Чистење

09.02.2021 18:26

Како да се исчисти Давид?
Да се трие ли со мека четкичка за заби
или да се насапуни со Палмолив?
Или да се искапе како бебе
со вклештени прсти околу рамото?

А главата на Нефертити во еко-боја
што кима од семафорот пред железната завеса?
Да се повикаат ли сирачињата
со боси нозе и долгнавеста четка
што ги замиваат ветробранските стакла?

Мислителот на Роден
да се помине ли со волнена крпа натежната
од оцет, сок од лимон или сода бикарбона,
па да се изгланца со марамче за очила
од глава до петици? Или да се истушира?

Малата балерина на Дега
мајка ми би ја истрила со варикина
и би ѝ го иштиркала здолништето
не знаејќи дека тоа е политички некоректно,
но концептуално издржано.

Со Венера од Милос
треба да се биде внимателен
и да се користи био-козметика,
а на сауна не смее ни да се помисли
за да не се препоти па да ослаби.

Пиета на Микеланџело
смее ли воопшто да се пипне,
а да не се извалка со човечка хигиена?
Чистењето е плод на смртта,
тридневна жалост на животот, прав од правта.

И на крајот самиот си на ред –
но како да ја исчистиш сопствената кожа?
Со вода и сапун е бесмислено
ако под неа ти се напластила ‘рѓата
на сѐ што не требало да бидеш – а си можел, си можел.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото