Куси-куси книжевни критики (4)

11.02.2021 15:19
Куси-куси книжевни критики (4)

Шест куси-куси критики за понови графички новели на македонски.

„Уметноста на летањето“ од Антонио Алтариба и Ким (издавач: Бункер)

Антонио Алтариба Лопе имаше немирен дух. Неговото мало село не му беше доволно, па замина во потрага по нови авантури. Како птица која се ослободува од кафез и полетува. Не се врати назад во Пењафлор. Посведочи за рецесијата и депресијата од триесеттите, граѓанската војна во Шпанија, окупацијата на Франција, животот под Франко и на крај заврши во старечки дом. Но, се спротиви и на таквиот крај па одлучи да полета. Одново. Една интимна приказна, еден динамичен живот од деведесет години раскажан сликовито на 230 страници. Неодамна се појави и на македонски јазик во издание на стрип книжарницата „Бункер“.

„Во Италија сите се мажи“ од Лука де Сантис и Сара Колаоне (издавач: Бункер)

Сан Доминио деле Тремити не беше обичен остров. Таму се носеа посебни патници. Не туристи. Хомосексуалци. Жигосани. Да се сокријат што поделку од „чистата“ држава на Мусолини. Приказна која се криела со децении. Срамен сегмент од минатото кој е конечно раскажан, во стрип. Антонио Анџеликола, или Нинела, еден од тие принудни затвореници, островјани, се навраќа на тие години, раскажувајќи пред камерата на двајца млади истражувачи. Интимна исповест на еден од последните преживеани. Процес зад затворени врати, депортација по кратка постапка. Дел од тие доживувања, од луѓето, се пренесени во оваа приказна на 170 страници, во издание на стрип книжарницата „Бункер“.


„Зенобиа“ од Дур и Хорнеман (издавач: Темплум)

Овде е големо и празно. Овде никој не може да ме најде. Криенка... Срцепарателна приказна видена низ очите на едно мало девојче. Потресно сведоштво за ужасот на војните, за уништените животи, семејства, за прекинатото детство. Елегија за Сирија. Еден специфичен стрип, со повеќе визуелна нарација, без многу зборови. Тие и не се потребни во случајов. Гледајќи ги кадрите, читателот ја разбира агонијата, патењето. Приказна за милиони вакви страдалници, деца, кои се принудени да тргнат на долг пат, да избегаат од својата татковина, бидејќи тука е сè уништено. Мртво. Но патот не секогаш е безбеден. Често се случуваат трагедии.

 

„Македонија: како да се спречи војна“ од Харви Пикар, Хедер Роберсон и Ед Пискор (издавач Темплум)

Малку кој се надеваше дека големиот американски автор Харви Пикар ќе направи стрип за нашата земја. Поттикнат од Џо Сако и неговите визуелни репортажи од Босна и Херцеговина, во соработка со Хедер Роберсон прави сценарио за еден момент од поновата македонска историја – конфликтот на преминот на новиот милениум. Приказна во која се пренесени сите предрасуди, од двете страни, во која се начнати причините, но и последиците од конфликтот. Прикажани се овдешните навики, корупција. Наративно и цртачки можеби не е на рамништето на Сако, но веројатно добар документ за дел од нашата историја. Македонското издание е подготвено од „Темплум“.


„Маус“ од Арт Спигелман (издавач Темплум)

Иако сведоштвата за Холокаустот се честа тема во литературата и филмот, веројатно никој претходно на протагонистите не им дал антропоморфни карактеристики. Се чини, тоа е највпечатлив аспект на овој стрип. Интензивирање на дејството преку метафори. Бидејќи Евреите биле оквалификувани како глувци од страна на нацистичката пропаганда. Затоа тие, мачките, треба да ги ловат. Полјаците се свињи, Американците кучиња. Едно обемно сведоштво за голготата на семејството на авторот, пренесено на визуелен начин, преку стрип, бидејќи таа форма била најсоодветна за авторот. Цртачкиот стил е специфичен, но сосема прикладен за оваа приказна. Интегралното издание се појави и на македонски јазик, во едицијата „Лифт“.

 

„Сини пилули“ од Фредерик Петерс (издавач: Темплум

Стрипот го опишува предизвикот на поврзаност во специфични услови, како може љубовта да биде посилна од сите препреки, колку е некој упорен да го зачува она што го сака, и покрај многуте потенцијални опасности. Oбични протагонисти, кои живеат навидум нормален живот, нечии соседи, пријатели. Кои водат долги разговори во ноќта, со многу прашања, по некој одговор. Приказна со многу емоции, стравови, мечтаења, смеа и плачење. Илустриран дневник, на еден дел од животот. Некои луѓе не се откажуваат, не ги слушаат „советитe“ на јавноста, на околината. Живеат по свое. За среќа се потребни двајца, „и торба полна со мали сини пилули“.

Илустрациите се од графичкиот роман „Сини пилули“ (Темплум, 2017)

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип / Теорија
Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип
Квир / Книжевност / Стрип
Книжевност / Стрип / Уметност

ОкоБоли главаВицФото