Правото на пристап е загарантирано уште од римско време

15.02.2021 14:38
Правото на пристап е загарантирано уште од римско време

  
  Сашо Блажевски – Сале е еден од ретките архитекти кои ги почитувам. Не зашто сме другари три децении, туку затоа што тој ги задржа суштинските атрибути на оваа професија: реален, човечен, конкретен, естетичен, прогресивен.

Сале е основач на студиото Low Tech Architects и предавач на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ, Скопје. Магистрирал на престижниот Технички универзитет во Делфт и докторирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Работи на проекти од различна природа и размер. Неговиот опус опфаќа домување, јавни згради, објекти од здравство. Неговото мото на работа е: архитектура во соодветен контекст.

Со Сале разговаравме на нашата вечна и мачна тема – пристапност.

Сале, живееме во исклучувачко и отфрлачко општество кое тешко учи да биде релационо, солидарно, взаемно, одговорно, совесно. Скопје е пример за град кој е непријателски расположен кон луѓето со попреченост во секоја можна смисла: високи, руинирани и узурпирани тротоари, улици со дупки и без звучна или визуелна сигнализација, болници и институции без рампи и лифтови, школи без адаптирани тоалети, непристапен јавен транспорт, продавници со скали. Ајде за почеток да го лоцираме проблемот со непристапноста. Дали е тој повеќе од човечка или финансиска т.е. техничка природа?

Ирена, ме прашуваш за основни човекови права. Едно од тие права е правото на премин, пристап. Тоа право е загарантирано уште во римската правна легислатива, независно дали се работи за пристап до нива, парцела или објект. Благодарение на тие закони во текот на историјата ќе се втемели урбанистичката легислатива и основната поделба на градежното земјиште: на приватно и земјиште за општа употреба. Во тој контекст, сите градови кои постојат, како и Скопје, се организирани и контролирани во процесите на планирање, градење и користење. Да, и јас имам чувство дека Скопје е непријателски расположен град, но се прашувам дали се работи за самиот град или за луѓето кои живеат во него?

Се плашам дека ние, луѓето, кои ги креираме градовите и сите физички структури, сме одговорни за нив. Па, во таа смисла, одговорни и за сите физички бариери со кои се среќаваме секојдневно. Сите примери кои ги споменуваш се тажна слика на недовршени работи. Недовршени во смисла како проекти на хартија, па потоа и во реализација и градба. Проблемот не би го барал во правни, финансиски или технички аспекти. Лично, сметам дека проблемот е од човечка природа. Се работи за незнаење, несериозност, површност и ниско ниво на едукација. Со еден збор, драга Ирена, ниско ниво на култура. Впрочем, сметам дека нивото на култура е основа и за начинот на користење на различни јавни површини или јавни добра. Соодветното ниво на култура и обрзование не подразбира паркирање моторни возила на површина за пешаци (тротоар). Се прашувам дали по таа логика автомобилот би го сместиле во спалната соба, а сопствениците на возилата би спиеле во двор?

Иако правото на пристапност на луѓето со попреченост е загарантирано со Конвенцијата на Обединетите нации чиј потписник е и Македонија, тоа овде зависи од креаторите на политиките и контекстите за општествена одговорност (поточно должност) кои се тотални аналфабети за проблематиката, луѓе кои немаат ниту знаење, ниту волја за опслужување на целата заедница.  Како ова да се смени? Како нештата кои нѐ засегаат до ургентност да ги преземат вистинските корифеи, да ги стават на маса, да ги планираат и решат? Има ли воопшто такви јунаци?

Правото на пристап, како што напоменав претходно е загарантирано одамна, но ете, биле потребни толку векови да се допрецизира или нагласи и од страна на Обединетите нации. Зошто? Најверојатно поради човековата алчност и себичност. Најверојатно поради човековата егоистичност и комплетната незаинтересираност за другото, туѓото, општото. Затоа што тоа не е лична сопственост. Имам впечаток дека од истиве мотиви се водат голем дел и од луѓето кои креираат политики и носат одлуки. Без да навлегувам во нивните компетенции (оти не знам кон кого, конкретно, се однесува твојата забелешка), можам само општо да констатирам дека од ден на ден, од година во година, еродираат квалитетите во урбаниот простор. Таа ерозија се случува исто како што се врши и планирањето и урбанизацијата – од поголем кон помал размер. Имено, кога ќе ускратат некои квалитети или права на ниво на урбанистичко планирање или обликување (дизајн) – тоа станува тренд и се рефлектира во сѐ помал размер; од заземање на тротоарите со угостителски инвентар до поставување разни столбчиња, жардињери и слично како „решение“ на некаков сообраќаен проблем.

Каква заблуда! Колку тажно недоразбирање. Ние, корисниците на јавниот простор сме доведени во ситуација меѓусебно да се кофронтираме и да се бориме за права кои по основна, здраворазумска логика и резон се неприкосновени и нема потреба да се разговара за нив. Правото да се движам по тротоар. Па, во тој контекст е и правото на сите луѓе кои се попречени да совладаат денивелација повисока од 5 цм или косина поголема од 10%.

Не знам како да се спречи овој тренд, Ирена. Тажен сум бидејќи веќе не сум сигурен во која мера нашата генерација ќе го остави светот, па и нашиот град подобар од она што го примил. Ќе се навратам повторно на нивото на култура и образование. Ако општеството и трендовите не слават наука, уметност, информации за достигнувања, успеси на млади луѓе, убавини, тогаш се негува агресивност, нетолеранција, насилие, шунд. Прво, константна едукација, култура и образование, па потоа да седнеме на маса, да разговараме и решаваме. Во спротивно, не се разбираме за што зборуваме.


Она што особено ме поразува и разочарува е и што новите, сега проектирани и градени јавни објекти ги имаат истите сериозни мани. Зборувам конкретно за Филхармонијата. Таму, да речеме, нема место за луѓе во колички. Бев еднаш на концерт и тие не знаеја како и каде да ме сместат. Откако им сугериравме, извадија едно крајно седиште и ме ставија во „лошо ќоше“. Можеш да замислиш како си поминав. А, сум била на концерти од Комбанк до Ериксон Глоуб Арена и сегде има посебен, слободен „појас“ за луѓе со помагала. Зошто кај нас нема, Сале?

Знам, Ирена, се сложувам. Не е утешително тоа што, ете, во спортските објекти има делумно оставени места на ниво на спортскиот терен. Затоа што спортскиот терен е за натпреварувачите, а не е за публиката. Нејсе. Повторно мислам дека сме ограничени од нивото на свест, култура. Бадијала се сите стандарди и нормативи ако не постои инстинкт во нашите глави дека објектите кои ги проектираме, ревидираме и градиме се за сите луѓе. Многу сме се расправале за вакви и слични работи. Сум се соочувал со инвеститори на јавни објекти со кои борбата ми била да успеам да ги задоволам основните проектантски барања и стандарди. Можеби во блиска иднина Филхармонија ќе го извади целиот прв ред и ќе создаде соодветен ред, а не место во „ќоше“. Ајде да пробаме.

Зборувам и за импровизациите кои ги нарекуваат рампи, по кои не може да се качи и симне планинар, не пак неподвижен човек или тој што го придружува и турка. Каде сте, вие, совесните архитекти во овие фарси? Излегувате ли за миг од вашата комфорна зона и влегувате ли во нашите чевли? Што се случи со хуманата и професионална димензија на вашиот еснаф, за не се задоволуваат елементарните потреби и законски регулативи?

Да, на лудилото му нема крај. Обоени патеки, со црвена боја кои водат директно во корпа за отпадоци или во електричен столб. Потоа, звучна сигнализација која дава спротивни знаци во однос на сообраќајната ситуација. Сѐ сме виделе, за сѐ сме збореле. Не се чувствувам воопшто удобно ниту кога се движам пеш, ниту со велосипед, ниту со автомобил. Дури и со автобус, понекогаш ми е непријатно бидејќи гледам како останатите учесници во сообраќајот немаат трошка толеранција ниту даваат предност на возило од јавен превоз кое превезува педесетина или повеќе патници.

Како минува времето сѐ повеќе добивам впечаток дека сите, па и архитектите, се вјармени во служба на капиталот и алчноста. Ова се случува од општиот работник на градилиштето, преку инженерите, па сѐ до институциите. Коруптивното поведение ја забрзува ерозијата. Знаеш, сега сме веќе во состојба кога економијата е на толку ниско ниво, што коруптивното поведение за некои значи гол опстанок. Затоа се залудни и остануваат неразбрани сите повици на хуманост, култура на живеење, толеранција, унапредување на животната средина и слично.

Според оној знак кој со години „гордо“ стои на Архитектонскиот факултет, дека градбата е непристапна, се испраќа јасна порака дека нема место за оптимизам дека нешто ќе се подобри. Кога последен пат бев таму на магистерската одбрана на сестра ми, ме креваа на раце по тој ридот од скали. Беше како сцена од Театарот на апсурдот, од која не сакам никогаш веќе да сум дел. Има ли надеж, Сале, дека јас и луѓето како мене ќе излеземе еден скорешен ден од дома без понижување, препотување и потресување?

Ирена, ти знаеш дека јас сум секогаш оптимист кога се однесува на нашиот (архитектонскиот) дел од работата. Мене ме плашат луѓето. Мене ме плашат моите сегашни и идни сограѓани кои не се информирани како се користи моторно возило, каде се пие кафе, зошто се поставува ограда. Мене ме плаши и загрижува фактот дека децата се раѓаат во урбана средина која е битно различна од таа во која ние се родивме. Ова не го велам од аспект на романтичност или носталгија, туку од аспект на физичка безбедност и култура на живеење.

Ирена, пречките ги чувствуваат сите. Сите сме изложени на несоодветен дизајн на јавниот простор. Сите сме принудени да се движиме на коловоз, наместо на тротоар. Ти се мачиш со својата количка да се качиш на тротоар, а мајка ми се мачи да ја качи количката полна со намирници. Јас немам каде да го оставам мојот велосипед. Возачот на автобус не може да стаса на време бидејќи пред него има паркирана кола со вклучени четири трепкачи. Ќе мора да продолжиме трпеливо да објаснуваме, одново и одново, на секоја нова власт, на секое ново дете, на секој нов граѓанин дека тоа што го прави или гледа не е убаво и не треба да биде така. Дека постои нешто поубаво и подобро. За сите нас.

Извор: Пркос

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото