1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:15
Франција веќе со недели ја тресе „книжевен скандал“ кој ги премина границите па за него известуваат и New York Times, BBC, Neue Zürcher Zeitung, односно, релевантни светски медиуми. Причината се педофилските склоности на еден писател. Бурата ја предизвика неодамна објавената автобиографска книга „Согласност“ на Ванеса Спрингор во која го опишува својот однос со четириесет години постариот маж кога имала само 14 години. Самиот тој факт не би предизвикал внимание и книгата веројатно би собирала прашина на полиците да не се работеше за писателот Габриел Мацнеф. Но, бидејќи се работ за еден од најпознатите француски писатели, овенчан со важни книжевни награди и признанија, книгата е веднаш распродадена.
Имено, Мацнеф токму и се прослави со автобиографски дела во кои ги опишува сопствените сексуални односи со малолетни девојчиња и момчиња. Многу од нив биле помлади од 15 години, што е законската граница под која делото е казниво. Пишувањето не му било доволно па за своето однесување се децении јавно се фалел во медиумите, пишувал колумни за тоа и слично. На пример, во прочуената ТВ програма „Апостроф“ на Бернар Пиво, во 1990 водителот го прашал „како е да се биде сериски колекционер на млади девојченца“, на што авторот фриволно му одговорил дека сака ученички кои уште не отврднале од разочарувањата од мажите. На тоа речиси сите присутни се смешкале со одобрување.
А зошто човекот и не би говорел отворено за сексуалните преференции кон малолетнички кога токму на тоа и ги изградил и својата книжевност и својот имиџ на јавна личност, никогаш не одрекувајќи дека се работи за вистински настани? Интересен е фактот дека сите овие децении во ниту еден миг ниту една личност не го повикала јавно за педофилија ниту го довела во прашање искуството на кое се темели неговата книжевна слава. Всушност, станал ценет и славен, му се восхитувале угледни луѓе и пријателувал со моќници, на пример со поранешниот претседател Франсоа Митеран. Самиот Пиво по повод најновите случувања изјавил дека тогаш, во осумдесеттите, „книжевноста била поважна од моралот“.
Буквално до вчера, т.е. додека Спрингор не ја објавила својата книга, во Франција сексуалните злоупотреби од овој вид се сметале речиси за заведување. Сега медиумите и експертите силно се трудат да објаснат како тоа било можно, либерализацијата на сексот ја припишуваат на атмосферата на револуционерната 1968 и на борбата против сите авторитети, времето кога владееше слоганот „Забрането е да се забранува!“ Говорат за влијанието на левата интелектуална елита на тоа време, ги набројуваат заговарачите на сексуалните слободи од Жан-Пол Сартр до Мишел Фуко, Ролан Барт, Симон де Бовоар, до Le Monde и Liberation. Не треба да се заборави ниту Црквата од чиј притисок исто така требало да се ослободи општеството. Во тие околности Мацнеф станал водечки заговорник на легализацијата на сексот со деца. Во книгата со експлицитен наслов „Помлади од шеснаесет“ објавена во 1974 и повторно во 2005, тој пшува: „Да се спие со дете е свето искуство, покрстување, посветена авантура“.
Тешко дека тоа би можел да го напише денес бидејќи атмосферата последниве години се промени. Додуша, во Франција помалку во споредба со некои западни земји, но и таму е заострен законот па сега секс со помлади од 15 години во одредени околности може да се смета и за силување (но не и автоматски, како во повеќето земји). Знак за промена е и овој настан инициран од засега единствената негова жртва која проговорила, испровоцирана од фактот дека писателот и натаму добива награди, издавачот ги објавува неговите книги, последната пред само неколку месеци – иако за него сите знаат сѐ. Благодарение не книгата на Спрингор, сексуалната злоупотреба на малолетници конечно стана сериозна тема.
Отворена е истрага за силување, но со оглед на траењето на таквите процеси, а и на годините на славниот писател, тешко дека ќе го стигне казна. Го стигна, додуша, повлекување на понатамошното објавување, како и скратување на државната стипендија. Но, 83-годишниот писател ни после тоа не покажува знаци на каење. Тој ја критикува авторката дека е неправедна и дека претерува во описот на „убавината на љубовта која ја делевме, Ванеса и јас“.
На Мацнеф книжевноста успеала да му послужи како штит од обвиненија за злоупотреби, така што никој не ни прашува што е со вистинитоста на неговите приказни. На крајот излегува дека во неговиот случај воопшто не се работи за „книжевен скандал“ бидејќи книжевноста останува во сенка на авторот кој цело време правел законски престапи кои самиот ги признавал и се гордеел со нив. Но, тоа било во време кога „ситницата“ дека нешто навистина се случило пред да биде опишано претставувало морализаторско малограѓанско цепидлачење.
Се работи за скандал првенствено на јавното мислење кое го толерирало – ако не и одобрувало – однесувањето на писателот кој очигледно бил над законот. Она најлошото што со овој случај исплива на површина е лицемерието на мнозинството кое траеше со децении сѐ додека една жена не извика: „Царот е педофил!“ Тоа денес веќе не се простува никаде, па ни во Франција, до неодамна рај за писатели со сомнителен морал.
Извор: Jutarnji