Левицата мора да престане да ѝ верува на десницата дека ја придобила работничката класа

17.02.2021 00:50
Левицата мора да престане да ѝ верува на десницата дека ја придобила работничката класа

Стана вообичаено да се слуша дека Брегзитот и победата на Доналд Трамп имаат заеднички извор: незадоволството на „занемарените“. Пред четири години челниците на двата проекти побрзаа да се постават како предводници на бунтот на работничката класа, а Најџел Фараж за Телеграф изјави:

Сличностите помеѓу различните страни на изборите (2016 година во САД) многу наликуваат на нашата неодамнешна битка. Како што богатите стануваат побогати, а големите компании доминираат со глобалната економија, гласачите ширум Западот стануваат занемарени. Физичките работници во долините на Јужен Велс беа лути заради кинескиот дампинг на цените на челикот и затоа масовно гласаа за Брегзит. Во американскиот појас на бедата опадна традиционалната преработувачка индустрија, а токму на овие луѓе мошне ефективно им се обраќа Трамп.

Неговата проценка набрзо се прошири и во медиумите и некритички е прифатена од двете страни на политичкиот спектар - и покрај сè поголемите докази дека ни успехот на Трамп ни успехот на Брегзитот не произлегоа од работничката, туку од средната и високата класа, од кои и би очекувале да ги поддржат таквите елитни, реакционерни интереси.

Уште во 2016 година беше јасно дека изборот на Трамп не претставува пробив на работничката класа, како што најавуваа многумина. Како што веќе демонстрирав со Арон Винтер, иако Трамп помина подобро кај оние со ниски примања од двата претходни републикански кандидати, неговиот успех имаше поголема врска со крајниот неуспех на Хилари Клинтон. Секако, привлечноста на Трамп беше мошне слична на онаа на Џорџ В. Буш во 2004 година. Иако двајцата ги привлекоа оние со ниски приходи, повеќе од Џон Мекејн во 2008 и Мит Ромни во 2012 година, најголем дел од гласовите дојдоа од традиционално републиканската популација, односно богатите белци.

Претходните анкети укажуваат дека тој тренд продолжи и во 2020 година.

Секако, постојат делови од работничката класа кај кои Трамп помина многу добро, како белите мажи без факултетска диплома. Но, недостатокот на факултетско образование е само дел од сликата кога размислуваме за работничката класа. Ако ги погледнеме приходите, Бајден имаше значајна предност во однос на Трамп кај популацијата со пониски приходи (како и Клинтон, и покрај тоа што во тие категории помина многу полошо и од Обама и од Бајден). Впрочем, гласовите на Трамп помеѓу 2016 и 2020 година главно дојдоа од оние кои заработуваат повеќе од 100 000 американски долари: во 2016 година привлече 48 проценти од нив, во однос на 54 проценти во 2020 година. Годинава околу 22 милиони гласови за Трамп дојдоа од популацијата со пониски приходи, но тоа беше помалку од третина од неговите вкупни гласови. Затоа проблемот со Трамп и трампизмот ја надминува „работничката класа“.

Орелиен Мондон

Идејата дека Трамп е кандидат на работничката класа дополнително го поткопува едноставниот факт дека колку помалку приходи и образование имате, и колку што сте понаклонети кон занемарените, толку помала е веројатноста дека ќе гласате или дури ќе бидете регистрирани како гласач.

Кога овие гласачи би ги присилиле да гласаат, би можеле да тврдиме дека тие се насочиле кон Трамп. Можеби би било така, но факт е дека тие не гласаат; тоа е нивен избор, и тоа впечатлив избор кога повторно им се зборува дека Трамп е нивен кандидат.

Во тој контекст, вревата околу гласачката база на Трамп, впрочем сочинета од фини луѓе не го искриви само нашето разбирање за она што се случи во 2016 и 2020 година, туку и нашата стратегија како би требало левицата да одговори на тоа. Вообичаено се сугерира дека левицата би требало да се фокусира на гласачите од работничката класа кои активно одлучија да се насочат кон Трамп добро знаејќи каква е неговата политика, наместо на оние кои останаа со Демократите и покрај нивните нималку примамливи резултати по прашањето на социјалната правда, или, најпосле, на оние кои се чувствуваат сосема занемарени. Често слушаме дека левицата би требало да ги сослуша или да се помири со неколкумината кои ја поддржаа програмата која најмногу им штети на интересите на работничката класа, програма чија мета беа расизираните малцинства на работничката класа, наместо да ги слуша оние кои го извлекоа подебелиот крај на оваа политика и кои беа на првата линија прогресивните движења.

Затоа е нужно да се оддалечиме од разбирањето на работничката класа како што ја дефинираа реакционерите и да престанеме да се бориме против десницата на нејзин домашен терен. Секако, тоа не значи дека поддршката од работничката класа треба да се зема здраво за готово. Како што реков претходно, негласањето стана норма кај демографските категории кои веќе не чувствуваат дека ги претставува левицата. Антиимигрантските шолји и „dog whistle“ реториката по прашањето на имиграцијата секако не помогнаа за тоа. Затоа е клучнно не само да го промениме наративот, туку и да отпочнеме со тешка работа за обновување на врските преку порадикални програми, грасрутс организирања и народни собранија. Овој процес ќе бара непоколеблив ангажман против сите облици угнетување ако сакаме да изградиме вистинско демократско движење.

Орелиен Мондон е виш предавач по политика на Универзитетот во Бат, каде неговото истражување претежно е насочено на влијанието на расизмот и популизмот на либералната демократија. Версо неодамна ја објави неговата најнова книга Reactionary Democracy: How Racism and the Populist Far Right Became Mainstream, која ја напиша со Арон Винтер.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://slobodnifilozofski.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото