1016 hPa
47 %
23 °C
Скопје - Чет, 16.04.2026 16:59

Вчера беше последниот ден од старата планета. Време е за нова ера – дејствувај, преобмисли, ресетирај.
Вчерашниот ден, сеедно што се одвиваше во високо развиена технолошка средина, сепак застапуваше план воден од идеите на Обединетите Нации, формирани по Втората светска војна, односно од пред седумдесет години. Речиси сите војни и погибии се случиле поради нетрпеливост (расна, економска и воопшто социјална), додека демократијата секојпат се обидува да биде медијатор во сечие искушение и двоумење, додава сол врз личната и колективна манџа, неуспешно менаџирајќи ја економската сегрегација на почетокот од веков. Имено, демократијата во својата најдлабока смисла подразибира толеранција во најискрената и сувопарна форма. За да се биде успешен во своето поле на дејствување, треба да ви се овозможи чиста средина, лишена од дискриминација.
Како демократскиот систем го решава тоа? Со интегрирање на различни објекти во шаренолико множество, кое го помагаше и одржуваше економски и морално со минималните елементи за природен хабитат. Така поставени работите подразбираат висок тренинг на толеранција и веројатно дебели нерви. Најчесто демократските алатки беа успешни, а нивниот степен на реализираност зависи од нивото на предрасуди во колективот. Сепак, нашите генерации не живееле во пандемија. Оваа зима претставува нулта точка или момент на ресетирање на постојните дефиниции. Новата парадигма, претпоставува персонализирани или customized услови за секого, според пол, возраст, етнографска припадност, интелектуален капацитет итн, еден инклузивен процес во кој се истакнуваат разликите. За новиот договор да обезбеди еднакви можности за секого, тој мора да се крои за секој од нас засебно, шиејќи решенија по димензии на вашите нашитe вродени и стекнати способности1. За да се прилагоди теренот за слободно маневрирање, потребни се промени во законите за работни односи. „Силно акцентирање на реформи во образованието, обнова на техничките способности кај населението што за возврат ќе добие ревидирани закони за здравство, социјална и финансиска сигурност, а сето тоа во контекст на новата технолошка или дигитално управувана економија. Новиот пристап ќе отвори нови професии за новите технологии што секако ќе бидат детерминирани од строгите правила за зелена економија и одржлив развој, чија примарна цел е заштита на планетата“2.

Она што големите економски оператори го изјавија во време на пандемија е дека 80% од генерациски мешаните колективи се успешни, односно мултигенерациски тимови се оние што создаваат еквилибриум. Враќањето на работа на повозрасните работници по глобалното заклучување на планетата, во САД се одвива со потешкотии. Повеќето од половина работници, во анкетите, изјасниле дека по завршувањето на пандемијата сакаат да продолжат со работа од дома3. Што значи ова? Промените во општеството, воведувањето технологии на работните места, но и во приватноста нема да бидат пречка ниту пак ќе создадат генерациски јазови. Новите вештини и дигиталната писменост, потребни за новите работни процеси, можат да се стекнат и преку онлајн настава на вашиот телефон. Она за кое што новиот општествен договор ќе нема простување се тесногледоста и неприфаќањето на промените. Модернизација преку дигитализирање на процесите е она што ќе биде одлика во работните односи. Новоформираната Алијанса ЕДИСОН, преку Стратегијата за одржив развој4, ќе има значајна улога во описменувањето на речиси 3.5 милијарди жители, кои се технолошки неразвиени, со цел секој граѓанин да добие еднаква можност во дигиталната економија.
Што велат фактите? „На почетокот од пандемијата Шпанија имаше 3.6 милиони работници што имаа нерегулиран работен статус, за на крајот од 2020 година нивниот број да се намали на само 75.000. Уште попрецизна информација, во овие бројки на 79% реализирани трајни вработувања, дури 750.000 биле млади лица под 20 години. Исто така, во ове бројки доминантни се работниците кои добиле реедукација и реобликување на своите вештини за потребите на секторите со висока побарувачка, а тие се дигитализација и еколошка транзиција5“.
Не секоја национална економија е силна како шпанската. Но, тука е предизвикот на секоја земја да ги истражи и искористи своите потенцијали, односно да се реобмисли и реорганизира. Обновливи извори на енергија и намалени консумерски апетити се двата постулата на кои ќе се потпира државата. Употребата на природни ресурси и нивна разумна употреба наместо експлоатација е клучот. Како добар пример се издвојува Руанда. За да ги надмине последиците од глобалното затворање на планетата, Руанда се потпрела на својата агрикултура. За да обезбеди средства, владата склучила јавно-приватни партнерства за финансирање на механизација за обработка на земјата. Пред пандемијата Руанда имала 2 трактора на 1000 хектари, за разлика од земјите во Азија и Јужна Aмерика што имале по 10 трактора на 1000 хектари. Исто така, со набавка на машини за сушење на житарици, соја и други култури, Министерството за земјоделство и животински ресурси на Руанда, го забрзала сушењето од потребните 30 дена на само 8 часа6. Инаку, доколку правилно не се исуши бербата, таа станува подложна за развивање на афлатоксин што е канцероген при консумирање.

Ваквите принципи на потемелно искористување на потенцијалот на една земја ја прави помалку подложна на влијанија и последици од идни можни глобални закани. Така, стабилните држави, всушност, ќе бидат достоен играч во глобалната дигитална економија. Независно дали станува збор за економски послаба или посилна држава, со настаните од последната година сфативме дека секој придонесува во глобалните движења односно во ширењето на вирусот.
Јавно приватните партнерства се важна спрега во реобмислувањето на општеството. Владите со своите ингеренции, а приватниот сектор со финансиите, креативноста и технолошките предиспозиции, надополнета со силна локална заедница се клучот во трансформацијата. Сѐ започнува локално, а ефектот е глобален, и тој претставува ново ниво на социјална правда, заштита и реализација кон која треба да се стремиме.
Затоа, приоритет на агендата во Давос 2021 е пионерска мобилизација на сите лидери со цел да ги преобликуваат принципите, политиките и партнерствата кои се потребни во овој предизвикувачки контекст. Од суштинско значење е лидерите од сите сфери на животот да работат заедно, секако виртуелно, за поинклузивна, кохезивна и одржлива иднина што е можно поскоро во 2021 година7.
Пандемијата ги забрза економските процеси за 10 до 15 години. „Враќањето“ на заработените пари од страна на мигрантите во нивните матични земји, хуманитарните фондови во време на криза, потребата од електронско банкарство во време на криза е поттикот кој што ги тера одлучувачите да направат сѐ за ова глобално ресетирање да биде што поплодно8. Уште еднаш се наметнува потребата од јавно-приватно партнерство, бидејќи владите ќе мора да применат платежни средства (криптовалути) и протоколи од приватните ИТ-компании за успешно да атерираат кон иднината.
Во своето излагање на Економскиот форум во Давос 2021, Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка, вели дека сега сме во Фаза 1, во која веќе се гледа дека економиите заздравуваат и полека се приближува кон „мостот“ за преоѓање во Фаза 2, која подразбира целосно нова економија, заснована на напредна електронска технологија и дигитализација (крипто валути) кои ќе ја заменат фискалната политика. Таа вели, дека Европа прескокнала нанапред дури 7 години за време на оваа едногодишна пандемија, што уште повеќе ќе го забрза воведувањето на втората фаза9.
Дел од размислувањата изложени тука, некому може да му изгледаат паушални или непоткрепени. Погледнете ги видеата, односно сесиите од Давос, и уверете се сами. Слушнете, информирајте се, сообразете се со технолошките промени. Животот не се одвива само во кафеаните и кафулињата.
1Според Џемјс Квинси, директор на компанијата Coca – Cola, во 2020 година оваа компанија повеќе соработувала со претпријатија чии сопственици биле Афроамериканци, со цел да постигне расна еднаквост во набавките. Обртот на парите кон афроамерикански претрпијатија изнесувал пола милијарда долари во 2020 г.
2Саадиа Хасиди, директор на Светскиот економски форум (Женева) – изјава на Светскиот економски форум во Давос, 25.1 2021
3https://www.weforum.org/agenda/2020/12/covid19-vaccine-america-return-office/
4https://sdgs.un.org/goals
5Педро Санчез, премиер на Шпанија – изјава на Светскиот економски форум во Давос, 25.1 2021
6 https://www.newtimes.co.rw/news/rwanda-deploys-mobile-dryers-tackle-post-harvest-losses
7https://www.slobodnaevropa.mk/a/31067253.html
8https://beincrypto.com/lulu-exchange-announces-partnership-with-ripple-and-federal-bank/
9Yahoo Finance! 25.1 2021
Слики: Kevin Peterson