Во потрага по нов манифест

08.02.2021 00:32
Во потрага по нов манифест

Во рамки на овогодинешниот загребски Фестивал Субверзив, кој освен филмскиот вклучува и теоретски дел, се одржаа повеќе предавања и еден форум. Форумот се одржа во форма на два панели на Зум, а на него учествуваа и некои веќе познати лица за нас, кои веќе гостувале на фестивалот или се занимаваат со нашите краишта. Меѓу другите, тоа се Костас Лапавицас, Кетрин Самари, Тијана Окиќ, а требаше да зборува и Ерик Тусан, но го откажа учеството. Сето тоа се случуваше во рамки на Алтер-економскиот форум, кој го модерираше Димитрие Бираќ.

Како повод за разговор послужија два манифести, односно преодни програми на европската левица, кои ги објавивме во форма на две книжулиња и на нашиот јазик (што е четврт превод во светот). Во рамки на проектот ReCommons Europe, во соработка со бројни организации и поединци настанаа овие два колективни текста. Првиот се вика „Манифест за новиот народен интернационализам во Европа“ (2019), а вториот „Манифест на интернационалната левица: Влијанието на европските политики врз глобалниот Југ и потенцијалните алтернативи“ (2020). Во разговорите на Зум учесниците не ги прераскажуваа текстовите, туку се фокусираа на некои нови и стари предизвици кои стојат пред меѓународната левица. Тука ќе се обидеме да ги доловиме основните насоки на текстовите, кои заради пандемијата со коронавирусот „застаруваат“ побрзо отколку што се напишани. Имено, настаните нѐ претекнуваат, а меѓународните институции на капиталот брзо и во чекор се престројуваат и тешко е да се следат и да се знае што сѐ се случува. Тоа во својот настап го нагласи Лапавицас, тврдејќи дека тие текстови делумно веќе се застарени.

Сепак, ние ќе кажеме што содржат, а и покрај тоа што се работи за книжулиња (од 70, односно 90 страници, што се впрочем скратени верзии), и не е едноставно тие да се прераскажат. Причината за тоа е нивниот оригинален стил, со кој ѝ се обраќаат на замислената „народна влада“, односно на сите постоечки политичари, активисти и граѓани не само на Европската унија, туку и пошироко. Тој стил е кондензиран во поглавјата кои ја опишуваат денешната состојба, но и препорачуваат краткорочни, среднорочни и (поретко) долгорочни мерки, како таа да се надмине. Во текстовите нема поважни и помалку важни делови, тие се конзистентни на ниво на густина и затоа е тешко да се издвои нешто, иако многу нешта во форма на новинарска статија треба да се прескокнат.

Како што пишува во предговорот, станува збор за „Манифест за нов народен интернационализам во Европа“, за обид да се придонесе во стратешките дискусии кои се одвиваат во рамки на европската народна левица. Стручњаците кои го пишувале ги покриваат областите економија, политологија, филозофија, антропологија, право, екологија, синдикализам, феминизам, солидарност со северот и југот. Застапени се барем три генерации истражувачи, а предлозите се насочени кон „главните прашања со кои ќе мора да се соочи народната влада кога ќе дојде на власт“. Тие заговараат радикални промени, и како и секоја преодна програма може да се критикува од две страни. Една е онаа на таканаречената реална политика, за која, на пример, онака како што ние ја „консумираме“ преку етаблираните политичари и медиуми, таквите нацрти се сосема нереални, утопистички и претерани. Само да се сетиме дека политичката класа насекаде го искористи жаргонот на борбата „против сите радикализми“, го злоупотреби поимот „популизам“ за сите појави кои директно и „неодобрено“ му се обраќаат на народот. Вториот можен приговор на таквите нацрти би можел да дојде од поортодоксната левица, зашто кај нив нема многу марксистички жаргон на оние на кои Комунистичкиот манифест им е доволен текст за повик на акција, би можеле да бидат разочарани илипишувањето на таквите нови програматски текстови би им се чинело залудно.

Ако им се вратиме на оние кои сè уште ги нарекуваме политичари, јасно е дека тие не сакаат да направат разлика помеѓу лев и десен радикализам, лев и десен популизам, зашто за нив фактот дека таквите појави можат да им се припишат и на левицата и на десницата се круцијален доказ дека сите „екстремизми“ се еднакви, а дека само „центарот“, т.е тие, се гаранција за стабилност на поредокот и нормален општествен живот. Но тој центар, или подобро кажано „радикален центар“ одамна опстојува само на апарати. Не само заради кризата предизвикана од короната, но и заради неа, туку затоа што во сѐ поголема мера се откажува од демократските процедури, човечките права и најпосле правото на живот на многу луѓе. Она што некогаш го нарекувавме демократски дефицит во ЕУ во меѓувреме метастазираше во наднационална недемократска и авторитарна творба, па за радикалната левица прашањето е дали сѐ уште е можно да се реформира во некаков облик или едноставно треба да се напушти. А токму тука почнуваат проблемите зашто разликата помеѓу реформата и револуцијата е само условна и едното секогаш го следи другото. Дали барањето да се укинат главните тела на ЕУ какви што се сега, како Европската комисија и Европската централна банка (ЕЦБ) сѐ уште се реформистички? И дали е револуционерно да се бараат леви излегувања не само од Еврозоната, како што имаше предлози во времето на грчката криза, туку и од самата Унија? Брегзитот од десна страна ја претекна можноста за тоа прашање како Лексит, лево излегување на одредени членки од заедницата.

Текстовите во двата манифести секогаш паралелно ја следат логиката на барем три, ако не и четири нивоа. Првото е локално, второто национално, а третото европско. Четвртото, секако, е глобално, но не во смисла на нужност од неолибералната глобализација, туку во смисла на проблематизирање на односот Север и Југ, богати и сиромашни, разни потенцијални и реални геополитички прегрупирања меѓу државите, кои постојано се во тек. Како и да е: „Реформа по пат на избори на европско ниво не е реална опција. (Мошне) хипотетичко мнозинство за радикално лева коалиција во Европскиот парламент не би овозможило воведување измени во најважните договори ни демократска контрола на Европската комисија и ЕЦБ, а тоа се двата главни строеви на неолиберализмот во Европа.“ Европскиот парламент е немоќен, а ЕЦБ, Европската комисија, па и Европскиот суд на правдата и разните европски агенции, се сосема независни. Но од народната сувереност. Истовремени избори во повеќето држави членки исто така изгледаат подеднакво илузорно. На едно место стои и констатацијата: „ЕУ денес претставува не само авангарда на неолиберализмот во светот, туку и збир институции кои не е можно да се реформираат. Тоа е причината заради која онаа левица која е насочена кон општествена трансформација веќе не може да биде веродостојна и реалистична, ако во средиштето на својата стратегија има тотален раскин со договорите и институциите на ЕУ.“

Преговорите со институциите, постигнувањето консензус ако не се одржува доминантна позиција, веќе не функционираат. Тоа го покажа искуството на владата на Сириза од 2015 година. Што е решение? Авторите на манифестот тврдат дека е нужно и можно да им се спротивставиме на силите на нееднаквоста и реакционерството, потпирајќи се на иницијатива на граѓаните, организирани социјални движења и „дејствување на народна влада посветена на одбрана на правата за сите“. За тоа е потребно „народната левица“ да се воздигне до потребното ниво, за да може да се соочи со денешните предизвици. Недостатокот на радикалност и храброст главно произлегува од недостатокот на народна база на социјалните движења кои, без разлика колку се масовни, сепак често се изолирани од базата, а би требало одозгора да го предизвикаат постоечкиот поредок. Тој документ заговара почеток на процесот за превладување на капитализмот и истовремена еколошка транзиција. Авторите мислат дека во основни црти одговараат и на стратешкото прашање како да се направи тоа, кое не останува на ниво на апстрактна потреба. Затоа поглавјата на манифестот се замислени како предлози кои произлегуваат од размислувањата за актуелно и долгорочно дејствување.

Првото поглавје на „Манифестот за нов меѓународен интернационализам во Европа“ нуди начела, стратегии и алати за реализација на предлозите и целите. Целта е да се одговори на прашањето што би требало да преземе народната власт во своите први денови и месеци. Второто поглавје го тематизира јавниот долг, во кој разликува нелегитимен, одиозен и неодржлив дел, од кои треба да се откажеме. Третото поглавје зборува за банките, кои треба да се национализираат, за да им служат на основните потреби на луѓето, а не на акумулацијата на капиталот. Тоа се однесува на сите нивоа на банкарството, вклучувајќи ги и централните банки на одредени држави членки на ЕУ. Во четвртото поглавје на ред доаѓаат вработеноста и социјалните права, кои би ги подобриле условите за живот кај мнозинството, би обезбедиле демократска власт над средствата и целта на работата. Потоа, во петтото поглавје, се зборува за енергетска и еколошка транзиција, која треба да се разликува од проектот „зелен капитализам“. Тука се и феминистичките борби, како трансверзала кон сите останати социјални и политички борби. Постојат основни човекови права на образование и здравје, развивање на сите јавни услуги, како спротивност на нивната моментална комодификација и деградација. Осмото поглавје се однесува на меѓународната политика, мирот и солидарноста меѓу народите. Последното, деветто поглавје, се враќа на почетокот и на феноменолошкиот пристап преку кој сега, по опишаниот пат, повторно се изложуваат појдовните претпоставки, но на едно повисоко ниво. Заклучното поглавје се обидува да одговори на прашањето што да се направи во ситуација на непријателства и ограничувања кои ќе ги наметнат европските институции. Се зборува за стратегија на непослушност, конфликт (вклучувајќи мерки за одбрана, но и напад), прекин итн. Таа негативна дијалектика треба да ја следи нужноста за обнова на сојузи и процеси со цел воспоставување меѓународна соработка, како алтернатива на оние во ЕУ. Нема повлекување од националната држава. Со зборовите од воведот: „Народниот суверенитет единствено може да се изгради со спротивставување на сегашните облици на политички институции на национално, европско и меѓународно ниво и со создавање нови демократски институции преку организација одоздола.“ Околу тоа прашање можеби нема согласност ни меѓу авторите на манифестот: „Мора да усвоиме меѓународна стратегија и да заговараме европска федерација на народите, како спротивставување на актуелниот тек на интеграција со кој потполно доминираат интересите на крупниот капитал.

Вториот манифест, оној што зборува за европските политики на глобалниот Југ и потенцијалните алтернативи, нè интересира уште повеќе. Но тука имаме простор да ја наведеме само неговата содржина. Тој се состои од шест поглавја: 1) Односи помеѓу глобалниот Север – особено европските земји – и глобалниот Југ: општа рамка; 2) Укинување на нелегитимниот и одиозниот долг кој европските држави го побаруваат од трети земји, давајќи им апсолутен приоритет на човековите права; 3) Укинување на неоколонијалната политика на ЕУ во сферата на трговијата и инвестициите; 4) Укинување на нехуманите миграциски политики на тврдината Европа; 5) Проект против милитаристичка Европа; 6) Репарација за злосторствата на европските колонијални сили и европскиот неоколонијализам. Секоја од овие точки би заслужила посебна обработка.

Меѓутоа, моравме да повториме и сумираме на едно место за да ги претставиме двата манифести, кои треба не само да се читаат, туку да се сфатат и како водич во јавната работа и животот. Кризата предизвикана од коронавирусот главно само дополнително ги заостри и проблемите кои се изложени тука и кои се премногу напнати во нашите заедници. Може да се каже дека кризата е некакво изворно вагање, а исто толку е и шанса за сите страни во спорот. Она што е важно е да не се сведеме на монотематиката на медицинските мерки против заразата и краткорочните тактики на владите околу излегувањето од оваа општествена, економска и здравствена криза. А таа, судејќи според сè, уште сега е поголема од онаа што ја имавме во 2008 и споредлива е само со кризата од триесеттите, со непријатен призвук на повторно можни светски конфликти. Но и во таквите метежи левицата во минатото знаеше да ја искористи можноста. А кога станува збор за нашиот контекст, можеби овдешните национални левици не се навикнати или немаат сила да изнесат толку амбициозни и радикални документи. Можеби се презафатени со пожарникарство за да можат да се занимаваат со сите нивоа на контекстот во кој делуваат, а уште помалку со оној меѓународниот. Во времиња на толкави порази тешко е да не се исплашиме од големината на сопствените цели. Та ние сакаме поинаков свет, свет кој ќе го надмине зголемувањето на профитот, а за тоа ни е потребна и критика во рамки на реално егзистирачките капитализми, каков што е и оној на ЕУ, и согледување на границите на таквата критика. Зашто, оној што ја гледа границата, можеби веќе гледа и подалеку од неа.

Карикатури: Игор Смирнов

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото