Изложба во Чифте амам - „Flux identity“

10.02.2021 12:57
Изложба во Чифте амам - „Flux identity“

Националната галерија на РС Македонија својата годинешна програма ја започнува со вечерашното (10 февруари, 19 часот) отворање на меѓународната изложба „Flux identity“.

Изложбата „Flux identity“, која претставува динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност, ќе ја предводат уметници од Канада, односно, Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перунович, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ и од Македонија: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.

„Тие се фокусирани на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, бидејќи денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен, туку како распарчен и раскршен, флуиден и пропустлив. Идентитетот е постојано во процес на промена и трансформација. Во денешно време, постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, го прават потеклото на поединецот и неговата автентичност веќе нестабилни концепти. Доаѓајќи во ново опкружување, едно лице носи со себе специфичен културен идентитет што се вкрстува и се меша со различни идентитети на новата социјална заедница. И така, се создава симбиоза на различности“, велат организаторите

Во рамките на проектот „Flux identity“, идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција – национална, етничка, лична, полова, економска, културна, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална, дигитална, корпоративна, звучна, семејна, но и социјална.

„Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата „Flux identity“. Тие ги развиваат своите уметнички концепти движејќи се низ проширено поле на уметност, инкорпорирајќи го во него нивниот личен дискурс, искуствената визија, различните уметнички процедури и процеси. Нивната уметничка практика се реализира преку просторни, мултимедијални и интерактивни инсталации, цртање, перформанси, видео, фотографија и дигитална уметност“

Авторка на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, стручна соработничка е Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија е Ана Франговска. Изложбата ќе биде отворена до 26 февруари.