Европската „сезона на филмски класици“ во Кинотека

03.02.2021 13:49
Европската „сезона на филмски класици“ во Кинотека

Европската асоцијација на кинотеки (Association des Cinematheques Europeennes ), кон крајот на минатата година го започна проектот „Сезона на филмски класици“ во кој учествува и Кинотеката на РС Македонија.

Институцијата е вклучена преку прикажување на новите дигитално реставрирани копии на играните филмови „Фросина“ (1952, р. Војислав Нановиќ) и „Мирно лето“ (1961, р. Димитрие Османли).

„Двете дигитални копии ќе бидат за прв пат прикажани во јуни, 2021 година – во летното кино на Кинотеката, со што проектот „Сезона на филмски класици“ ќе финишира. Истовремено, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на првата македонска комедија „Мирно лето“, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години, „современици“ на дејствието на филмот“, известуваат од Кинотеката.

Првата проекција во рамки на проектот се одржа во декември 2020 година.

„Втората проекција ќе се одржи следната недела, на 5. Февруари, 2021 година, кога Филмотеката на Валенсија (Filmoteca Valenciana-Institut Valencià de Cultura) ќе го прикаже немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ на својот „јутјуб“ канал – и тоа со музичка поддршка во живо“, истакнуваат од Кинотеката.

Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од Загреб, Атина, Тирана, Софија.

„Секоја од овие институции – избраните филмови ќе ги презентира пред публика: „он-лајн“ или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо (доколку станува збор за нем филм), или пак – надополнети со изложба, дискусија или предавање, итн. И, сите овие филмски архиви и кинотеки учествуваат со свои – дигитално или аналогно реставрирани – филмски класици“, известуваат од Кинотеката.

Сите проекции во рамките на „Сезоната на класици“ се бесплатни.

Филмската проекција на 65-минутниот шпански нем филм „Санз и тајните на неговата уметност“ – ќе може да се проследи на 5 февруари, 2021 година – во 18 часот, на Јутјуб каналот на Филмотеката на Валенсија.

Немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ е мешавина на документарен филм и фикција, кој ја прикажува уметноста на Франциско Санз Балдови (1872-1939), наречен „Пако Санз“ или „вентрилоквистoт Санз“, кој бил многу популарен вентрилоквист и куклар во Валенсија. Негова цел било да создаде совршен автомат, робот, кој мошне верно ќе ги прикаже човечките движења. Се прославил со неговата извонредна колекција на автомати, при што сите вести во тоа време тврделе дека тој го поседува најдобриот робот на светот.