1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Овие недели и месеци, кога милиони луѓе се вакцинираат против коронавирусот и кога, како што изгледа, наскоро пандемијата ќе заврши, научниците истражуваат како би можел да изгледа светот по вакцината. А нивните заклучоци делуваат прилично утешно.
Вирусот ќе остане да постои, но во моментот кога мнозинството возрасни луѓе ќе биде имуно, без разлика дали како последица на природна инфекција или вакцинација – коронавирусот веќе нема да претставува проблем поголен од обична настинка, се вели во истражувањето објавено во списанието „Science”, во средината на јануари годинава.
Вирусот сега претставува закана затоа што се работи за необичен патоген што може да го победи имунолошкиот систем на возрасен човек, ненаучен да се бори против него. Ова нема да биде случај кога секој ќе биде изложен на вирус или вакцина.Децата се постојано на удар на патогените кои се нови за нивните тела и тоа е една од причините што многу подобро му се спротивставуваат на коронавирусот.
Како одминува времето, вели оваа студија, вирусот ќе биде проблем само за деца под петгодишна возраст и ќе ги измачува само со обична настинка или воопшто нема да имаат симптоми. Со други зборови, коронавирусот ќе стане „ендемичен“, патоген што циркулира во пониски нивоа и кој ретко предизвикува посериозно заболување.
„Одговорот на прашањето колку брзо можеме да ја достигнеме оваа ендемска состојба зависи од тоа колку брзо се шири болеста и колку брзо вакцините ќе станат достапни“, вели Џени Лавин, постдокторски соработник на Универзитетот Емори во Атланта, која го водела истражувањето. „Значи, главната работа е што е можно побрзо на секој да му е овозможи вакцина“.
Доктор Лавин и нејзините колеги проучувале шест други човечки коронавируси – четири кои предизвикуваат обична настинка, како и вирусите SARS и MERS, за да ги дознаат тајните на новиот патоген. Првите четири коронавируси се ендемски и доведуваат до благи симптоми. SARS и MERS кои се појавија во 2003 година, односно во 2012 година, предизвикуваа сериозни заболувања, но не се ширеа толку брзо. Хипотезата на Лавин и нејзините колеги е дека иако сите овие вируси доведуваат до сличен одговор на имуниот систем, новиот вирус е најмногу сличен на ендемските коронавируси што предизвикуваат кивавица.
Со повторната анализа на податоците од едно претходно истражување, тимот на Лавин утврдил дека првите инфекции предизвикани од обичниот коронавирус се случуваат, во просек, на возраст од три до пет години. По овој период, луѓето можат повторно да се инфицираат и тоа многу пати и тоа само го зајакнува нивниот имунитет, иако го остава вирусот во циркулација. Но не се разболуваат.
Истражувачите предвидуваат сличен пат и за новиот коронавирус. Без вакцината, цената на стекнувањето имунитет на целото население би била многу болни и починати. Вакцините целосно ја менуваат таа прогноза. Ефективната вакцинација може да значи дека најмногу за една година, а можеби дури и за само шест месеци, коронавирусот ќе стане само ендемична инфекција.
Тоа не значи дека вакцините целосно ќе го искоренат коронавирусот. Тој ќе стане постојан но многу побенигнен и ќе се наоѓа насекаде во нашето опкружување, објаснува др. Џени Лавин.
„Се согласувам со целокупната интелектуална конструкција на овој труд“, вели Шејн Кроти, вирусолог од Институтот за имунологија Ла Џола во Калифорнија. Ако вакцините спречуваат пренесување, „ова изгледа како сценарио слично на сипаниците, каде ги вакцинирате сите, вклучително и децата, а потоа вирусот очигледно не може да ги зарази луѓето“. Многу е поизвесно дека вакцините сепак ќе ја спречат болеста, но не и заразувањето и пренесувањето, додава тој. Тоа значи дека коронавирусот и натаму ќе циркулира.
Целиот модел на др. Џени Лавин почива врз претпоставката дека новиот коронавирус е сличен на оние што предизвиуваат настинка. Но можно е да не е така., предупредува Марк Липсич, епидемиолог од Школата за јавно здравје на Харвард. Второто сценарио е овој вирус да наликува на сезонскиот грип, кој кај некои луѓе има многу благи симптоми, но понекогаш е смртоносен. Новите варијанти на коронавирусот, исто така би можеле да ја искомплицираат оваа слика. „Би можел да се обложам на нивното предвидувањето и да вложам многу пари, но не сум сигурен дека е тоа гарантирано“, вели др. Липсич.
Не е јасно како воопшто се појавиле првите коронавируси кои предизвикуваат настинки, но откако ги запознавме новите вируси, некои научници се вратија на теоријата дека пандемијата од 1890 година, во која животот го изгубиле околу еден милион луѓе, може да е предизвикана од ОЦ- 43, еден од „обичните“ коронавируси.
„Постои теорија дека човечката популација развила широк имунитет на OЦ-43, со што се завршила пандемијата“, вели Андре Веилети, имунолог од Институтот за клинички истражувања во Монтреал, Канада. „Овој коронавирус сè уште циркулира во заедницата, но на прилично мирен начин.
Извор: The New York Times