Предучилишно сексуално воспитание - оптимално решение за старт на ССО

10.02.2021 11:18
Предучилишно сексуално воспитание - оптимално решение за старт на ССО

Прашањето, кога најрано треба да се започне со сеопфатно сексуално образование (ССО), ми беше поставено на една конференција, по презентацијата на резултати за здравјето и добросостојбата на децата од Македонија, кои самите за себе зборуваа доволно(1).

Од градинка, одговорив без двоумење, а еве и зошто мислам така.

Наодите од споменатото истражување покажаа дека 86% момчиња и 71% девојчиња се изјаснија како вљубени на 13 и 15-годишна возраст. Со возраста опаѓа нивниот интерес кон училиштето за сметка на потребата за дружење и одвојување од семејството. Истовремено се зголемуваат и притисоците најчесто изразени преку психосоматски тегоби како што се: главоболките, нервозата, раздразливоста, и до повеќепати неделно. Симптомите на кои се жалат децата се удвојуваат од нивната 11-та до 15-та година, а напнатоста и нервозата растат до 47% меѓу девојчињата, и 30% меѓу момчињата, на 15-годишна возраст. Семејното (физичко и емоционално) насилство врз децата е исто така во пораст со возараста, потврдуваат наодите. Секое четврто момче и секое петто девојче на возраст од 13 и 15 години, се жртви на физичко казнување во семејството. Децата пријавуваат и сексуално злоставување од членови, или пријатели и познати на семејството, при што момчињата се почести жртви од девојчињата. Појави значајно поврзани со родовите нееднаквости, ниската семејна имотнот, и традиционалниот начин на воспитување.

Реакции на натрупаните проблеми на адолесцентите се: тага и безнадежност, во траење од најмалку две недели, секојдневно, кај 43% од девојчињата на 15 години, од Македонија. Слично е и со чувството на губење контрола врз важни работи во нивниот живот. Дури 13% од девојчињата на оваа возраст сериозно размислуваат, или веќе планирале (9%) самоубиство. Додека девојчињата се повлекуваат, нивните врсници, момчињата, практикуваат ризични однесувања - пиење, опивање (40%), рани сексуални искуства (40%), и насилни однесувања (47%), како избор на решение на проблемите.

Образовниот систем е неподготвен и потполно немоќен пред отварањето на овие прашања, тесно врзани за развојот и за академските и животни постигнувања на младите. Во меѓувреме тие растат и се снаоѓаат како знаат и умеат.

Сеопфатното сексуално образование може да даде значаен придонес во одговорот на прашањето КАКО понатаму. Затоа треба да започне многу порано, или што порано. Деветто одделение е предоцна да се започне со заштита на децата од предизвиците на адолесцентната доба, за кои се неопходни навремено и добро информирање, способности на критичко мислење, искуства на добри проценки и самостојно одлучување, вештини на справување, како основи на самодовербата и еманципацијата во поглед на „другиот“. Сето тоа се учи бавно, искуствено и во безбедни услови, што тешко се постигнува во најинтензивниот период на развој, каков што е адолесценцијата, кога ранливоста и изложеноста на младите на ризици од повреди, е најприсутна. Сепак, помеѓу тоа да бидат оставени на самите себе, и уверувањето дека некој друг може да го изоди нивниот пат, некој што „ го знае најдоброто за нив“, воведувањето на ССО е единствениот вистински избор.

Што е тоа што би можеле децата да учат и да научат на 4-5-6 години, во рамки на сексуалното образование? Прво, би почнале да истражуваат што значи кога си тажен, уплашен, весел, лут, возбуден, кога акутно и силно чувствуваат несигурност и страв, затоа што не знааат доволно, и затоа што се одвоени од дома. Би учеле низ игра, музика, боја, цртеж, како да препознаат широк спектар на емоции, и каде точно ги лоцирааат во своето тело, кога чувствуваат, зашто телото е тоа што најмногу ги мачи кога чувствата им се силни. Емоцијата така би добивала израз, боја, вкус, густина, силина, а децата би учеле како да го следат нејзиното движење (повторно во телото). И сето тоа во игровна атмосфера и заедништво со другите, без закани и притисоци, без морализам толку присутни во немоќта на возрасните да ги разберат и вреднуваат детските емоционални состојби.

Во рамки на сеопфатното сексуално образование децата би тренирале и вежби на дишење, опуштање, медитација и други активности, како алатки за контрола на сопствените емоции, кога се силни. Би научиле и како безбедно и навремено да ги изразуваат. Со други зборови би учеле искуствено како да ги разберат работите што ги плашат и ги загрозуваат, а претходно не ги препознавале. Со тоа би станале почувствителни и за емоциите на другиот, би учеле за емпатија со емпатија и сочувство без морализам и вина. Би учеле како подобро да слушаат, кога самите се слушнати, уважени и респектирани. Тоа се основите на градеањето самодоверба и доверба во другиот, и во светот што ги опкружува. Со ваквата обука се стартува од мали нозе.

Попатно би учеле и за границите, до каде е секое од нив, од каде почнува другиот/а. Што е лично, а што заедничко. Што е интима, и што значи да се пречекори нејзината граница. Би учеле за согласноста. Сосема слободно и неоптоварено, без срам и нелагодност, би научиле и многу работи за своето тело, за машкото и за женското тело, и за тоа како се чувствуваат во него.

Како сето ова може да научи дете од 4-5-6 години? Побргу и полесно од возрасниот кој има предрасуди, ригидни ставови, кој во секоја промена гледа закана, и кој многу е поверојатно да згреши во проценките и очекувањата од себе и детето. Детето е љубопитно, креативно, интуитивно и во постојан развој, затоа учи бргу, а наученото, останува трајно. Станува капитал со кој тоа може да располага цел живот. Работилници на овие теми, прилагодени за секоја возраст има беброј, истражени, развојни и безбедни.

Овие становишта се поткрепени со бројни емпириски наоди, од истражувања и контакти со децата, од професионални искуства, од соочуања со родителската неснаодливост и немоќ ( на кои сум чест сведок), но и од брзоменливите околности на времето во кое живееме, што се заедно упатува на барањето решенија токму во образованието. А тоа мора да се менува. Сведок сум и на насилствата во сите форми, како решение на проблемите. И на незнењето да се каже СТОП, и НЕ на деструктивните решенија и на талкањето по слепи улици од кои излегуваме, повторно насилно, сензационалистички, и со жесток напад врз „другиот“, во јалова самоодбрана.

Препораки до министерката Царовска и нејзиниот тим

Аргументите ЗА сеопфатно сексуалното образование имаат тежина на 10-годишна макотрпна истражувачка работа, пилотирања, евалуации, искуства на едукации и примена во различни средини. На објаснувања, докажувања, убедувања. Треба да се каже одлучно СТОП на сето тоа. Не се возраста, ниту оправданоста, па дури ни заостанатоста и примитивизмот во нашата заедница главните бариери на воведување на ССО. И не смееме да дозволиме да бидат.

Целата енергија треба да се насочи на селекција и континуирани обуки на воспитувачите и водачите на работилниците на ССО. Тоа е тесното грло и најкритичната точка за воведување на сеопфатното сексуално образование - добри кадровски решенија и обуки се клучниот предизвик. Време е да се покаже, а не да се објаснува што и како треба да се работи. Треба да се види како безбедно можат да се отворат и разговараат „табу теми“ со децата, важни за нивниот живот. Без никакви отстапки, одлучно и самоуверено. Ако тоа се случи, во само неколку градинки, или училишта, родителите сами ќе бараат да ги запишат децата, токму таму.

Секој што е загрижен или нешто не му е јасно, треба да има каде да се информира – информативни страници со програми, содржини, резултати од студии и пилотирања, не е тешко да се постават на достапно место, за сите. Но, мора да се направи разлика помеѓу потребата „секој да каже што мисли“ и правото да се каже „што треба да се прави“. Затоа што има луѓе што знаат, и луѓе што не знаат. Има луѓе што се плашат, што не разбираат или се дезинформирани, и луѓе што се потпираат на истражувачка евиденција, на емпириски наоди и долгогодишни искуства, луѓе со визија, што знаат што прават. Нивните мислења имаат друга тежина и релевантност кога се во прашање промени во образованието што ги засегаат сите деца во заедницата.

1. ХБСЦ студијата, е истражување што се спроведува во уште 48 земји од Европа и Америка, Канада и Русија, покрај Македонија Студијата опфаќа широк спектар од теми за животот и здравјето на младите, на кои доброволни и анонимно одговараат ученици од сите етнички заедници во државата. Целта на студијата е добивање увид во здравјето и добросостојбата на младите, со посебен осврт на нивното ментално, социјално и сексуално здравје и здравствени навики, како индикатори на нивната добрососојба и квалитет на животот. Примерокор на кој се изведени овие наоди опфаќа околу 5000 ученици на 11, 13 и 15 години, од цела Македонија. Резултатите се од истражувачккиот циклус 2018 година, кој во нашата земја се спроведува по петти пат, во временски период од 20 години. https://hbscmacedonia.wordpress.com/

Слики: Per Holm Knudsen - „How a baby is made“ (1975)

Слични содржини

Општество / Живот / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото