Кратка историја на антиваксерите

05.02.2021 14:31
Кратка историја на антиваксерите

Можеби ќе ве изненади, но антиваксерското движење не само што не е наивна нововековна појава на безделничарите на социјалните мрежи, туку има многу подлабоки историски корени. Движењето против вакцините повремено успеваше да мобилизира голем број следбеници и да доведе до отворени конфликти. За време на кампањите за вакцинирање на почетокот од 20 век доаѓаше и до вистински револуции - во Рио де Жанеиро во Бразил, во 1904 година изби бунт со назив Revolta da Vacina. Во имунизациите во колонијалните земји формите на отпор кон вакцините се претвораа во крвопролевање. Најекстремна форма е отсекување на вакцинираната рака, што беше забележано во шеесеттите и седумдесеттите години во Лаос, Камбоџа и Виетнам.

Впрочем, стравот од вакцините е стар колку и самите вакцини. Во еден новинарски текст од 1807 година во Лондон, вакцината, која тогаш штотуку била воведена во лекарската пракса, во долгото набројување на првите противници на вакцинацијата е опишана како „моќно и ужасно чудовиште со рогови како на бик, копита како на коњ, челусти како на морска аждаја, заби на тигар, кравја опашка и секакво можно зло од Пандорината кутија“, кое му се нафрлило на човештвото, а особено на „несреќните новороденчиња на сиромашните“. Нејзиниот учинок, со илустрација на препотовски ѕвер, тогаш бил опишуван „не со стотици, ниту со илјадници, туку со стотици илјади“ жртви кои би можела да ги однесе.

Без никаков сомнеж, вакцината е изум кој спаси најмногу човечки животи откако човекот почнал да го истражува светот. Идејата од крајот на 18 век до која прв дојде англискиот селски лекар Едвард Џенер (1749-1823), откако Луј Пастер (1882-1895) ги откри микробите, кон средината на 19 век доведе до модерна идеја за вакцина за превенција на болести така што со воведување на безопасен агенс во телото (умртвен вирус, на пример) имуниот систем однапред ќе се обучи да го препознае предизвикувачот на болеста. Тоа доведе до искоренување бројни смртоносни болести и продолжување на човечкиот живот.

Едвард Џенер

Меѓутоа, во секоја нова кампања за имунизација, за два века се формираше фронт помеѓу противниците и заговорниците на вакцините, кој долго беше премрежен со рововите на стариот конфликт на европската буржоазија и работничката класа. Во 21 век таа борба се пресели на интернет и во електронските медиуми, за со пандемијата со коронавирусот да добие планетарен карактер.

Откако Џенер му го претстави својот метод за вакцинација на Кралското друштво во Лондон (кој го нарече vacca според називот за крава), тој почна широко да се користи во борбата против суровата зараза со големите сипаници. Но, речиси веднаш се појави и првото движење против вакцинација - списанијата објавуваа карикатури со вакциниран човек кој се претвора во крава. Насловната илустрација на текстов е настаната 1802 година со наслов „Прекрасните ефекти на имунизацијата“, која, по нарачка на Друштвото за борба против вакцините, ја нацрта британскиот карикатурист Џејмс Гилреј.

Откако британскиот парламент во 1840 година изгласа закон со кој воведе бесплатна имунизација, како прв државен акт на оваа тема, отпорот се зголеми дополнително. Со законот за принудна вакцинација на новороденчињата од 1853 година (Compulsory Vaccination Act), отпорот стана организиран и се пресели на теренот на политичката борба. Дојде до жестоки нереди во Ипсвич, Нели, Митфорд и уште неколку англиски градови, а до крајот на годината во Лондон беше основана Лигата против вакцинација која го собра јадрото на противниците на методот на лекување на Џенер.

После законот од 1867 година, со кој обврската беше проширена на децата до 14 годишна возраст, оформена е нова, значително помоќна организација - лига која имаше цела програма, илјадници членови и свое списание за злата вакцинација. „Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години од 19 век се појавија голем број текстови, книги и списанија против вакцините“, велат американските лекари од Чикаго, Роберт Волф и Лиза Шарп во трудот „ Anti-vaccinationists past and present“, објавен 2002 година во списанието „Бритиш медикал“.

Луј Пастер

Националната лига против вакцинацијата до 1885 година имаше 100 000 членови, а преку своите медиуми манипулираше со податоци, наведувајќи дури и дека вакцинацијата предизвикала смрт на 25 000 деца во претпоследната деценија од 19 век. Вакви друштва паралелно се појавуваа во цела Европа, а подоцна и во САД. Познат е примерот од Шведска, од Стокхолм, каде кампањата против вакцинацијата беше толку интензивна што во 1874 година изби сериозна епидемија на вариола која, најпосле, го увери населението во неопходноста од вакцинација.

Меѓу другото, таква е матрицата која ги следи сите такви движења - нападите кон вакцините опаѓаат со растот на епидемијата и на крајот се вакцинира поголем дел од населението - со што се запира епидемијата.

Интересно е што стравот од вакцините беше карактеристика и на класната борба. Без разлика колку и да делува како надминат, овој облик на социјален конфликт е мотор и на денешниот отпор кон вакцинацијата - тој лежи во раширената претпоставка дека фармацевтските компании и посредниците екстремно заработуваат од човечкото здравје при набавката на вакцините.

Противниците на вакцините во принудното внесување „отров“ во човечкото тело, долго време го гледаа примерот на класното законодавство, бидејќи законите за имунизацијата најмногу ги погодуваа децата на работничката популација. „Движењето против вакцините дури и помогна да се воспостави нов идентитет на работничката класа, во која се вклучија и сите оние кои нарушувањето на своето тело го доживуваа како облик на политичка тиранија“, вели американската историчарка Надја Дурбак во трудот „Working-Class Resistance to Compulsory Vaccination in Victorian England“.

Насловна слика: Џејмс Гилреј, Library of Congress, Prints & Photographs Division

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://naukakrozprice.rs/

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Свет / Наука / Историја
Наука / Историја
Наука / Технологија / Историја
Наука / Живот / Историја
Наука / Историја
Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото