Пирови победи на патот за Европа

12.02.2021 11:57
Пирови победи на патот за Европа

 

Во едицијата „Градот“ се појави нова книга, под реден број 21: „Пирови победи на патот за Европа (текстови од скорешниот заборав, 2016-2019)“ од Мирослав Грчев. Ова е негова трета книга во едицијата, после „Името на злото“ (2014) и „Фашизам во куси панталони“ (2017). Во новата книга на 435 страници се собрани стотина колумни пишувани од 2016 до 2019 година.

Книгата може да се нарача преку издавачот Темплум (на Фејсбук или и-мејл) и да се купи во неколку скопски книжарници.

Во продолжение го пренесуваме Воведот во книгата.

 

НАМЕСТО ВОВЕД

Повеќе од четири илјади деноноќија македонското општество трпеше порази од мафијашката партија-држава на ВМРО. Оваа епска трагедија го испразни нашево напатено земјиче од неговите најважни и бесценети блага: од младината што избега од земјата, од културата на солидарност и соживот, од моралните вредности, самопочитта и самоспознавањето, дури и од надежта за каква и да е посакувана иднина. Материјалните траги од овие порази денес како отворени гнојни рани ни го дефинираат идентитетот и секојдневието. Нашата престолнина стана светски позната депонија на најгротескниот архитектонско-скулпторален кич од кој еманира свежа реа на вмровскиот фашизам. Ние, некогашните поданици на „заробената држава“, со чиишто пари е изградено ова чудовиште, го носиме „Скопје 2014“ како личен белег со кој и целиот свет и ние самите се препознаваме како нација на кретени, што не е способна да го сочува ниту својот идентитет и културно наследство, ниту сопствената историја, а ниту да обезбеди консензус околу основните факти за своето постоење. И, конечно но не и последно, земјата е сурово ограбена од мафијата на ВМРО, а институциите на државата се сеуште потполно декапацитирани и дисфункционални.

Сепак, со здружени граѓански и политички сили и со значителна помош од нашите пријатели од странство, успеавме да оствариме изборна победа над режимот, тенко парламентарно мнозинство и нова извршна власт, што почна да реди и други победи над огромното метастазирано мафијашко-партиско чудовиште на ВМРО. Најголемата победа на новата власт беше неочекуваното и запрепастувачки елегантно и брзо решавање на заложничката криза што ни ги затвораше вратите во евроатлантските интеграции. За сите овие победи таа плаќаше висока цена, зашто власта ја презема под услови што од самиот почеток се покажаа како неодржливи: услови кои диктираа потреба злосторничката партија да се третира како легална опозиција, во државната администрација да не се замени ниту еден државен службеник, да не се „дразни“ вмровски ориентираното население со расчистувањето на архитектонските фекалии од центарот на престолнината, да не се направи генерален реизбор на судии и  обвинители и да се одржува правниот и фискалниот континуитет по сите бразди што ги заора претходниот криминален режим.

Затоа, сите овие победи што ги нанижавме во битката со вмровското зло, до тегобност несопирливо ме потсеќаат на веќе пословичните Пирови победи пред 23 века. Кралот Пир од Епир, успеал да влезе во историјата славно победувајќи во две битки против Римјаните, во битката на Аскулум во 279 п.н.е. и една година подоцна, во битката кај Хераклеа. Но, историјата не го памети Пир поради победите над тогаш растечката римска воена моќ, туку поради зборовите што ги изговорил по победите. Според Плутарх, тие зборови биле: „Ако ги победиме Римјаните во уште една битка, ќе бидеме потполно уништени.“

Пир всушност ја коментирал огромната цена што ја платила неговата армија за добиените битки, па Пировата победа за сите времиња стана синоним за победа која повеќе личи на пораз, зашто според жртвите што се дадени за неа, безмалку не се разликува од него.

Цената што Македонија ја плаќа на ВМРО веќе сега ги претвора во Пирови победи сите досегашни, а безбели и идни нејзини победи на патот кон геополитичката безбедност и безусловното меѓународно признавање. Зашто, самата политика на континуитет и признавањето на ВМРО-ДПМНЕ за легална партија и активна опозиција, практично значи комплетна амнестија на злосторничката партија за сите злостори што ги сторила кога се поистоветила со народот и државата, ги заробила и злоупотребила, и потем ги ограбила и уништила. Општата амнестија што е безгласно но безусловно прогласена над целото ова злосторничко здружување, ги поништува и суштински и практично сите можни победи на патот кон Европа.

Претходните редови, почитувани читатели - со мали измени се разбира - ги напишав во колумна насловена „Пирови победи на патот во Европа“ што беше печатена во „Слободен печат“ на 20 октомври 2018 година, па не знам точно зошто, но ми дојде да ви ја подметнам денес, две години подоцна, наместо вовед во читањето на овие текстови, извадени од темните и непроѕирни води на скорешниот заборав и собрани на купче под истиот наслов.

 

Скопје, декември 2020

Цртеж: Мирослав Грчев

Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Уживање / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото