Кинескиот гамбит на Европска унија

06.02.2021 17:01
Кинескиот гамбит на Европска унија

Пред крајот на 2020 година, Европската унија и Кина објавија дека се при крај подготовките за потпишување на Сеопфатниот договор за инвестиции (Comprehensive Agreement on Investment – CAI) помеѓу двата економски гиганти. Тоа ќе биде „најамбициозниот договор кој Кина кога било го потпишала“, се истакнува во официјалното соопштение на Европската комисија.

Договорот го олеснува пристапот на европските коммании до кинеските пазари, ги отстранува (или барем ги ублажува) условите кои кинеските власти ги поставуваат во поглед на заедничките вложувања и трансферите на технологија во некои сектори, воведува порамноправен третман со кинеските државни претпријатија и повисок степен на регулаторна транспарентност. Од друга страна, Кина прифаќа одредени обврски во областа на еколошката заштита и работничките права, пред сè со согласноста „континуирано да вложува напор и да работи“ на ратификација на конвенцијата за принудна работа.

На хартија тоа изгледа како добивка не само за европската индустрија, туку и за поголеми човекови права. Но не сите реакции за овој договор се позитивни. Коментарите во Соединетите држави се движат од разочарување до покажување отворено непријателство. Според мислењето на заговорниците на тврдата линија , вклучувајќи ги и претставниците на администрацијата на Трамп, таквата одлука на Европската унија е отстапка на кинеската екномска моќ и голема победа на инеската дипломатија.

Разочарани се и поумерените коментатори, како што советникот на Бајден за национална безбедност. Администрацијата на Бајден повеќе би сакала претходно да беше воспоставен единствен фронт кон Кина со потпишување на договор помеѓу Америка и Европа.

Некои, пак овој потег на Европската унија го толкуваат со наивна верба во ветувањата што ги нуди Кина во областа на заштитата на човековите права. Гај Верхофштад, поранешниот белгиски премиер и член на Европскиот парламент, објави твит во кој вели дека „кинескиот потпис на договорот за човековите права не вреди ни колку хартијата на која е напишан“.

Европско – кинескиот договор отвора суштински важни прашања за постпандемскиот глобален поредок. Како да се уредат стратешките и економски односи помеѓу водечките сили и нивните многу различни институционални и политички аранжмани? Исто така, можат ли демократиите да им останат верни на своите вредности ако инвестираат во Кина и тргуваат со неа?

За да одговориме на ова прашање, мора да ги прифатиме фактите. Прво, невозможно е да се замисли подлабок раздор меѓу кинеската економија и економиите на западните држави кои не би довел до економска катастрофа. Второ, западните држави, било поединечно или колективно, не можат да ја принудат Кина да го промени економскиот модел во кој државата има водечка улога и не можат да ја натераат го направи помалку репресивен својот режим на човекови и работнички права.

Трговските и инвестициските договори нема да направат од Кина пазарна економија од западен тип, ниту пак ќе ја направат функционална демократија. Најмногу што можеме да постигнеме е нов глобален режим кој ги уважува различностите на економските и политичките системи и не ја загрозува користа од меѓународната трговија и инвестиции.

Тоа не значи дека западните земји кои соработуваат со Кина во економската сфера треба да заборават на човековите права и на сопствените политички определби. Тоа само значи дека Америка и Европа мора да изберат цели што можеби се помалку амбициозни, но затоа се поостварливи и на крајот, полесно е да се одбранат.

Две такви цели се особено важни. Прво, правилата за трговија и инвестиции мора да обезбедат западните фирми да не стануваат директни соучесници во кршењето на човековите права во Кина. Второ, истите правила мора да ги заштитат демократските земји од кинески практики што би можеле да ги нарушат нивните внатрешни институционални аранжмани во областа на трудот, екологијата и националната безбедност. Примарна цел треба да биде почитување и заштита на западните вредности, а не нивниот извоз во други земји.

Затоа клучното прашање во врска со договорот не е дали Европската унија ќе успее да го трансформира кинескиот економски систем или да ја унапреди заштитата на човековите и работничките права во Кина. Дури и ако се подобри третманот на мнозинаската муслиманска ујгурска заедница, репресијата на дисидентите и сузбивањето на слободата на говор секако нема да престанат. Дури и ако Кина ја ратификува Конвенцијата за принудната работа, што воопшто не е извесно, кинеските лидери нема да се согласат да има слободни синдикати. Овде најважно е Европската унија да не се откаже од примената на сопствените политики со кои го ограничува соучеството во кршењето на човековите и работничките во Кина и со кои ја штити националната безбедност на Европа и европските стандарди во областа на трудот.

Европската комисија тврди дека овој договор ѝ овозможува на Европската унија да го заштити „просторот на сопствените државни политики“, особено во „чувствителните“ области како што се енергијата, инфраструктурата и јавните служби. Во преостанатите области, ЕУ е веќе доста отворена за кинески инвестиции. Со што доаѓаме до прашањето што точно Кина очекува да добие со потпишувањето на овој договор?

Се чини дека Кина на овој начин купува осигурување во случај на можни идни ограничувања во Европа. Во договорот е вклучен механизам на арбитража, кој предвидува дека потписниците можат да поднесат жалба доколку другата страна ги прекрши одредбите на договорот. Доколку обидот за преговори не доведе до решение, спорот се доставува до арбитражна комисија која постапува во согласност со однапред утврдени процедури. За Европската комисија, тоа е механизам што ќе ја спречи кинеската страна да се откаже од прифатените обврски. Но, ништо не ја спречува и кинеската страна да го користи истиот механизам во случај на обид за ограничување на пристапот за кинеските компании.

Таквите механизми за решавање на спорови се многу важни за секој функционален глобален поредок. Но, што ќе се случи ако некоја европска земја одлучи да го укине правото на влез за една од кинеските компании затоа што злоупотребува работници? Франција веќе побара големите француски компании да ги почитуваат меѓународните норми во областа на човековите права и екологијата во работењето со странство.

Што ако некои европски земји усвојат построги мерки за кинески компании со сомнителна предисторија во областа на трудот и заштитата на животната средина и со тоа ги спречат да имаат деловни активности во Европската унија? Дали тогаш арбитражата ќе заклучи дека одлуката е донесена во согласност со одредбите на договорот? Исто така, колку разбирање ќе имаат арбитрите за ограничувањето на пристапот до пазарите заради „национална безбедност“.

Одговорите на ваквите прашања не се целосно јасни. Многу ќе зависи од конечниот текст на договорот и од степенот до кој арбитрите ќе бидат подготвени да дадат предност на отвореноста на пазарот пред самопрогласениот „јавен интерес“ на некоја земја.

Во секој случај, желбата на Соединетите држави да воспостават единствен фронт кон Кина и фактот дека договорот нема да создаде слободна и пазарно ориентирана Кина не се валидни аргументи против овој и сличните трговски и инвестициски договори. Договорот не треба да се оценува според тоа дали може да ѝ помогне на Европа да го извезува сопствениот систем и вредности во светот, туку дали ќе ѝ овозможи да остане верна на тој систем и вредности.

Извор: Project Syndicate

 

 

ОкоБоли главаВицФото