Емоционалната инфраструктура е политичко прашање

12.02.2021 01:32
Емоционалната инфраструктура е политичко прашање

Во „сериозната“ политика емоциите немаат баш поволен статус. Се сметаат за легитимни само во своевидна дополнителна улога. Соодветни се како асортиман на сеќавањата на претходни политички настани и епизоди. Тие се неизоставен дел од комеморациите или прославите кои се градбено ткиво на одредени политички заедници. Инаку се сметаат за пречка во одвивањето на рационалните политики, дистракции кои нè оневозможуваат да ги следиме пазарните сигнали или институционалните барања.

Од друга страна, пак, во форма на некаков вид одговор на „тиранијата“ на анонимните политички сили, новите таканаречени популистички трендови во емоциите гледаат „автентична“ политичка реакција која често се изедначува со волјата на народот како таква. Во тој контекст емоциите претставуваат непосреден и демократски политички израз кој ја заобиколува таинственоста на бриселските ходници и софтверите на берзите. Тие се третираат како искрена молба на оние кои се заобиколуваат во процесот на донесување политички одлуки. Таа молба често се отелотворува во ликот на авторитариот водач кој наводно ја поседуваа таа моќ да ги канализира емоциите во политичко дејствување.

Покрај оваа „методолошка“ поделба на улогата на емоциите во нашите политички животи, тие секако се присутни и на поприземното, секојдневно ниво, но тука главно им се негира статусот на политичко прашање. Додуша, пандемијата и локдауните ги доведоа емотивните животи на листата со политички приоритети, но засега остануваат адресирани исклучиво како прашање за стручњаците кои ни ги толкуваат трендовите и ни даваат совети. Нашите емотивни вртлози сосема ретко се доведуваат во врска со пошироките, економски и политички рамки и во тие контексти претставуваат извори на проблемите кои ни ги претставуваат.

Уште и пред појавата на кобниот вирус во светскиот печат кружеа истражувања за сè поизразени чувства на осаменост ширум западниот свет. Ограничувањата на движењето и комуникациите само дополнително го интензивираа тој тренд. Секако, постојат одредени методолошки проблеми во „мерењето“ на осаменоста и споредбите со претходните периоди, но истражувањата се немилосрдни. Тие се прегледно изложени во неодамнешната книга на реномираната економистка Норина Херц, „Осамениот век“ и дефинитивно упатуваат на политички проблем. На статусот на проблемот може да му се приговори и со тврдењето дека се работи за „проблем од првиот свет“, дека тоа се приговори на западњаците, а не на луѓето во сламовите од глобалниот југ кои ја немаат таа „класна привилегија“ да бидат осамени.

Иако тој сегмент од глобалната популација главно не е вклучен во истражувањата, добиените резултати сепак се спротивставуваат на нивното постоење како причина за елиминација на проблемот. Иако самците многу се застапени меѓу оние кои тешко се соочуваат со проблемите на осаменоста, таа е многу застапена и кај луѓето кои живеат во бракови и поголеми семејства и не претставуваат „вообичаено осомничени“. Напротив, осаменоста во голема мера произлегува од губењето на работата или некој сличен облик на исклученост од пошироката општествена заедница. Со други зборови, проблемот не се создаде од премногу достапно време за рефлексија за смислата на животот и не се укажа како таков зашто академиците и угледните новинарски коментатори ги универзализираа своите среднокласни анксиозности и ги претставија како глобален проблем, што инаку и не е толку редок случај.

Стари барања

Меѓутоа, тоа не значи дека тие не ни нудат и драгоцени согледувања на кои би можеле да се потпреме при обидите за политичко адресирање на проблемот со осаменоста и емотивниот товар кој оди со тоа. Неодамна, на страниците на Фајненшл Тајмс нивната новинарка и колумнистка Клер Буши во мошне инспиративниот текст со наслов „Јас и осаменоста“ великодушно ги сподели личните проблеми со осаменоста. Освен што ја изложи личната приказна која е специфична, понуди цела низа минуциозни забелешки за природата на социјалните, пријателските и интимните односи кои ги генерира осаменоста и емотивните расчекори со кои е тешко да се соочи. Притоа го употреби и изразот кој на осаменоста и емоциите им го дава неопходниот општествен призвук: емоционална инфраструктура.

Таа повеќе го употреби во дистинкцијата помеѓу луѓето кои ни се попатни во животите и оние кои ни се неопходни, но нејзината дополнителна рефлексија за општествените услови кои ја создаваат таа разлика овозможува и „подлабоко“ користење на поимот. Како што ни се нужни логистичката и социјалната инфраструктура за да водиме достоинствен живот, така нужна е и емотивната. Таа подразбира блиски и здрави односи на интимен и социјален план и различни облици поддршка. Постоењето таква инфраструктура никако не е гаранција за изостанок на емотивни проблеми, но секако е предуслов за нивно решавање. И тука не зборуваме само за маргинализираните и шиканираните членови на општеството, туку за општата популација. И таа не ги исклучува сите нијанси на емоционалното созревање и интелигенцијата туку на сите им пружа прилика да можат да работат на овие облици на сопствениот развој, сами и со другите.

Секако дека за оваа инфраструктура се потребни и стручни кадри и прилагоден образовен систем, но нејзината основа ја сочинуваат два фундаментални односи: работниот и семејниот. Постои цела маса луѓе кои во нуклеусното и поширокото семејство наоѓаат утеха и емотивна поддршка, но постои и голем број луѓе, како што истакнува Буши, на кои моменталата „тиранија“ на бракот/врската и таквиот вид интимен однос едноставно не им одговара. И тука не се работи за таканаречените идентитетски прашања. Како пример, од историски примери, Буши наведува поинакви организации на интимниот живот и домувањето кои не биле никаков авантуризам или ескапизам, туку одговор на емотивните и социјалните потреби. Како општество едноставно мораме правно, политички и материјално да овозможиме различни типови заедници кои на луѓето ќе можат да им одговорат на различните облици емотивни и интимни потреби. Мораме да им овозможиме емотивна инфраструктура. Наметнувањето ист калап на шареноликиот асортиман потреби и желби нужно генерира осаменост и емотивни проблеми. Понудата со поинакви калапи не гарантира емоционален „мир во светот“, но на сите им нуди еднакви можности за да се соочат со таквите предизвици.

Покрај промените во организацијата на животот во слободното време, неопходна е промена и организација на работата и работните односи. Повеќето луѓе се принудени да ја продаваат работната сила за да преживеат и во период во кој својата работна сила ја продаваат - во работно време - подложна е на диктатот на шефовите и менаџерите. Како што гласи старата марксистичка парола, демократијата престанува на вратите на фабриките. Или на канцелариите, кафулињата и фитнес центрите. Луѓето во тој период немаат автономија над сопственото тело и сопствените одлуки. Стресот и исцрпувачката работа несомнено оставаат големи емотивни последици. А покрај тоа присутен е и стресот од губењето на работата. За да се овозможат предуслови за одржлив емотивен живот неопходна е промена на односите на работните места кои се интегрален дел од емоционалната инфраструктура. А таквата промена пред се бара намалување на работното време и демократизација на работното место.

Емоционалната инфраструктура е политичко прашање на кое не му се потреби нови политички барања. Наброените со векови се дел од политичките движења за ослободување. Само треба да им се даде таа дополнителна димензија и на емоциите да им се овозможи правото на политички живот. Зашто, како што кажа покојниот играч на Хајдук, Ивица Хлевњак Букле: „Емоциите се заебани.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Sanna Gossy

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото