Зошто верувам дека треба да се изучува Сеопфатно сексуално образование

05.02.2021 09:55
Зошто верувам дека треба да се изучува Сеопфатно сексуално образование

Општествениот контекст кој го живееме повеќе од било кога го актуелизира прашањето за воведување на Сеопфатно сексуално образование (ССО). Како училишен психолог и професор по психологија со 25 годишен работен стаж, имам дологододишно искуство со оваа програма и нејзините ефекти во средно гимназиско образование.

Со програмата сум запознаена околу 15 год., од нејзините почетоци. Таа, со различен интензитет се спроведуваше во средните училишта во форма на неформално образование, со врснички едукатори кои беа соодветно обучени. Задоволството на учениците кои доброволно ја посетуваат оваа програма низ годините е големо. Никогаш не сум имала некоја поплака или критика околу содржините, од страна на учениците. Нивните изјави и споделувања се дека таа опфаќа корисни информации за периодот низ кој минуваат и одговори на многу прашања кои немаат на кого да му ги постават.

Деновиве кога се разгоруваат дискусиите околу воведувањето на оваа програма како пилот програма за изборен предмет во двететто одделение, сметам дека е моја професионална должност да го изнесам својот став и своите искуства, во интерес на информирање на родителите и јавноста, за да можат да донесат свои ставови и мислења.

Кои се вредностите на оваа програма?

Програмата се состои од седум компоненти, кои покриваат значајни области од развојот на единката, а не се опфатени во ниту еден наставен предмет со содржините кои се обработени. Методолошки се користи работилничкиот пристап, кој е во склад со современите педагошки пристапи. Може да се каже дека оваа програма претставува зајакнување на животните вештини на единката во домен на сопствената телесност, како аспект на идентитетот на личноста и најзначајните социјални интеракции кои се типични за овој период.

Пристапот и методот на разработка на темите е во насока на разјаснување на можните дилеми и најчестите прашања кои се поставувават, но во насока на нудење конкретни вештини за справување во секојденвното живеење.

Во првата компонента се разработуваат поимите род и родови улоги со цел подобро препознавање на родовите улоги и нивно значење за секојдневното функционирање на единката.

Втората компонентна се однесува на врските и односите со цел да се објасната врските со другите, нивното значење за единаката, потребата од взаемна доверба, разбирање и отворена комуникација. Тука се разработува и значајното прашање на социјален притисок за влегување во релација, стапување во сексуален однос, давање согласност за релација и сл. Многу е значајно да се зајакнат капацитетите на единката за преземање одговорност за изборите и одлуките за сопствените релации, согласност и доверба да се биде во врска, право да се почитува изборот и одлуката на секој партнер во релацијата и сл.

Младите на прагот на пубертетот често се прашуваат што понатаму, која нова улога од нив се очекува, кое е пожелно однесување, кои чувства им се јавуваат.

Често се растргнати помеѓу нивните телесни промени, новите и збунувачки емоции, и нереалниот и наметнат пристап кој го добиваат од интернет, притисокот од строго наметнатите улоги кои ги добиваат од најрано детство и работите за кои е срамота да се зборува. Токму заради ова, многу е значајно да се разработат овие прашања со педагошки пристап.

Третата компонента е посветена на телото и сликата за своето тело. Оваа тема е исклучително важна токму во перидот на пубертетот и во овој случај се става акцент на прифаќање на сопственото тело и препознавање и намалување на социјалниот притисок кој го наметнува стандардот за тоа како треба да изгледа телото. Следуваат компонентите за сексуално и репродуктивно здравје и сексуалност кои нудат информации за постоење на сексуални преносливи инфекции и начини на заштита. Во овој дел се опфатени информации за заштита од несакана бременост и од полово преносливи болести. За секој современ адолесцент тоа треба да биде прашање на општа култура.

Последните две компоненти се однесуваат на живеењето на единката во поширок општествен контекст, па ги опфаќа компонентите на насилство и граѓанските аспекти. Сметам дека со последните случувања со сексуалното предаторство и постоење на „Јавна соба“ повеќе од корисно е да се обработат темите како препознавање на сексуално вознемирување и насилство и негово пријавување. Исто така и улогите во Кругот на насилство (насилник, жртва и сведоци).

Граѓанските аспекти се однесуваат на човековите права, нивното прекршување и начини на пријавување.

Верувам дека добрата информираност и спремност да се зборува отворено на овие теми е вистинскиот начин на кој треба да се поддржат младите успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи периодот на пубертет и младост. Тоа е можно во образовниот систем токму преку една ваква програма.

Ана Попризова е психолог и Гешталт терапевт. Над 20 години работи во средно училиште како професор по психологија и училиштен психолог. Претседателка е на Активот на стручни соработници на средните училишта на Град Скопје.  Во текот на својата работна кариера е посветена на унапредување на добросостојбата на младите луѓе и активно работи на дестигматизирање на темите како насилство во училиште, булинг, родово засновано насилство и сексуално образование во пошироката општествена заедница.

Извор: Радио МОФ