Претседателот и поетите: „Надеж“ се римува со „историја“

22.02.2021 01:59
Претседателот и поетите: „Надеж“ се римува со „историја“

Џо Бајден

Една реченица на Џозеф Бајден која можеби ви се провлече за време на смелиот говор на инаугурацијата впрочем е стих од една ирска песна која многу ја сака - копнеж за најреткото од сите сложувања, кога се „римуваат надежта и минатото“, на ирскиот нобеловец Шејмус Хини.

Преку тешките трагедии во животот - загубата на сопругата и ќеркичката во автомобилска несреќа, смртта на синот кој имаше рак на мозокот, и соочувањето со сопствените неуспеси, после двете пропаднати претседателски кампањи - Бајден се враќаше со закрепнувачката моќ на ирската поезија.

На 19 јануари, додека со солзи се простуваше од Делавер, цитирајќи го Џејмс Џојс, Бајден се потсети дека колегите во Сенатот го задевале зашто многу често ги споменувал ирските поети. „Мислеа дека го правам тоа зашто сум Ирец“, рече тој. „А јас го правев тоа зашто тие се најдобрите поети во светот.“

Можеби ќе мора да го ревидира тој став откако ја слушна невообичаено мудрата Аманда Горман, која стигна на подиумот за инаугурацијата по стапките на Роберт Фрост и Маја Ангелу. Нејзината песна, „Ридот на кој се искачуваме“, делуваше како лек за болната нација.

Но Бајден не треба да ги остави на некоја полица возбудливите стихови на младата поетеса - „Зашто секогаш постои светло/ Само ако сме доволно храбри да го видиме/ Само ако сме доволно храбри за да бидеме такви“ - или повикувањето на Хини на речиси невозможното. Зошто да не се владее со помош на поезијата ако во кампањата веќе сте користеле проза?

Кога положи заклетва пред Капитол, зградата која само пред неколку дена претходно беше на удар на толпата неинформирани, во земја која пандемијата ја зави во црно, најстарата личност на местото претседател би требало да се сети дека таму, во земјата на неговите предци, поезијата беше јазик на политиката.

Бајден е познат по својата емпатија, по својата способност да изрази сочувство и навистина да го мисли тоа, по тенденцијата да заплаче кога ќе се присети на починатите сакани личности. Но има и нешто што го имаа и лидерите од Нелсон Мандела до Абрахам Линколн - вера во моќта на реченицата „Зошто да не?“. А тоа е областа на творештвото на поетите, не на политичарите.

Хини мислеше на Мандела, тогаш штотуку пуштен од затвор додека режимот на апартхејдот се рушеше во Јужна Африка, и на вековите омраза која ја уништуваа Северна Ирска, кога ја напиша „Лекот во Троја“, и строфата која често ја цитира Бајден:

Историјата вели, немој да се надеваш
Барем не од оваа страна на гробницата.
Но повторно, еднаш во животот
Тој бран на плимата за кој си копнеел
Бранот на правдата може да надојде
И надежта и историјата ќе почнат да се римуваат.

Аманда Горман

Бајден има големи идеи, за што сведочи и појасот за спасување на економијата од 1,9 билиони долари. Повеќето Американци ќе добијат и еднократна помош од 1 400 долари, субвенции за грижа за децата и дополнителна грижа за оние кои не можат да ја платат криријата или ратите за станбени кредити. Тука е и планот за 11 милиони недокументирани имигранти кои моментално живеат во САД, да се отвори патот до државјанство.

Новиот претседател сака и да ги зголеми даноците за корпорациите, да ги зајакне синдикатите, да ја зајакне здравствената заштита, барем да ја забави егзистенцијалната закана од климатските промени и да потроши 2 билиони долари на енергија и инфраструктура. Уште првиот ден ја врати земјата во Парискиот договор.

Неговата визија е рузвелтовска кампања преку која во првите стотина дена на новата администрација, стотина милиони Американци би требало да ја примат вакцината против ковид. Ќе има многу повеќе тестирања, следење на контактите и мобилизација на силите од најмалку 100 000 луѓе за борба против вирусот.

Сето тоа е голема задача со неизвесен исход. За почеток, како ќе се постави претседателот кој го гледа доброто во секого кон пратијата која дури не му го признава легитимитетот? Како на планетата Земја да ги врати теоретичарите на заговори, како да ги смири племенските страсти кои кулминираа на 6 јануари?

Ако Бајден и Конгресот успеат во своите големи планови, ако не запрат само на измени на наредбите на претходната администрација, ќе биде запаметен по добро, дури и доколку тоа се случи само во еден мандат. И покрај тоа, можеби ќе внесе доволно свеж воздух во нашата отровна политичка атмосфера навистина да промени некои нешта.

А ако не успее, па, морам да ве потсетам на најголем дел од ирската поезија длабоко вкоренет во болката. Во таа земја официјална валута со векови беше бедата. Па сепак, во Ирска поетите успеваа да ги покренат масите на револуции и на големи нешта - најпознато е востанието на Велигден 1916 година кое помогна земјата најпосле да се ослободи од туѓата јарма.

Кога претседателот на ирска, Мајкл Хигинс на 20 јануари му испрати порака на Бајден, неговата честитка содржеше и цитат од поетот Џон О'Донохју.

А претходно, Бајден се обидуваше да го надмине пелтечењето, рецитирајќи песни од Вилијам Батлер Јејтс пред огледало.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report