Човекот што магично ги спојуваше нештата предодредени за раздор

20.02.2021 15:14
Човекот што магично ги спојуваше нештата предодредени за раздор

Немам време да ги процесирам болестите и смртта на блиските. Пандемијата ги меле и последните драгоцени мигови минати со нив. Мојата генерација е таа чии родители се или болни, или на умирање, или ги живеат своите последни проблесоци, со надеж дека ќе заминат во „небеските ниви” пред своите деца. Ги презирам новинарите, кои го кинат времето во челустa од божемните медиуми, и ги растргнуваат секундите од нашите животи, небаре хиени што кинат остатоци од плен, одамна изеден од лавот. Со оваа мисла ме затекна веста за смртта на Ѓорѓе Балашевиќ. Како лавина од сите насобрани таги се истури врз мене, како дожд од игли врз гола кожа. Знам точно како смртта на блиските и љубените ни ја одзема желбата да дишеме.

И знам како тоа чувство избледува со годините, создавајќи скрама врз душата. Смртта на Балашевиќ ја допре таа скрама во мене, наталожувана со години, и ја разбуди болката за сите мои мили, изгубени души. Тие се дел од времето на Балашевиќ, од времето чиј здив сега полека гасне и тоне во лажни револуции на некои нови и непознати деца. Не, светот нема да сопре со неговата смрт, но идејата што тој ја отелотворуваше низ песна, за мојата генерација и генерацијата на нашите татковци и мајки, и таа романтична нота во нашите животи дека сме родени и пораснати од едно заедничко јадро, за да се радуваме заедно, засекогаш – одамна згаснаа.

Балашевиќ од овој агол гледано, беше мојата Југославија. Тој беше мој симбол за единство, препознатливост, простување, заљубување, кроткост, верба и опстојување. Неговите стихови и балади беа темели на нашата младост и зрелост. Цинизмот на новите луѓе кон тоа минато, или како што тој и самиот без трунка цинизам ги нарекува, “неки нови клинци”, нема да им помогне да ја реобмислат суштината на сопственото постоење, ниту ќе им го олесни товарот што го носат. И ним им е потребен некој Балашевиќ за да им даде, ако ништо друго, топлина, блискост, кроткост, а најмногу сила и разбирање, наспроти жестина, завист и омраза, во кои тие - без своја желба и свесност се вовлечени. Балашевиќ, беше нашиот постар брат, татко, пријател, симпатија, учител. Тој беше струната на која мојата генерација заеднички ја отсвире лебедовата песна на времето кое навестуваше надеж, достоинство и заедништво. Југославија одамна не постои, но смртта на Балашевиќ како да ја скина и последната магична врска, со која тој на чудесен начин ги спојуваше нештата од ова парче земја, предодредени за раздор!

 

Слични содржини

Балкан / Став
Графички Дизајн / Став / Уметност
Општество / Став / Психологија

ОкоБоли главаВицФото