1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
„Јас сум Марта Гусар, адвокатка, но и жртва на „Јавна соба". Мојот службен број беше споделен во оваа група, како што напишале, ’за дискретни средбички’. Откако се случи тоа мојот број да се најде во оваа група, во првите два часа не можев да се соземам дека тоа мене ми се случува, а може да му се случи секому. Пријавив веднаш со сликање на екранот од пораките кои ги добивам, како и испраќање на фотографии и броевите кои ми пишуваа. Пријавив за сексуално вознемирување“, го сподели своето негативно искуство на социјалните мрежи адвокатката Марта Гусар на денешниот протестен марш кој беше организиран во Скопје, а на кој беше побарана правда за жртвите и санкции за „демначите“.
„За да им ја направиме забавата поголема во ’Јавна соба’, апелирам сите жртви да пријават сексуално вознемирување. Да ги меморираат телефонските броеви со самиот телефонски број и со имиња и презимиња. Секое пријавување не е пријатно чувство ниту состојба, па да видиме дали ќе им биде сеуште забава", порача адвокатката.
Маршот започна пред Министерството за внатрешни работи со обраќање на Калиа Димитрова, која потенцираше дека вината за ваквите случаи, не смее да се лоцира во жртвите, а го осуди репресивниот систем на насилство, тивкото одобрување на сексуалната агресија, поттикнувањето на мизогинија преку игнорантност и непостапување.
„Одбивам да прифатам дека треба да изгледам, да се движам, да зборувам, се сликам на одреден начин, за институциите да постапат соодветно кога ќе бидам нападната. Одбивам да прифатам дека треба да ги правдам своите избори, за да не бидам оцрнета, навредувана и демонизирана од машката јавност, на која ниту едно сведоштво, ниту еден доказ, ниту едно понижување, не и се доволно вистинити ако доаѓаат од женска уста. Одбивам да прифатам дека треба да бидеме задоволни со овие трошки кои ни ги фрлаат и одбивам да се помирам со овие мизерни изговори за институции.“ – нагласи Димитрова.
Учесниците на протестот, организиран како поддршка за жртвите на „Јавна соба“, кој започна пред МВР, а продолжи пред Основното јавно обвинителство во Скопје, носеа транспаренти со пораки: „Држава што угнетува е држава што силува", „Јавна соба е кривично дело", „Ти не си виновна", „Полицајците треба да штитат“. Разбуди се ОЈО, додека жените не се слободни сите сме заробени - порачаа учесниците на протестот, упатувајќи апел до Обвинителството да не спие, туку да си ја врши работата.
Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини рече дека „Јавна соба“ е доказ дека насилството врз жените има институционална форма и тоа се спроведува од страна на институциите со молк. „Насилството врз жените не е личен проблем на секоја жена, туку ваша обврска е да ги штитите. Не ни требаат ветувања и уверувања. Ни требаат санцкионирани сторители и правда и поддршка за жртвите.
Бараме да си ги исполните обврските за кои земате плата секој месец, бараме да постапувате согласно правото, а не според лични убедувања поттикнати од непотизам и корупција“, рече таа. Учесниците на маршот побараа санкции за секој полициски службеник кој нема да постапи согласно Закон, ќе ја обвини жртвата или тој самиот ќе стори насилство врз жена.
Пред МВР се обрати и 28-годишната Ана од Кавадарци, девојката која се осмели јавно да проговори за злоупотребите во групата „Јавна соба“ на Телеграм. Таа рече дека она што и’ се случило нејзе, не е единствен случај, туку глас и на сите претходни девојки и жени кои го имале истото искуство. Таа минатата недела имаше средба со министерот за правда Бојан Маричиќ, кој притоа најави дека се изготвени законските измени со кои се воведува и ново дело, „демнење“, за кое е предвидена парична и казна затвор до три години, со цел да се спречат вакви злоупотреби во иднина.
Пред една година за првпат беше обелоденет во јавноста случајот за групата „Јавна соба“, за кој од јавното беше соопштено дека за тој случај се уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР. Случајот се актуелизираше повторно деновиве, кога беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови во групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. МВР ја затвори групата, но веднаш се појавија неколку нови.
Протестот почна пред зградата на Министерството за внатрешни работи и заврши пред зградата на Основното јавно овинителство во Скопје.
Фотографии: Небојша Гелевски
Извор за текстот: Дојче Веле