Скопје – „Токио на Балканите“

17.02.2021 11:34
Скопје – „Токио на Балканите“

Сите ние стравувавме од смртта, и покрај тоа што тешко ја прифаќаме нашата смртност. Не сум сигурна дали повеќе се плашиме дека ќе го изгубиме сопствениот живот или животот на оние кои ги љубиме. Се разбира, тој страв го метеме, или вшмукуваме со најсовремени апарати за чистење, за дезинфекција (во поново време), мислејќи дека вирусот на нашиот најголем поттикнувач за живот, вирусот на конечноста, ќе исчезне, колку поревносно го вшмукуваме со гласност, со убави слики на Instagram, со по некој сензационален пост на Фејсбук, или со некој твит кој ќе го обиколи светот како потврда дека сме (се)моќни, дека сме надмоќни.

Но, вон шпајзот полн со апарати за чистење и дезинфекција, вон компјутерот и телефонот полн со Apps и со разни вмрежувачки привиди на животот, во инсистирањето на нормалноста во услови на изместеност, дисторзираност на познатото, постои, сепак, фактот, дека умираме. И дека може во еден миг да исчезнеме од лицето на земјата. Таков миг е пандемијата на SARS-CoV-2. Таков миг е и кога земјата ќе реши да се помести, да ја измести својата оска, рушејќи ги нашите безбедни уточишта, она што го нарекуваме дом, убивајќи нѐ, но и рушејќи ги сите познати наративи на траекториите низ кои сме се движеле, низ кои сме создавале биографии. Земјотресот го руши нашиот познат, урбан пејзаж, ги краде нашите слики во кои сме ја искусувале радоста и тагата, но ги разорува и нашите внатрешни, интимни и заеднички пејзажи.


Градот во кој сум родена, и во кој го минувам до сега најголемиот дел од својот живот, на 26 јули 1963 година е разрушен од земјотрес со јачина од околу 7 степени по Рихтеровата скала, со 200.000 луѓе останати без своите домови и околу 1.100 усмртени и околу 4000 повредени луѓе. Во 05:17 минути наутро одеднаш Скопје, во неполна минута, ја прекинува својата дотогашна приказна.

Кога ќе се прекине вообичаениот хронотоп во едно книжевно дело, велиме дека се случило возбудливо поместување на хоризонтот на очекување. Но кога една елементарна непогода ќе ни го прекине сонот, или очекуваното течение на денот, велиме дека се случило насилство. Сепак, да се обидеме да согледаме, и покрај страдањето, загубата, што е бенефитот од едно вакво насилство. Скопје до 26. 07. 1963 година е полуурбана средина, иако, има долга историја на град, на урбаност. Сепак, во тој миг Скопје почнува интензивно да создава поинкави хронотопи, поинакви траектории и можност за ткаење на поинакви интимни приказни – приказни на модерноста. Одеднаш насекаде се шепоти зборот солидарност. Одеднаш и оние што се смртни непријатели, што взаемно се мразат, почнуваат да се грижат едни за други, барем за кратко, за еден кусо определен миг – ги поврзува соочувањето со смртта, загубата, тагата, несреќата, стравот. Одеднаш себичноста и лажната гостоприемливост (некаков култуолошки мит за Македонија, наследен од Отоманската империја) стануваат оперативни и вистински. Одеднаш доаѓа и Тито и Америка и Русија – ладната војна ги заборава своите цели, сите се обединуваат околу урнатините на еден живот, кој никогаш повеќе нема да биде ист.


Одеднаш, од нигде никаде доаѓа младиот, тогаш сѐ уште не толку познат архитект Кензо Танге, и ни вели – вие ќе станете новиот Метрополис. Доаѓа со својата футуристичко - јапонска визија за урбано планирање. Вели, овде ќе создадеме Токио на Балканите. Чудесни се неговите концепти. Јас ќе бев најсреќната жена на светот доколку живеев во неговиот сон (родена сум тамам во годините кога се привршуваше она што го нарекуваа проект на Кензо Танге, за подоцна да откриеме дека од тој проект има многу, многу малку). Кензо Танге ги вџашува македонските, па и југословенските урбанисти и архитекти. Ни нуди да ги деконструираме нашите митови за некакво кавзи-урбано наследство, и да започнеме со создавање нови приказни, нови урбани траектрии. Нема друго – мора да се напушти квази урбаноста и да се исцртаат храбро новите линии на градот кои треба да ја сменат нашата дотогашна навика за создавање на „маалска“ урбана историја – Кензо Танге бара од нас да почнеме да го прифаќаме новиот празен простор кој е чист, кој има јасни, остри форми и линии и многу вертикали, насочени кон небото, кој остава простор за апликација на една поиаква урбаност незаглавена со главата во бездната на „историчноста“. Ни дава шанса да создаваме нова меморија.


Нашите урбанисти, сепак, не сакаат да ја прифатат не целосно туку и многу помалку од целосно визијата на Кензо Танге. Прават пачворк од своите амбиции и фрустрации вклучувајќи по некој цитат од Танге.

Сепак... Она што е најважно од овој нов, можеби конфузен урбанитет, кој е резултат на многу тага, болка и загуба, е следното: во Скопје почнува да се динамизира отвореноста кон поинаквото, кон непознатото. Жителите на Скопје стануваат отворени за културни промени, кои можат да се случат преку ноќ. Тие стануваат флексибилни и поадаптибилни. За нив е веќе јасно дека формите на урбаноста се мноштвени и дека не можат да бидат петрифицирани во историјата. Тие никогаш нит биле Виена, нит можат да бидат Париз, ниту се она што биле вчера, но можат да бидат раскажувачки преносник на нешто што секогаш ќе биде закрпен и половичен живот - живот кој нуди можност за создвање на пејзаж што никогаш нема да биде фиксиран. Стануваат дел од непредвидливите текови на новата урбаност, која не е секогаш пријатна, но е предизвик за повеќе свртеност кон внатре, заради наметнатите непријатни урбани надворешни пејзажи.

Искуството на природната урбана катастрофа од 1963, ги подготви за искуството со политичката урбана катастрофа, наречена Скопје 2014 – тоа е уште еден земјотрес кој го промени пејзажот на Скопје. Овојпат, стануваше збор за политичко насилие.

Но, жителите на Скопје, фрагментирани, со безброј фактички и симболички земјотреси, со безброј рани и загуби, сепак, после сите искуства на урбана конфузија, имаат далбоко врежано една културна константа – дека солидарната, емпатична заедница треба да биде флексибилно тело кое секогаш ќе биде во синергија, но и во критичка релација со урбаноста.

 

 

ОкоБоли главаВицФото