Битката за слобода на Бритни Спирс

16.02.2021 12:35
Битката за слобода на Бритни Спирс

 
  Бритни Спирс во рефренот на хитот од почетокот на нејзината кариера пее: „Hit me baby one more time...” но додека фановите веќе со години чекаат пејачката повторно да „удри“ со нов мегахит, наместо тоа се појави нов документарец кој ги открива правните битки кои ги води ѕвездата која последните години живее во некој вид изолација без полна контрола над својот живот.

„Framing Britney Spears” (со двоен превод: „Кадрирајќи ја Бритни Спирс“ или „Наседнувањето на Бритни Спирс“) е дел од истражувачката серија на Њујорк Тајмс која се бави со правните предизвици со кои некогашната мегаѕзвезда се среќава во концептот на стрателството чиј носител е нејзиниот татко Џејми Спирс од 2008 година. Џејми речиси целосно го држи в дланка целиот нејзин живот поради што таа нема контрола над финансиите и над многу одлуки во својата кариера... Филмот паралелно го следи и движењето #FreeBritney составено од легија нејзини фанови убедени дека нејзиното семејство и менаџерскиот тим ја држат пејачката „во заложништво“.

Документарниот филм ја истражува правната основа за старателството, како и барањата кои мора да ги исполнуваат Бритни и нејзините старатели. Џејми бил старател на ќерка си до есента 2019 година, кога се повлекол поради здравствени проблеми. Бритни поднела молба за татко ѝ да остане без таа улога во август, а обожавателите сфатиле дека таа навистина сака промена. Сепак, тој се вратил како старател заедно со Bessemer Trust Company, која наводно била номинирана од страна на самата Бритни.


Филмот ја преиспитува кариерата на пејачката, американската машина за правење ѕвезда, мизогинијата, самото движење кое е против старателството, но и таблоидите и менталното здравје, особено кога се говори за „распадот на ѕвездата“.

А што мисли Бритни за сево ова? Тоа, според зборовите на режисерката и продуцентка Саманта Старк не можело да се дознае бидејќи до Бритни, која не настапила од 2019-та, невозможно е да се дојде или да се направи интервју слободно – а тоа да не е под некаква контрола или надзор – не можеле ниту од Њујорк Тајмс. Ниту нејзините родители не сакале да зборуваат за доументарецот иако повеќепати имале прилика за тоа. Досега, меѓутоа, никој не го демантирал прикажаното во документарецот.

Документарецот вклучува интервјуа со оние кои порано биле во најблискиот круг на пејачката, а тука е посебно интересна Фелиција Кулота, семејна пријателка и долгогодишна лична систентка на Бритни, која се согласила да говори откако со години одбивала.

Нејзиниот случај се претвори во „кафкијанска судска битка која повторно ги разбуди нејзините фанови и отвори важни прашања за психичкото здравје и правата на поединците“, се наведува во соопштението на Red Arrow Studios, матичната компанија на копродуцентите Left/Right.

Продуцентите се враќаат на почетокот на кариерата на Спирс – од девојчето-ѕвезда до експлозијата во поп-дива – вклучувајќи расправа за хиперсексуализираниот начин на кој е претставувана. Тие прикажуваат како постоел инвазивен интерес за секакви интимни детали од нејзиниот живот, вклучително и нејзиното тело и сексуалниот живот, што ретко се јавувало во случаите на бој-бендовите и тоа отстапувало место на интензивната таблоидна контрола на секое нејзино движење за време на нејзиното растење.

Дејв Холмс, некогашниот водител на музичката телевизија MTV, вели дека дел од трајната фасцинација која ја поттикнува Бритни Спирс веројатно потекнува од фактот дека до денес останала мистерија.

„Никогаш не сме ја познавале“, вели Холмс, додавајќи: „Сега ја познаваме уште помалку“.