Државниот инспекторат утврди пропусти во работењето на РЕК Осломеј

10.02.2021 14:54
Државниот инспекторат утврди пропусти во работењето на РЕК Осломеј

Редовниот надзор на Државниот инспекторат за животна средина покажа низа пропусти во работењети на термоцентралата РЕК Осломеј близу Кичево. Биле утврдени надминувања на граничните вредности за емисија на прашина, иако отпрашувањето се врши преку електростатски филтер.

„Од старата депонија, отстранетата сува пепел која се складирала од електростатскиот филтер, се разнесува во услови на ветер. Согласно Оперативниот план од Барањето за добивање А интегрирана еколошка дозвола, инсталирано е водено отстранување на пепелта од електростатскиот филтер, па смесата на мокра пепел и шљака од котелот на јаглен се отстранува на депонија/лагуна формирана во јама од рудникот. Преливните води од лагуната се испуштаат во реката Темница и притоа не се врши мерење на нивниот квалитет. На рудникот се отстранува и комунален отпад и отпадни гумени ленти од транспортерите за јаглен. Санитарните и технолошките отпадни води се пречистуваат, но капацитетот на пречистителната станица не задоволува. Од 2016 година не се обновени договорите со лиценцирани компании за постапување со посебни текови на отпад, а постапувањето со отпадни масла не е сооодветно. Исто така, хемикалиите за припрема на вода не се чуваат безбедно“, се наведува во извештајот од надзорот.

Поради овие пропусти, РЕК Осломеј ќе се задолжи емисиите на прашина да ги доведе во рамките на граничните вредности, да изврши мерења на преливните води од депонијата за пепел и шљака и да склучи договори со лиценцирани компании за постапување со отпад.

„Потоа, мора да ги подобри условите за складирање на отпадни масла и хемикалии и да се отстрани комуналниот отпад и отпадот од бескрајните гумени ленти за транспорт на јагленот. Санацијата на старата депонија за пепел и проширувањето, односно реконструкцијата на пречистителната станица, бараат поголеми финансиски средства и за спроведување на овие мерки ќе биде неопходно да се утврдат реалистични рокови“, сметаат од Државниот инспекторат.

Инсталацијата од 2007 година има доставено барање за А интегрирана еколошка дозвола, но уште не ја добила. Домашни и странски истражувања, а сега и Државниот инспекторат за животна средина, потврдуваат дека РЕК Осломеј е голем загадувач.

Тие истакнуваат дека термоцентралата мора да се услогласи со законски утврдените стандарди за заштита на животната средина, така што државата ќе вложува средства за намалување на загадувањето.

Извор: Радио МОФ

 

ОкоБоли главаВицФото