Економската вулгата на „одржливата“ пластика

10.02.2021 01:25
Економската вулгата на „одржливата“ пластика

Според новата регулатива, во Европската унија производството на пластика ќе се смета за одржлива економска дејност сѐ додека е „произведена во целост со механичко рециклирање пластичен отпад“ или „хемиско рециклирање во процес во кој издувните гасови не ги надминуваат пропишаните граници“.

Деновиве се очекуваат нови ЕУ стандарди за производство на одржлива пластика кои ќе мора да ги исполнуваат сите произведувачи кои сакаат да работат на територијата на ЕУ. Теоретски, според најавите од Зелениот план за Европа, наскоро треба да се донесе ЕУ таксономија за одржливи финансии кои ќе одредуваат кој вид инвестиции придонесуваат во борбата на Унијата против климатските промени. Таа таксономија веројатно ќе служи за одобрување олеснувања за оние дејности за кои ќе се процени дека придонесуваат повеќе, додека за оние кои нанесуваат штета ќе почнат да се воведуваат даноци, царини и други давачки.

Го нагласувам поимот „теоретски“, зашто ЕУ има неприкосновен талент за прикривање на опскурните антиклиматски-пропазарни идеи во досадниот технички бирократски дискурс на своите соопштенија. Затоа, во новата европска зелена вулгата очекувајте термини како „одржлива пластика“, „одржливи инвестиции“ и слично. Таквата пластика би требало да биде изработена од отпад и хемиски рециклажни процеси. Хемиските процеси за добивање пластика исто така ќе бидат дефинирани со почитување на еколошките стандарди во хемиската рециклажа (емитуваните гасови со ефект на стаклена градина во рециклажниот процес мора да бидат пониски од количината испуштени гасови во оригиналниот процес на произведување на производите од суровини на фосилни горива, таканаречена „virgin plastics“).

Секако, проблемот е во тоа што производството на нова оригинална „девствена“ пластика од фосилни извори во моментов е значително поевтина од секундарното производство на пластика со рециклирање. Тоа особено важи годинава, кога велепазарната цена на суровата нафта е на историско ниски нивоа. Зелените активисти исто така предупредуваат дека рециклирањето со хемиски процес не генерира нужно помалку гасови со ефект на стаклена градина од производството и употребата на нова пластика. Тоа само изгледа така зашто при рециклирањето, а не при горењето нова пластика, не се генерираат гасови како и во процесот на горењето, и од вкупниот животен циклус на емисијата за пластични производи се одбива само последниот циклус гасови.

Организацијата Zero Waste Europe е загрижена од категоризацијата на ЕУ таксономијата затоа што хемиското рециклирање се сведе на „производствен процес“ а не како „активност за управување со отпад“. Како и обично, веројатно во случајов станува збор за категоризација според принципот: најдобра опција за индустријалците. Бидејќи активностите за складирање отпад имаат построги еколошки критериуми од производствените, можно е да биде тешко или невозможно да се следат процесите за рециклирање пластика, што најпосле ќе влијае и на следењето на активностите поврзани со ефикасноста на идејата за рециклирање пластика.

Кога ќе исчезне разменската вредност

И покрај пофалбите на програмите за рециклирање пластика, денес мора да заклучиме дека тие, што и да ветуваат, не го решија проблемот со пластиката. Прво, рециклирањето се случува откако ќе се произведе нешто па тоа ќе ја изгуби својата употребна и разменска вредност. Но, дека рециклирањето не е идеално решение - иако е практично единственото што го имаме во моментов - се гледа и од фактот дека рециклирањето не ја намали продукцијата на отпадот. Тоа значи дека системскиот проблем не е нужно во начинот на кој ги употребуваме и потоа ги отфрламе нештата, туку во начинот на кој ги произведуваме. Рециклирањето се појави како идеја која нуди решение пост фактум, оставајќи го неадресиран проблемот за начинот на производство. Логиката е едноставна: нема потреба да го преиспитуваме производството зашто проблемот со отпадот и неговата еколошка цена се решаваат на самиот крај од економскиот живот на производот, а не на неговиот почеток.

Бидејќи во дискусијата за генерирањето отпад не се води сметка за начинот на производство, од целата дискусија за рециклирањето изостануваат обврзувачките барања за долгиот век на траење и употребливост на производите - за да се намали создавањето отпад. Но, долгиот век на траење на производите ја намалува нивната побарувачка, што најпосле не води само кон помали профити во таа индустрија туку и кон помала вработеност. Притоа, пластиката претставува посебен проблем заради својата висока употребна вредност, евтиното производство и многу скапата еколошка цена. Таа е еден од најраспространетите материјали со примена во речиси сите други индустриски сектори - од амбалажата преку прехранбената индустрија, здравствената, а во последниве години произведуваме дури и мебел и облека (флис) од пластика. Карактеристиките кои ја прават толку распространета воедно се и причина за нејзината неразградливост.

Значи, рециклирањето е сложен производствен процес кој го диктираат побарувачката, одредувањето на цените и локалните прописи. Успехот на рециклирањето зависи од секоја алка во тој ланец: од тоа дали личноста која се ослободува од пластиката ќе го измие производот, до дизајнерите кои можеби дизајнирале пластични производи од повеќе меѓусебно некомпатибилни слоеви преку собирачите на отпад до фабриките во кои се прави сето тоа. Прво, како потрошувачи мора да знаеме дека не е секоја пластика рециклабилна (пластични ќеси, цевки, еднократни лажици за кафе и слично). Но, најважни фактори во рециклажната постапка се пазарот и побарувачката за неа - во спротивно се бескорисни. Ако нема заработувачка, нема интерес за рециклирање. Затоа јавните инвестиции во системите за рециклажа не треба да се гледаат само како сапрофитска функција на јавната управа, туку треба да водат сметка за нивната пазарна функција во зголемувањето на приходите на локалните самоуправи. Уште повеќе затоа што интересот за рециклирање на пластиката примарно е еколошки и социолошки, а не нужно економски (повеќе пати споменавме дека новата пластика е поевтина од рециклираната), затоа треба да се надглледуваат овие процеси, зашто државните управи можат да добијат и субвенции за рециклирање.

Исто така, National Geographic пред две години објави особено корисна, едукативна и квалитетна статија за рециклирање пластика.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Veronika Richterová

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото