Зошто жените се позагрозени од климатските промени од мажите?

15.02.2021 02:02
Зошто жените се позагрозени од климатските промени од мажите?

На различни начини, од екстремните временски настани до зголеменото ширење заразни болести, климатските промени имаат огромно влијание на здравјето на луѓето ширум светот.

Влијанието на климатските промени не се чувствува подеднакво во различни подрачја. Впрочем, сè поголем број истражувања укажуваат дека жителите од најсиромашните краеви од светот исто така се најчувствителни на влијанијата на климатските промени во однос на здравјето, но и дека најмалку е веројатно дека ќе можат да им се прилагодат.

Меѓутоа, не е само сиромаштијата фактор кој одлучува како луѓето ќе им се прилагодат на климатските промени, туку студиите покажуваат дека важен е и полот на личноста. Впрочем, климатските промени може да имаат различни влијанија на здравјето на мажите и жените, со тоа што жените се почувствителни на нив.

Климатските промени го загрозуваат здравјето на жените, како во време на мир така и во време на конфликти, покажуваат податоците на американскиот Национален институт за здравје.

Жените почесто се соочуваат со здравствени ризици

Анализата на 130 различни студии открива дека жените и девојките во поголем број случаи се соочуваат со посериозни последици по здравјето заради климатските промени, во споредба со мажите и момчињата, кај кои овој ризик е значително помал.

Дури 68 проценти, односно 89 од 130 студии покажаа дека жените почесто се погодени од влијанијата врз здравјето поврзани со климатските промени отколку мажите.

Истражувањата покажуваат дека веројатноста дека жените и девојките ќе го загубат животот заради големи жештини во Франција, Кина и Индија или во тропските циклони во Бангладеш и Филипини, е поголема отколку што тоа е случај со припадниците на машкиот пол.

Во многу светски региони жените почесто од мажите се изложени на притисоци, партнерско насилство и неможност за набавување храна за време на екстремни временски прилики.

Денес во светот сè почести, но и поинтензивни се екстремните настани, кои се создаваат како последица на климатските промени. Во 53 различни студии испитувано е влијанието на ваквите настани врз здравјето на мажите и жените, а дури две третини од овие истражувања покажаа дека жените почесто доживуваат посериозни повреди од мажите.

Податоците кои ги наведовме досега укажуваат дека жените, доколку интензитетот на последиците на климатските промени уште повеќе се зголеми, ќе имаат поголем проблем да се изборат со сите негативни последици.

И во Србија е забележано поголемо влијание на климатските промени врз здравјето на жените отколку на мажите, и за време на топлинскиот бран помеѓу 16 и 24 јули 2007 година, стапката на смртност кај постарите лица е зголемена дури за 76 проценти во однос на просечната стапка на смртност, а морталитетот кај жените бил двапати поголем од оној на мажите.

Начинот на живот во загрозените региони претставува дополнителен ризик за жените

Во посиромашните делови од светот, кои потешко се погодени од климатските промени, жените често се грижат за домаќинството, децата, но и набавуваат вода и храна кои се потребни за извршување на секојдневните активности.

При одење до најблискиот извор со вода, тие поминуваат и до неколку километри. Меѓутоа, со сè почестите и подолготрајни суши тој пат се зголемува дополнително, зашто некои извори пресушуваат, а и условите за пешачење стануваат исклучително тешки, особено со товарот што го носат.

Природните катастрофи и зголемувањето на салинитетот на реките заради зголемувањето на нивото на морињата влијаат на дополнително влошување на квалитетот на водата. На пример, жените во делови од Индија и Бангладеш се соочени со здравствени и економски проблеми зашто реките стануваат посолени, со што доаѓа до недостаток на вода која може да се користи во исхраната.

Изворите на вода исчезнуваат, нејзиниот квалитет е сè полош, а жените заради овие неповолности имаат дополнителен проблем да извршуваат активности како готвење, чистење и грижа за децата, активности кои во руралните делови од светот се нивни главни обврски.

Меѓутоа, тоа не е најголемиот проблем со кој се соочуваат. Заради климатските промени, намалувањето на ресурсите, земјиштето станува сè помалку плодно, заради што се зголемува родово заснованото насилство и експлоатацијата на жените, покажуваат податоците на Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН).

Климатските бегалци се изложени на дополнителни проблеми. Впрочем, кога девојките и жените се раселени, тие често не се во можност да го продолжат школувањето и да овозможат финансиска самостојност. Девојките бегалци имаат помала веројатност дека ќе одат на училиште во однос на момчињата бегалци за 50 проценти.

Жените и девојките исто така се соочуваат со поголеми стапки детски бракови, насилство во семејството, сексуално насилство и трговија со луѓе заради климатските промени.

Се проценува дека во Малави последиците од климатските промени би можеле да доведат до 1,5 милиони нови детски невести во наредните години. Исто така, податоците од Австралија покажуваат дека степенот на семејно насилство се зголемува после шумските пожари, кои последниве години станаа поинтензивни и подолготрајни.

Долг е патот до постигнување решение

Постигнувањето решение не е лесно од многу причини, пред сè заради поголемата веројатност дека жените ќе живеат во сиромаштија од мажите, но и заради тоа што тие во помал број ги уживаат основните човекови права, како можноста слободно да се движат и да стекнуваат земја, а заради сето тоа се соочуваат со системско насилство кое дополнително ескалира за време на нестабилноста.

Ваквите проблеми се препознаени во меѓународната заедница, но заради разни фактори, меѓу кои се економските и културолошките, мошне е тешко да се подобри изложеноста на жените на ризици заради климатските промени.

„Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) откри дека родовите нееднаквости дополнително се нагласуваат во допир со опасностите поврзани со климата, а тие резултираат со поголемо оптоварување на жените, професионални опасности во затворено и на отворено, психолошки и емоционален стрес и поголем морталитет во споредба со мажите“, објасни Верона Колантес, меѓувладин специјалист на UN Women, за Global Citizen.

Препознавајќи го родово нееднаквото влијание на климатските промени, дури и во Парискиот договор се втакени посебни одредби со кои се обезбедува жените да добијат дополнителна поддршка во соочувањето со опасностите од климатските промени.

Иако климатските промени несразмерно повеќе ги погодуваат жените, тие ги доведоа и до тоа да ги фатат полугите на моќта во момент на длабока несигурност и во склад со искуствата да ги подобрат правилата во општествата во моменти кога системите на моќта и економијата станаа немоќни.

Климатските активистки како Грета Тунберг и Ванеса Накате помогнаа да се прошири глобалното економско движење и денес во речиси сите делови од светот можеме да сведочиме за различни облици на борба за почиста иднина на планетата.

Исто така, и жените кои се светски лидери како Кристијана Фигерес значително помогнаа да се постигне напредок во институционална смисла во борбата со климатските промени. Конкретно, Фигерес беше една од најзаслужните лидерки кои влијаеја на донесувањето на Парискиот договор.

Не е занемарливо ни влијанието на жените кои се борат против климатските промени во своите локални заедници и жените во земјите како Кенија и Индија кои ги трансформираат своите заедници кон позелена иднина.

Во денешно време жените сè уште се многу поподложни на негативното влијание на климатските промени отколку мажите. Како што наведовме, причините за тоа се многубројни, а патот до решението не е лесен. Меѓутоа, гласот на жените денес се слуша погласно од кога било, што во иднина може да биде поттик за намалување на изложеноста на жените на последиците од климатските промени.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Michelle Kingdom

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото