена интегрална филмолошка студија за целокупната национална играна продукција (Мирослав Чепинчиќ, ‘Македонскиот игран филм’, во два тома) и општа историја на светскиот филм (Георги Василевски, ‘Историја на филмот’, во четири томови). Во организација на Кинотеката се одржуваа и меѓународни симпозиуми. Особено успешни беа симпозиумите: ‘Бегалците и филмот’ (1993), ‘Кинематографиите на малите народи’ (1995), ‘Филмот во балканскиот културен контекст’ (1998) и ‘Развојот и проникнувањето на балканските национални кинематографии’ (2002). Од последните два проекта во финалната фаза треба да произлезе компаративна ‘Историја на филмот на Балканот’. Иницирајќи ги стручните и научните истрачувања, секогаш настојував да придобијам пријатели и почитувачи на македонската кинематографија и култура. Тие, освен што ги афирмираа нашите уметнички достигнувања и културни вредности во странство, активно учествуваа и во истражувањето и промислувањето на нашата кинематографска ситуација. Потоа, Рон Холовеј (САД – Германија), Мирон Черњенко (Русија) и Маријан Цуцуи (Романија) објавија и обемни студии за македонскиот филм. Врз основа на истражувачките активности – Кинотеката покрена и издавачка дејност. До сега се издадени над 40 книги, а во ‘Кинотечниот месечник’, кој прерасна во ‘Кинопис’ се објавени повеќе од 1.700 стручни и научни прилози од домашни и странски автори. Според обемот на филмскиот фонд, структурата и содржината на филмските колекции, но и според другите референтни збирки, како и остварените стручни и научни резултати – иако Македонија е мала кинематографска земја – Кинотеката на Македонија спаѓа меѓу поголемите и респектирани кинотеки и филмски архиви во светот…“ – рече тогаш Ноневски, портретирајќи ја сопствената кинотечна дејност, својот ангажман и насоки на развој на Кинотеката, како и самата Кинотека – во тоа исклучително и опширно интервју, дадено пред единаесет години.
Борис Ноневски почина по долго боледување на 30 јануари 2021 година, а беше погребан следниот ден, на 31 јануари, на гробиштата во родниот Претор.
Со неговото заминување Кинотеката на Македонија загуби искрен пријател и неуморен работник, а Република Македонија голем културен деец, кој остави траен белег во македонската културна и општествена јавност.
Со длабока почит и искрена благодарност – вечна му слава!