Коронавирусот се ширел и мутирал во Кина и пред декември 2019 година

15.02.2021 14:17
Коронавирусот се ширел и мутирал во Кина и пред декември 2019 година

Епидемијата на новиот коронавирус во Вухан била многу пошироко распространета во декември 2019 година отколку што тоа се претпоставувало и било објавено, тврди водачот на експертскиот тим на Светската здравствена организација што пристигна во истражувачка мисија во овој кинески град.

Експертите ги отфрлаат како речиси неверојатни тврдењата дека вирусот бил „произведен“ во лабораторија, но бараат од Пекинг итно да им дозволи пристап до стотиците илјади примероци од крв од жители на Вухан во периодот на избувнувањето на пандемијата, за да може прецизно да се разбере ширењето на епидемијата во раната фаза.

Данскиот специјалист за безбедност на храна Петер Карим Бен Ембарек во интервју за телевизијата Си-ен-ен вели дека неговата екипа во Вухан открила неколку докази дека во декември 2019 година во градот веќе биле распространети 13 различни типа на новиот коронавирус, еден месец пред првата официјална жртва и пред преземањето радикални мерки против ширење на заразата.

Данскиот експерт предводеше мисија од 17 научници од СЗО и на уште толку кинески. Тие добиле податоци за 174 случаи на коронавирус во регионот на Вухан. Од нив 100 биле потврдени со лабораториски тестирања, а другите со клинички дијагнози на симптомите на пациентите. Ембарек смета дека овие бројки укажуваат дека веќе во средината на месецот во Вухан биле заразени повеќе од 1.000 луѓе.

„Не сме направиле прецизни модели, но грубо знаеме дека од заразената популација 15 отсто развиваат изразени симптоми, а мнозинството се лесни случаи без симптоми“, вели Ембарек.

Генетски промени

Експертите од СЗО биле запознаени и со парцијалните генетски примероци од првите случаи, со чија анализа изолирале 13 различни генетски секвенци на САРС-Ков-2. Ако експертите добијат пристап до поголема база на примероци од Кина во текот на 2019 година, сметаат дека би можеле да направат прецизна карта и временска рамка на ширењето на вирусот пред официјалното објавување на пандемијата.

Пазар во Вухан

Промените во генетскиот код на вирусите се вообичаени кога заразата се шири од човек на човек или од животно на животно и претежно не безопасни. Но, присуството на толку многу мутации за Ембарек е доказ дека вирусот циркулирал многу подолго отколку што досега се претпоставувало, веројатно повеќе од еден месец.

Професорот Едвард Холмс од Универзитетот во Сиднеј, кој го проучувал потеклото на вирусот, смета дека е потребно време за да се расчленат 13 различни типови на вирусот.

„Овие податоци се совпаѓаат со другите анализи, во кои се истакнува дека вирусот се појавил меѓу луѓето порано од декември 2019 година и дека имало период на ширење на заразата пред да бидат евидентирани првите случаи“, вели професорот Холмс.

СЗО бара повеќе податоци

Ембарек вели дека неговата мисија добила анализи што кинески научници ги направиле на примероци од 92 пациенти што имале симптоми слични на ковид-19 во октомври и во ноември 2019 година. Тимот на СЗО побарал пациентите да бидат повторно тестирани за присуство на антитела. Сите 67 што се согласиле имале негативни тестови на присуство на ковид-19. Данскиот експерт забележува и дека овие 92 случаи не се појавиле во кластер, како што е вообичаено за ширење заразна болест, туку се локациски и временски неповрзани.

Експертите имале можност да разговараат со првиот пациент регистриран во Кина – неименуван средовечен службеник од Вухан, кој се јавил на лекар на 8 декември 2019 година, а претходно не патувал надвор од градот.

„Разговаравме со мажот. Тој работел во канцеларија во приватна фирма и немал обичај да оди на излети надвор од градот“, вели Ембарек. Тој додава дека „првиот пациент“ немал никаква врска со пазарите за кои се смета дека биле извор на заразата и дека вирусот „скокнал“ од животно на човек.

Пристигнување на тимот на СЗО во Вухан

Кина засега одбива да ги сподели податоците од месеците пред декември 2019 година, но ветува целосна соработка со Светската здравствена организација.

Ембарек се надева дека со својот тим ќе може наскоро да се врати во Кина за да ги испита биолошките примероци што претходниот пат не им биле достапни, особено на примероците од крводарители во изминатите две години.

„Постојат околу 200.000 примероци што може да бидат користени за нов сет од истражувања. Би било фантастично ако добиеме пристап до нив“, вели лидерот на експертскиот тим.

Професор Вотсон: Мисијата ќе трае со месеци

И британскиот професор Џон Вотсон, член на тимот, се надева дека првата посета на Вухан била само почеток и дека истражувањата ќе продолжат, со пристап до повеќе примероци и податоци. Професорот Вотсон смета дека целиот процес би можел да трае со месеци, па и со години, но и дека е многу важно да се открие како заразата се појавила и се ширела во раната фаза. Наспроти критиките до кинеските власти дека не им дозволиле на експертите од СЗО целосен увид во податоците за првите случаи, британскиот професор изрази задоволство од соработката со кинеските колеги, за кои истакна дека споделиле многу информации.

„За нив е невообичаено да предадат сурови податоци, но добивме пристап до многу детални информации и разговаравме отворено со кинеските колеги“, изјави Вотсон за Би-би-си.

Тој додава дека по првичната посета на Вухан не е променета претпоставката на СЗО дека вирусот се префрлил од животно на човек. Сѐ уште не се целосно отфрлени теориите дека заразата „истекла“ од лабораторија во Вухан или при транспорт на замрзната храна, но за него и за колегите овие теории се „екстремно неверојатни“.

Вухан официјално е местото на кое првпат се појавил новиот коронавирус, при крајот на 2019 година. Само неполн месец подоцна, заразата се прошири прво низ цела Кина, а потоа и низ светот, поради што Светската здравствена организација прогласи пандемија. Во изминатите 14 месеци се заразија 108 милиони луѓе од сите светски меридијани, а од ковид-19 починаа повеќе од 2,3 милиони луѓе.

Извор: Слободен печат