На денешен ден е роден Василие Поповиќ - Цицо

12.02.2021 11:43
На денешен ден е роден Василие Поповиќ - Цицо

На денешен ден, 12 февруари 1914 година во Скадар е роден истакнатиот македонски уметник од црногорско потекло Василие Поповиќ - Цицо.

Бил ислучително плоден и разновиден творец кој оставил значајна трага во многу области на визуелната култура и уметност: карикатура, сценографија, илустрација, дизајн...

Се школувал во Белград, а целиот свој творечки живот го поминал во Скопје. Учел во тогашната Уметничка школа во Белград (подоцна Уметничка академија) кај истакнати професори, познати српски сликари Иван Радовиќ, Љуба Ивановиќ и други.

Раните дела на Цицо се врзуваат за областа на карикатурата, а според квалитетот и квантитетот на овие трудови во литературата е означен и како хроничар на своето време.

Нему му се припишува и основоположничката улога на сценографиите во Народниот театар во Скопје (МНТ) што исто така зазема значајно место во неговиот севкупен творечки опус.

Автор е на првото ликовно решение на македонскиот државен грб.

Во контекст на денешната култура, кога графичкиот дизајн е базичен чинител во визуелната култура воопшто, делото на Поповиќ се исчитува, сублимира и контекстуализира во рамките на ликовната уметност од втората половина на 20 век.

Меѓу другото, тој е автор на илустрациите на првите буквари на македонски јазик, како и на првиот грб-симбол на градот Скопје со што значително влијаел на обликувањето на визуелниот идентитет на македонската држава.

Продукцијата на Василие Поповиќ - Цицо во областа на графичкиот дизајн е огромна, а опремувал и илустрирал книги со различна тематика - од популарни романи и ангажирана литература до учебници. Во рамките на нивната реализација ги користел естетските искуства на реализмот, кубизмот, поп-артот и конструктивизмот.

Целокупниот творечки опус на Поповиќ се карактеризира со исклучителен талент на цртач, вонреден психолошки пристап и очигледна емоционална интелигенција во физиономиите на прикажаните ликови (посебно во карикатурата), како и во идејните решенија на композицијата (во графичкиот дизајн, илустрациите и сценографијата).

Василие Поповиќ - Цицо починал во Скопје, 1962 година.

Карикатури

Филм за Цицо

 

 

 

Слични содржини

Свет / Култура / Теорија / Историја
Стрип / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Графички Дизајн / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото